фудбал

Винисиус: Секој фудбалер би сакал да игра со Мбапе

Винисиус Жуниор сезонава игра во одлична форма, а по вчерашниот натпревар во кој постигна два гола против Елче разговараше со бразилските медиуми и го спомна Килијан Мбапе.

„Сите играчи сакаат да играат со Мбапе. Тој е одличен играч како Роналдо и Меси. Се наоѓа меѓу новата генерација фудбалери и ќе биде на врвот уште многу години“, изјави Винисиус.

Оваа сезона Бразилецот игра подобро до било кога и во 14 натпревари постигна девет гола и додаде пет асистенции. И токму поради ваквата форма беше изненадување што не се најде на списокот на селекторот Тите за натпреварите на Бразил.

Следниот натпревар на Реал Мадрид е против Шахтјор во Лигата на шампионите.


Кин: Тотенхем игра здодевен фудбал

Тотенхем во сабитата загуби на домашен терен од Манчестер Јунајтед и веднаш добија критики од сите страни. Очајната партија на популарните „спарси“ веднаш ја потенцираше и легендарниот  Рој Кин.

„Тотенхем е досаден за гледање.Таму мора нешто да се менува. Има голем проблем. Губите со 2-0, а вашите дефанзивци и на корнер остануваат во нивната половина додека противникот се брани со сите единаесет. Тоа нема логика“, потенцираше Кин.


Мурињо ги посакува Далот и Линделоф во Рома

MANCHESTER, ENGLAND – MARCH 02: Diogo Dalot and Victor Lindelof of Manchester United walk off after the Premier League match between Manchester United and Southampton FC at Old Trafford on March 02, 2019 in Manchester, United Kingdom. (Photo by John Peters/Man Utd via Getty Images)

Тренерот на Рома, Жозе Мурино сака да ја засили одбраната на екипата и да ги доведе дефанзивците на Манчестер Јунајтед, Диого Далот и Виктор Линделоф. Португалецот е подготвен да испрати понуда до неговиот бивш клуб за доведување на Португалецот Далот како позајмен играч, а додека за Линделоф, од Рома би испратиле директна понуда за купување.

Според информациите од Манчестер, 22-годишниот Далот е разочаран што не добива доволно шанси за настап во тимот од Олд Трафорд по неговото пристигнување од Порто пред три години. Што се однесува до Швеѓанецот Линделоф, тој најверојатно ќе го загуби стартното место во тимот од  Рафаел Варан кој пристигна како силно засилување во екипата и не е исклучена можноста да бара клуб каде би имал загарантирано место.


Нкунку е замената за Лаказет во Арсенал

Арсенал покажува сериозен интерес за напаѓачот на Лајпциг, Кристофер Нкунку, пренесуваат медиумите на Островот.

23-годишниот Французин игра одлично оваа сезона и го привлече вниманието на многу европски гиганти. Нкунку од почетокот на сезоната има постигнато 9 гола и 5 асистенции на 14 меча за Лајпциг. Нкунку е дете на ПСЖ и пристигна во Лајпциг во 2019 година, каде има договор на уште три години.

Арсенал во него гледа идеално засилување во нападот, каде на лето најверојатно ќе остане без Лаказет.


Приоритет на Мбапе е олимпиското злато во Париз 2024 година

Килијан Мбапе одбива да стави потпис на нов договор со ПСЖ и на крајот на сезоната најверојатно ќе си замине како слободен агент.

Мбапе е голема желба на Реал Мадрид, а Флорентино Перез работи на трансферот веќе две години и се чини на лето Французинот ќе пристигне на „Сантиаго Бернабеу“.

Но, без разлика дали ќе остане во ПСЖ или ќе оди во Реал, Мбапе ќе има посебно барање до клубот, откри неговата мајка Фајза Ламари.

„Кој и да потпише, во договорот ќе мора да пишува дека клубот ќе го пушти на Олимпијадата во Париз во 2024 година. Игрите ќе бидат во неговиот роден град, а Килијан е желен да настапи на нив и да освои златен медал со Франција“, изјави Ламари.

Мбапе сакал да учествува на овогодинешните Игри во Токио, но ПСЖ не го пуштил, што дополнително го наруши односот меѓу играчот и клубот.


Мендиета: Не знам зошто Куман порано не доби отказ од Барса

Управата на Барселона во текот на оваа седмица конечно се одлучи да му даде отказ на тренерот Роналд Куман кој подолго време беше под притисок поради лошите резултати и партии на екипата од „Камп Ноу“.

Како клучен се покажа поразот од Рајо Валјекано (1-0), меч на кој нашиот Столе Димитриевски му одбрани пенал на Мемфис Депај. Сега каталонците се во потрага по нов тренер, а во меѓувреме има реакции за последниот потег на клубот. Некогашниот ас на Барселона, Гаизка Мендиета не може да разбере зошто водечките луѓе не реагирале побрзо, односно не се решиле многу порано да се ослободат од Куман кој имаше доста проблеми како во Примера така и во ЛШ.

„Мислам дека финансиите се единствената причина зошто порано не доби отказ. Иако, како што сега гледаме ако тоа се случи, не може да се избегне. Тогаш прашањето е следно, зошто ова порано не го направија“, вели Мендиета.


Легендата Костакурта знае кој е одговорен за кризата во Јувентус

Екипата на Јувентус продолжи со своите разочарувачки игри и загуби од просечниот тим на Верона во Сериа А со резултат 2:1.

 После поразот следуваа голем број на критики од навивачите на Јуве како и од многубројните фудбалски стручњаци во Италија.

Меѓу другите со свое мислење се јави и легендата на италијанскиот фудбал, Алесандро Костакурта. Костакурта истакна дека одговорноста за ваквата криза во Јувентус треба да се бара кај играчите а не кај тренерот Алегри. „Секако дека и Алегри има своја одговорност за поразите, меѓутоа во моментот јас ја гледам кривицата кај фудбалерите, кои треба да преземат поголема одговорност и да го вратат победничкиот менталитет во екипата “, истакнува Били Костакурта.


Клоп сака да го украде Рудигер од Челзи

Ливерпул внимателно ја следи ситуацијата со дефанзивецот на Челзи, Антонио Рудигер.

28-годишниот дефанзивец влезе во последната година од договорот со Челзи, а двете страни се далеку од договор во моментов.

„Сините“ сакаат да го задржат, но Рудигер има високи финансиски барања, па преговорите не течат во добра насока. Ситуацијата ја следат неколку европски гиганти, а последните информации од Островот се дека Ливерпул е спремен да ја победи конкуренцијата.


Еден Азар го напушта Реал?

Како што пренесува шпанска „Марка“, напаѓачот на Реал Мадрид е на излезна врата од клубот. Тренерот на Реал, Карло Анчелоти е подготвен да му даде дозвола на 30-годишниот Белгиец да си замине од Реал и да оди во друг клуб, доколку тоа е желба на Азар. 

Еден Азар добива се помалку шанси за игра од Анчелоти и големи се шансите тој да побара друг клуб каде ќе биде стандарден играч.

Во последно време се шпекулира дека Роман Абрамович сака да го врати својот миленик Азар на Стемфорд Бриџ. Меѓутоа во игра за негово доведување се вклучија и новите сопственици на Њукасл кои се подготвени да донесат сериозни играчи во тимот, а еден од нив би можел да биде и Еден Азар.

Азар пристигна во Реал Мадрид пред две години како огромно засилување за астрономска сума од 115 милиони евра. Оваа сезона Еден Азар настапи само на 7 натпревари и постигна 1 гол.


Гатузо од втор план изби како фаворит за менаџер на Њукасл

Њукасл започна преговори со Џенаро Гатузо за нов менаџер на тимот, пренесуваат Италијанските медиуми.

Италијанецот е главен кандидат за наследник на Стив Брус, кој доби отказ, кога пристигнаа нивите сопственици во Њукасл. Гатузо моментално е без ангажман, а неговиот менаџер Жорге Мендеш е во одлични односи со новите сопственици на Њукасл.

Гатузо не е единственото тренерско име кое се поврзува со клупата на премиерлигашот, но наводно сега е прв фаворит за празното столче.