фудбал

Милан и Леао преговараат за нов договор

Милан и португалскиот напаѓач Рафаел Леао започнаа разговори за нов договор, објавија италијанските новинари.

Претставниците на двете страни веќе одржале една средба, која траела повеќе од еден час. Но, сè нема да заврши со еден разговор, а страните наскоро повторно ќе се сретнат.

Според новинарот Џанлука Ди Марцио, преговорите се планирани долго време и ќе бидат тешки, бидејќи играчот има многу високи барања за новиот договорот.


Флик на 10 ноември ќе го соопшти мундијалскиот список

Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Ханси Флик, на 10 ноември ќе го објави составот за Светското првенство во Катар, соопшти Германскиот фудбалски сојуз.

Селекторот може да одреди до 26 играчи за турнирот закажан од 20 ноември до 18 декември. На проширен список  кој до петок треба да се достави до ФИФА, може да се пријават и до 55 играчи. Тие што  ќе добијат повик треба да се соберат во Франкфурт на 13 ноември.

Наредниот ден „панцирите“ ќе летаат за Оман а четири дена подоцна ќе заминат во Катар. Првиот натпревар на Германија на Светското првенство е на 23 ноември против Јапонија.


Буфон ја сонува италијанската селекторска функција

Поранешниот голман на италијанската репрезентација и Јувентус, Џанлуиџи Буфон изјави дека со задоволство би станал селектор на репрезентацијата на Италија.

„Би бил заинтересиран за работата на кормилото на италијанската репрезентација. Имам чудно чувство кога ги гледам моите поранешни колеги на теренот во Серија Б како тренери – Де Роси, Гросо, Инзаги… А јас се уште играм“, изјави 44-годишниот Џиџи Буфон.

Буфон оваа сезона има три настапи за Парма во Серија Б и прими пет гола на тие натпревари. Џанлуиџи Буфон учествуваше на пет светски првенства (1998, 2002, 2006, 2010, 2014 година). Во 2006 година, тој стана победник на СП, а беше прогласен и за негов најдобар голман.


Азар бесплатно доаѓа во Серија А

Реал Мадрид издвои големо богатство за Еден Азар, но Белгиецот никогаш не ги оправда очекувањата на „Сантијаго Бернабеу“.

Азар и оваа сезона не добива голема минутажа и главно е на клупата за резерви, па и тој сака да ја промени средината после Мундијалот. Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез е подготвен да го раскине договорот со 31-годишниот Белгиец и му порачал дека слободно може да си бара нов клуб.

Најсилен интерес за него покажуваат италијанските гиганти Интер и Јувентус, кои се подготвени да го донесат во јануари, но без обештетување.


Пулишиќ посакува преселба во Њукасл

Фудбалерот на Челзи и репрезентативец на САД, Кристијан Пулишиќ, одлучил во јануари да го напушти клубот и да се пресели во Њукасл Јунајтед.

Според медиумите од Англија, Пулишиќ не сака повеќе да игра за Челзи, бидејќи го изгуби местото во стартната постава на клубот од Стенфорд Бриџ.

24-годишниот Пулишиќ е играч на Челзи од 2019 година кога за 64 милиони евра пристигна од Борусија Дортмунд. Наводно од Њукасл веќе испратиле понуда за Пулишиќ до Челзи во вредност од 40 милиони евра.


Жоржињо ја одби првата понуда за нов договор во Челзи

Раководството на Челзи започна преговори за продолжување на соработката со Жоржињо, чиј договор истекува на крајот на сезоната.

Меѓутоа, медиумите пренесуваат дека Жоржињо не е задоволен од понудата на „сините“ и веднаш ја одбил.

30-годишниот италијански репрезентативец сака подолг договор, додека Челзи му нуди двегодишен договор. Притоа Жоржињо бара поголема плата од 120.000 неделно, колку што заработува во моментов.


Лацио останува без Имобиле до крајот на годината

Италијанските медиуми пренесуваат дека напаѓачот на Лацио, Чиро Имобиле, поради повреда ќе отсуствува од фудбалските терени до крајот на годината.

Имобиле се повреди минатиот викенд на натпреварот од 10.коло во Серија против Удинезе.

Од Лацио соопштуваат дека најдобриот стрелец во екипата мина детални лекарски прегледи кои покажаа дека повредата е од сериозен карактер. Клубот не наведува колкав период Имобиле ќе мора да паузира, но медиумите во Италија шпекулираат дека тој ќе биде во аут до крајот на годината.

Чиро Имобиле оваа сезона во Серија А има постигнато шест гола.


Капитенот Гаја останува во Валенсија до 2027.година

Фудбалерот на Валенсија и капитен на екипата Хосе Луис Гаја го продолжи договорот со клубот до јуни 2027.година.

27-годишниот играч од одбраната, во кариерата ги помина сите категории во Валенсија, а за првиот тим дебитира во 2012.година.

Гаја со Валенсија во 2019.година го освои Купот на Кралот, а во 2020.година дебитираше за репрезентацијата на Шпанија.


Мајкл Керик ќе биде нов тренер на Мидлсборо

Англискиот клуб Мидслсборо кој се натпреварува во Чемпионшип лигата за нов тренер на екипата ќе го назначи Мајкл Керик.

Клубот ги договорил сите услови со бившиот фудбалер на Манчестер Јунајтед, и неговото официјално именување се очекува наскоро. Ако се оди според планот новиот тренер Керик во сабота ќе го предводи Мидлсборо против Хадерсфилд.

Мидлсборо претходно се раздели со тренерот Крис Вајлдер после петтиот пораз во првите 11 натпревари во Чемпионшипот, и елиминацијата во првото коло во Лига купот од Барнсли.


Роналдо ја напушти клупата на Манчестер Јунајтед пред крај на натпреварот

Екипата на Манчестер Јунајтед одигра квалитетен натпревар во дуелот со Тотенхем и славеше победа со резултат 2:0 на својот Олд Трафорд.

Сепак вниманието на оваа средба го привлече однесувањето на Кристијано Роналдо кој покажа непочитување кон своите соиграчи и навивачи. Португалецот кој беше на клупата за резервни играчи и не доби шанса за настап на натпреварот, одлучи да го напушти теренот во 90.минута кога дуелот уште траеше.

Тренерот Тен Хаг во изјава после натпреварот не сакаше да зборува за оваа одлука на Роналдо и рече дека за тоа ќе се разговара наредниот ден. Очекувањата се дека Кристијано Роналдо ќе заработи казна од клубот и ќе се забрзаат шпекулациите околу негово заминување од Јунајтед во јануари.