фудбал

Потврдена суспензијата на Левандовски

Шпанскиот спортски суд – ТАД, ја потврди суспензијата од три натпревари во Ла Лига за напаѓачот на Барселона Роберт Левандовски.

Полскиот репрезентативец е суспендиран на три меча поради црвениот картон кој го доби на натпреварот против Осасуна, кој беше одигран во ноември минатата година пред паузата за СП во Катар.

Барселона потоа поднесе жалба на одлуката, меѓутоа ТАД ја потврди суспензијата и Левандовски ќе ги пропушти натпреварите во Ла Лига против Атлетик Билбао, Хетафе и Џирона.

Левандовски има право на настап во Суперкупот против Бетис бидејќи суспензијата се однесува само на натпревари од Ла Лига.


Ван Дајк се приклучи на листата на повредени во Ливерпул

Ливерпул загуби на гостувањето во Лондон кај Брентфорд со 3-1 и се прикажа во нависитна лошо издание, особено во дефанзивата која создава доста проблеми од стартот на сезоната. Поразот не беше единствена грижа за навивачите на Ливерпул кои почнаа да паничат уште на стартот на второто полувреме, па иако Јирген Клоп смируваше, неговата прогноза излезе дека е погрешна.

Германецот по натпреварот откри дека го извадил Вирџил Ван Дајк на полувреме поради мало затегнување на задната ложа и за да се избегнат непотребни ризици, но 24 часа по средбата, ситуацијата изгледала далеку полоша. Поради влошување на состојбата, Ван Дајк денеска ќе направи детален скен на задната ложа, но добро информираните медиуми блиски до клубот веќе откриваат дека Холанѓанецот ќе биде во аут неколку седмици.

„Ливерпул Ехо“ информира дека клубот подоцна во текот на денот ќе направи магнетна резонанца, по што точно ќе соопшти колку ќе отсуствува лидерот во одбрата на Ливерпул.


Раниери величенствено дочекан во Каљари по враќањето на тренерската клупа

Клаудио Раниери стави крај на паузата од фудбалот и се врати како тренер. Раниери ќе го води клубот кој му буди убави спомени од почетокот на тренерската кариера.

По 31 година Раниери повторно ќе го води Каљари, а на аеродромот навивачите му покажаа дека не го заборавиле. Раниери кој ја освои историската титула со Лестер во Премиер лигата покажа дека нема проблем да работи и во Серија Б ако смета дека проектот е на тимот е она што го исполнува.

„Ова е навистина е емотивен момент за мене, првпат во животот доживувам вакво нешто. Никогаш никаде не сум пристигнал со толкав ентузијазам. Сега добив уште поголем мотив да работам, се надевам дека ќе помогнам со моето знаење. Сигурно нема да биде лесно, но ќе се бориме од првиот ден до крајот на сезоната и тогаш ќе видиме што сме направиле“, изјави Раниери.


Манчестер Јунајтед и РБ Лајпциг преговараат за Дани Олмо

Манчестер Јунајтед бара засилување во нападот и замена за Роналдо, а најновото име на списокот е Дани Олмо од Лајпциг.

Олмо игра одлично во Лајпциг каде оваа сезона има постигнато 4 гола и 5 асистенции, а покажа добри партии и на Мундијалот. Олмо на лето влегува во последната година од договорот, па Јунајтед сака да ја искористи таквата ситуација и да го доведе на „Олд Трафорд“.

Шпанецот може да игра на сите позиции во нападот и совршено се вклопува во стилот на игра на Тен Хаг.


Турска Адана го враќа Хулк во Европа

Поранешниот напаѓач на Порто, Хулк го договорил личниот договор со Адана Демирспор, пренесуваат медиумите во Турција. 36-годишниот Бразилец ќе потпише договор по отворањето на преодниот рок во Турција на 12 јануари.

Хулк минатата сезона играше за Атлетико Минеиро и постигна 29 гола на 46 натпревари. Неговиот договор со бразилскиот клуб истекува на крајот на 2024 година.

Напаѓачот се прослави со Порто, каде играше од 2008 до 2012 година, а потоа имаше одлични настапи во Русија со Зенит, како и со кинескиот Шангај СИПГ.


Мане се враќа во Баерн за дуелот со ПСЖ во Лигата на шампиони

Германските медиуми пренесуваат дека сенегалскиот фудбалер Садио Мане, успешно се опоравува од повредата, и според извори од Баерн Минхен, тој се очекува да се врати на теренот порано од очекуваното.

Мане поради повреда го пропушти настапот со Сенегал на Светското првенство во Катар, кој беше елиминиран од Англија во осминафиналето од турнирот.

Во германскиот шампион се надеваат дека ќе го имаат на располагање Мане за дуелот во осминафиналето од Лигата шампионите против екипата на Париз Сен Жермен. Првиот натпревар е закажан за 14.февруари во Париз, а реваншот ќе се игра на 8. март во Минхен.


Бернардо Силва во јуни заминува од Манчестер Сити

Фудбалерот од средниот ред на Манчестер Сити, Бернардо Силва, призна дека има намера да ја продолжи кариерата во друг тим во наредните сезони.

„Во јуни ќе видиме која опција ќе биде подобра. Моментално мојот фокус е на Манчестер Сити. Мојот договор ќе заврши во моментот кога ќе наполнам 31 година. Нема да кријам дека мојата цел во наредните години веројатно ќе биде да се преселам во друга екипа“, изјави Бернардо Силва за „АС“.

Бернардо Силва му се приклучи на Манчестер Сити во летото 2017 година. На 24 натпревари за тимот оваа сезона има два гола и пет асистенции. Сите се направени во рамките на шампионатот на Англија. Договорот меѓу страните е со важност до 2025 година.


Габриел Жесус ја започна втората фаза на рехабилитацијата

Габриел Жесус ги отфрли патериците и ја започна својата програма за рехабилитација. Ова е јасно од последната објава на Бразилецот на социјалната мрежа „Инстаграм“ во која објави „стори“ на која се гледа како ги остава патериците на страна и мавта со нив збогум, а самиот Жесус пишува „пеј за слобода“.

25-годишниот напаѓач беше дел од тимот на Бразил на Светското првенство во Катар, но заработи повреда на коленото на натпреварот против Камерун.

Сепак, очекувањата во моментов се тој да може да се врати на терените дури на крајот на февруари, а Микел Артета веќе призна дека размислува дали да привлече или не неговата замена. И покрај неговото отсуство, „топчиите“ се снаоѓаат добро и ги добија двата натпревари во Премиер лигата од рестартот на сезоната против Вест Хем и Брајтон.


Роналдо ја раскина соработката со менаџерот Мендеш

Португалските медиуми пренесуваат дека Кристијано Роналдо ја раскина соработката со неговиот долгогодишен менаџер Жорж Мендеш.

Роналдо и Мендеш соработуваа повеќе од 20 година, а до раскин на соработката наводно дошла во ноември минатата година, откако познатиот менаџер му се наљути на Роналдо, кој самоиницијативно одлучи да го раскине договорот со Манчестер Јунајтед.

Роналдо потпиша договор со саудискиот клуб Ал Наср до 2025.година според кој годишно ќе  заработува 200 милиони евра. Неговиот сега веќе поранешен менаџер од овој договор требаше да добие провизија во висина од 30 милиони евра, но сега нема да добие ниту евро. Мендеш за време на соработката со Роналдо од разни провизии заработи повеќе од 100 милиони евра.


Директорот на Рома убеден дека Мурињо останува во клубот

Директорот на фудбалскиот клуб Рома, Тијаго Пинто, е убеден дека тренерот Жозе Мурињо ќе остане во клубот и покрај тоа што за негов ангажман е заинтересиран Фудбалскиот сојуз на Португалија.

Португалците бараат нов селектор откако репрезентацијата ја напушти Фернандо Сантош после остварениот слаб резултат на Светското првенство во Катар и елиминацијата во четвртфиналето.

Во медиумите излегоа шпекулации дека Фудбалскиот сојуз на Португалија сака да го доведе Мурињо, но ќе му дозволи да остане да работи и во Рома, но од римскиот клуб изјавуваат дека се навикнати на шпекулации.

„Кога имате тренер како Мурињо мора да се навикнете на гласини и шпекулации. Ништо не ги пореметува припремите на екипата и сите сме концентрирани на нашата работа. Јас сум Португалец и сум сигурен дека иднината на Мурињо е во Рома“, изјавува спортскиот директор Пинто.