фудбал

Мањан пак се повреди, ќе го пропушти Мундијалот во Катар

Голманот Мајк Мањан доживеал повторување на повредата на левата тетива, откако тој веќе беше надвор од теренот минатиот месец откако заработи повреда на левата тетива за време на настапот за репрезентацијата на Франција.

Тој беше подготвен за кам-бек овој викенд во Серија А против Монца, но почувствува болка за време на тренингот и тестовите покажаа повреда на мускулот на потколеницата. Првично беше објавено дека новата повреда е на десната нога, но сега е потврдено дека се работи за старата повреда.

Состојбата на Мањан, наводно, ќе треба повторно да се процени за десет дена, што сериозно ги намалува шансите за негов настап на Светското првенство во Катар со селекцијата на Франција.


Манчестер Јунајтед го отстрани Роналдо од тимот

Манчестер Јунајтед соопштува дека напаѓачот Кристијано Роналдо нема да биде во тимот на саботниот натпревар во Премиер лигата против Челзи.

Одлуката е донесена откако Роналдо кој на дуелот со Тотенхем на Олд Трафорд беше на клупата за резервни играчи, на неколку минути пред крајот на натпреварот самоволно си замина во соблекувалната.

Некои англиски медиуми известуваат дека Роналдо одбил да влезе во игра при крајот на натпреварот, и во знак на револт заминал во соблекувалната. Тренерот Тен Хаг одби да разговара на оваа тема, но се претпоставува дека на португалскиот голгетер нема да му биде дозволено да тренира со остатокот од екипата.


Астон Вила се раздели со тренерот Џерард

Фудбалскиот клуб Астон Вила соопшти дека му даде отказ на тренерот Стивен Џерард. Отказот следува после серијата на лоши резултати на екипата од почетокот на новата сезона во Премиер лигата.

Астон Вила два часа после поразот во Премиер лигата од Фулам со резултат 3:0, му се заблагодари на Џерард на неговиот труд и залагање и му посака успех во неговите идни планови.

Популарниот Стиви Џи на клупата на Астон Вила седна минатиот ноември кога пристигна од Глазгов Ренџерс.

Астон Вила во моментот се наоѓа на 17.позиција од табелата во Премиер лигата со девет освоени бода.


Мората: Не разбирам како функционира ВАР-системот

Во низата тренери, играчи и аналитичари кои не се согласуваат со она што се случува со ВАР-системот се приклучи и напаѓачот на Атлетико Мадрид, Алваро Мората.

Гневот на екс-напаѓачот на Јувентус го предизвика она што се случи на натпреварот против Рајо Ваљекано.

„Тоа ни остави горчлив вкус. Мене лично веќе ништо не ми е јасно, на нашиве простори се гледа се. Кога има чист пенал за нас, не се гледа вар, на други мечеви се гледа и за ситници. ВАР е тука да помогне, но ги нема истите критериуми. Пред некој ден ми беше поништен гол поради прекршок кога не го ни допрев противникот. Кога поставувате прашања, тие не ви даваат никакво објаснување. Со ВАР се треба да биде појасно и потранспарентно“, изјави шпанскиот напаѓач.


Дарвин Нуњез го оствари најбрзиот спринт во историјата на Премиер лигата

Напаѓачот на Ливерпул Дарвин Нуњез стана играч кој остварил најголема брзина во историјата на Премиер лигата.

Нуњез во еден од своите спринтови на натпреварот со Вест Хем, трчаше со брзина од 38 километри на час, што претставува рекорд на лигата и го надмина дефанзивецот на Манчестер Сити, Кајл Вокер, кој трчајќи имаше развиено брзина од 37,8 километри на час.

Дарвин Нуњез беше и стрелец на победничкиот гол за својата екипа на натпреварот одигран на Енфилд против Вест Хем, кој заврши со 1:0. За Уругваецот ова беше трет гол во Премиер лигата, а петти во сите натпреварувања за Ливерпул.


Квадрадо нема да добие нов договор, налето заминува од Јуве

Јувентус нема да му понуди нов договор на Хуан Квадрадо.

Квадрадо влезе во последната година од договорот со Јувентус и преговорите за продолжување на сорабтката пропаднаа бидејќи двете страни не можат да најдат заеднички јазик.

Тоа значи дека 34-годишниот Колумбиец на лето ќе го  напушти клубот како слободен агент.

Таквата ситуација сака да ја искористи Интер и да го доведе Квадрадо без обештетување. „Нероаѕурите“ наскоро ќе стапат во контакт со неговиот агент.


Милан и Леао преговараат за нов договор

Милан и португалскиот напаѓач Рафаел Леао започнаа разговори за нов договор, објавија италијанските новинари.

Претставниците на двете страни веќе одржале една средба, која траела повеќе од еден час. Но, сè нема да заврши со еден разговор, а страните наскоро повторно ќе се сретнат.

Според новинарот Џанлука Ди Марцио, преговорите се планирани долго време и ќе бидат тешки, бидејќи играчот има многу високи барања за новиот договорот.


Флик на 10 ноември ќе го соопшти мундијалскиот список

Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Ханси Флик, на 10 ноември ќе го објави составот за Светското првенство во Катар, соопшти Германскиот фудбалски сојуз.

Селекторот може да одреди до 26 играчи за турнирот закажан од 20 ноември до 18 декември. На проширен список  кој до петок треба да се достави до ФИФА, може да се пријават и до 55 играчи. Тие што  ќе добијат повик треба да се соберат во Франкфурт на 13 ноември.

Наредниот ден „панцирите“ ќе летаат за Оман а четири дена подоцна ќе заминат во Катар. Првиот натпревар на Германија на Светското првенство е на 23 ноември против Јапонија.


Буфон ја сонува италијанската селекторска функција

Поранешниот голман на италијанската репрезентација и Јувентус, Џанлуиџи Буфон изјави дека со задоволство би станал селектор на репрезентацијата на Италија.

„Би бил заинтересиран за работата на кормилото на италијанската репрезентација. Имам чудно чувство кога ги гледам моите поранешни колеги на теренот во Серија Б како тренери – Де Роси, Гросо, Инзаги… А јас се уште играм“, изјави 44-годишниот Џиџи Буфон.

Буфон оваа сезона има три настапи за Парма во Серија Б и прими пет гола на тие натпревари. Џанлуиџи Буфон учествуваше на пет светски првенства (1998, 2002, 2006, 2010, 2014 година). Во 2006 година, тој стана победник на СП, а беше прогласен и за негов најдобар голман.


Азар бесплатно доаѓа во Серија А

Реал Мадрид издвои големо богатство за Еден Азар, но Белгиецот никогаш не ги оправда очекувањата на „Сантијаго Бернабеу“.

Азар и оваа сезона не добива голема минутажа и главно е на клупата за резерви, па и тој сака да ја промени средината после Мундијалот. Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез е подготвен да го раскине договорот со 31-годишниот Белгиец и му порачал дека слободно може да си бара нов клуб.

Најсилен интерес за него покажуваат италијанските гиганти Интер и Јувентус, кои се подготвени да го донесат во јануари, но без обештетување.