фудбал

Дибала: Повикот на Мурињо беше пресуден да дојдат во Рома

Фудбалерот, Пауло Дибала, вчера на специјална прес-конференција беше претставен како летно засилување за екипата на Рома.

Напаѓачот пред новинарите проговори како го напушти Јувентус и зошто се определ да го облече дресот на „волчицата“.

„Повикот на Мурињо беше вистинско уживање. Првиот пат го направивме тоа заедно со Пинто а потоа еден ден одеднаш ми пиша и повторно разговаравме и мислам дека така се случи“, вели Аргентинецот.


Еден Азар: Би го укинал ВАР-от бидејќи ја убива радоста после постигнатиот гол

Најплатениот играч во шпанската Примера, Еден Азар, е еден од најинтересните фудбалери за медиумите на американската турнеја со неговиот Реал Мадрид.

Во интервју за медиумот ЕСПН, Азар открива што би променил во актуелните правила на игра, па на прашањето што прво би сменил тој ја споменува ВАР технологијата.

„Би го укинал користењето на ВАР-от, бидејќи судиските грешки според мене се составен дел од фудбалот. Но поради тоа што навивачите постојано се жалеа беше воведен ВАР. После постигнувањето на гол ние фудбалерите чекаме и губиме дел од таа радост бидејќи ја очекуваме одлуката од ВАР технологијата. Зато се залагам за укинување на ВАР.


Лисандро Мартинез со официјална промоција во Манчестер Јунајтед

Доскорешниот фудбалер на Ајакс, Лисандро Мартинез, и официјално го потпиша својот петгодишен договор со Манчестер Јунајтед.

Екипата од Олд Трафорд за 24-годишниот аргентински дефанзивец плати 57,37 милиони евра плус 10 милиони евра низ дополнителни бонуси.  Договорот е потпишан на пет години, со можност за продолжување на соработката на уште една година.

Мартинез во Јунајтед повторно ќе соработува со тренерот Тен Хаг со кого имаше успешна соработка во Ајакс.


Виња и Шомуродов на трансфер листата на Мурињо

Рома размислува за продажба на напаѓачот Елдор Шомуродов и играчот од средниот ред Матиас Виња. Двајцата играчи не импресионираа на тренинзите и Жозе Мурињо одлучи да не смета на нив.

27-годишниот Шомуродов потпиша минатото лето, кога пристигна од Џенова. Сепак, тој не успеа да се наметне во тимот на „џалоросите“, бидејќи постигна само 3 гола на 28 натпревари од Серија „А“.

Виња и се приклучи на Рома пред почетокот на минатата сезона. 24-годишниот Уругваец учествуваше на 26 првенствени натпревари, но не се запиша во листата на стрелците и направи само 1 асистенција.

18-годишниот талент Леонардо Д’Алесио кој е трансфер цел на Милан е, исто така, пред заминување од „волците“.


Скамака пристигна во Вест Хем

Доскорешниот играч на Сасуоло и репрезентативец на Италија Џанлука Скамака потпиша петгодишен договор со екипата на Вест Хем.

Вредноста на целосниот трансфер на 23-годишниот напаѓач изнесува некаде околу 35,5 милиони фунти. 

Своето деби за новиот клуб Скамака би можел да го има на 7.август кога Вест Хем во првото коло од Премиер лигата го пречекува шампионот Манчестер Сити.


Пјаниќ: Очекувам да добијам шанса од Чави во Барса

Миралем Пјаниќ кој изминатата сезона настапуваше како позајмен фудбалер во Бешикташ, очекува да добие вистинска шанса од новиот тренер на Барселона, Чави.

Фудбалерот од БИХ кој беше купен од Јувентус во 2019 година, има договор со Каталонците до летото во 2024-та.

„Ќе работиме со Чави и се надевам дека ќе имаме многу добра сезона. Не почнав добро во последните две сезони. Имав ковид-19 и имав повреди. Мислам дека можам да се вратам во претходната форма“. потенцираше Пјаниќ.


Мукиеле потпиша петгодишен договор со Париз Сен Жермен

Досегашниот фудбалер на Лајпциг Норди Мукиеле потпиша петгодишен договор со францускиот шампион Париз Сен Жермен.

24-годишниот одбранбен фудбалер својата кариера ја започна во Лавал, играше и за Монпеље, а во 2018 година направи трансфер во Лајпциг, со кого го освои германскиот куп и играше во полуфиналето на Лига Европа.

Мукиеле е трето засилување за парискиот клуб во летниот преоден рок, после доаѓањето на напаѓачот Екитике и Португалецот Витиња.


Дибала: Ќе го дадам својот максимум во Рома

Новиот фудбалер на Рома Пауло Дибала после официјалното претставување пред навивачите изјави дека ќе го даде максимумот во Рома со цел да му помогне на младата екипа да забележува повеќе победи.

Дибала после седум години во Јувентус, премина во Рома како слободен играч. Тој со римскиот клуб потпиша договор на три години.

„Стекнав големо искуство од периодот во Јувентус, клуб кој е навикнат на победи, и тоа искуство сакам да го пренесам тука уште од првиот ден“, изјави Дибала, кој уште истакна дека е подготвен да игра на било која позиција која ќе му ја додели тренерот Мурињо.

Минатата сезона во серија А Рома заврши на шестото место, и го освои трофејот во Лигата на конференции.


Азар е убедливо најплатениот играч во Ла Лига

Белгискиот фудбалер Еден Азар е убедливо најплатениот играч во шпанската Примера.

Иако Азар е далеку од својата врвна форма и ниво на игра, најповеќе поради големиот број на повреди со кои се соочуваше, тој играјќи за Реал Мадрид неделно заработува 600 илјади евра, а годишно остварува приходи од 31,25 милиони евра.

На второ место е неговиот клупски колега Карим Бензема со заработка од 24 милиони евра, додека на трето место е Давид Алаба со 22,5 милиони евра.


Виљареал сака да го откупи Џовано Ло Селсо

Виљареал е заинтересиран за трајно ангажирање на играчот од средниот ред на Тотенхем, Џовани Ло Селсо.

Шпанскиот клуб е во преговори за купување на 26-годишниот аргентински репрезентативец, според инсајдерот Фабрицио Романо. Ло Селсо е приоритетна трансфер цел на тренерот на Виљареал, Унаи Емери.

Во втората половина од минатата сезона, играчот од средниот ред играше за „Жолтата подморница“ на позајмица.

И неколку италијански клубови ја разгледуваат можноста да го добијат Ло Селсо.