фудбал

Џеко има понуда од Галатасарај

Турскиот фудбалски гигант Галатасарај е заинтересиран за доведување на напаѓот од Интер, Един Џеко.

Според информациите од Италија, челниците на Галатасарај се подготвени да му понудат на Џеко двегодишен договор со плата од пет милиони евра по сезона.

Оваа понуда со сигурност е повеќе од прифатлива за босанскиот интернационалец кој следната година ќе наполни 37 години. Иако Џеко има одлична сезона со Интер, и сите во клубот се задоволни од неговите настапи, сепак неговото продолжување на договорот со италијанскиот клуб кој истекува на крајот од сезоната најверојатно нема да се резлизира.


Милан заинтересиран за доведување на Коло Муани

Според италијанскиот весник Република, челниците на италијанскиот клуб Милан се заинтересирани за купување на репрезентативецот на Франција, Коло Муани.

Скаутите на Милан се убедени дека Муани кој е фудбалер на Ајнтрахт, би можел да игра во нападот на росонерите заедно со својот сонародник Оливие Жиру, и да го пополни отсуството на повредените Дивок Ориги и Златан Ибрахимовиќ.

24-годишниот Муани настапи на три натпревари за Франција на Мундијалот во Катар, а ќе биде запаметен и по големата шанса која не успеа да ја реализира на крајот од второто продолжение во финалето со Аргентина.


Бразил го сака Мурињо за селектор

Италијанскиот весник „Република“, пренесува дека фудбалската федерација на Бразил сака за нов селектор да го ангажира Жозе Мурињо.

Во информациите на весникот се вели дека водечките луѓе на федерацијата кои после елиминацијата на Бразил во четвртфиналето на Мундијалот во Катар ја прекинаа соработката со селекторот Тите, испратиле понуда до тренерот на Рома, Мурињо, и ќе чекаат негов одговор до крајот на јануари.

Мурињо има понуда и од неговата Португалија за да го наследи Фернандо Сантош на местото селектор.

Следниот селектор на Бразил ќе има задача да го донесе шестиот трофеј за оваа селекција на наредното Светско првенство.


Салернитана го доведе голманот Очоа

Италијанскиот фудбалски клуб Салернитана кој се натпреварува во Серија А, соопшти дека потпиша договор со мексиканскиот голман Гиљермо Очоа.

37-годишниот ветеран ќе го брани голот на Салернитана до крајот на тековната сезона, со можна опција за продолжување на соработката и во иднина.

Очоа во Серија А, доаѓа од мексиканскиот клуб Америка, а во Европа претходно има настапувано за екипите на Ајачио од Франција, Малага и Гранада од Шпанија, и белгискиот Стандард Лиеж. Очоа е рекордер по бројот на настапи во дресот на селекцијата на Мексико со 135 натпревари.


Жоргињо посакува да остане во Челзи

Фудбалерот од средниот ред на Челзи, Жоргињо, вели дека сака да остане во клубот и за сега не размислува за неговата иднина и покрај фактот што тој во јануари може да преговара за трансфер со други екипи.

Репрезентативецот на Италија, ја игра својата петта сезона на Стенфорд Бриџ, а неговиот договор со клубот од Лондон му истекува на крајот од сезонава.

Жоргињо до сега одиграл 207 натпревари за Челзи и постигна 29 погодоци. Со овој клуб е освојувач на Лигата на шампиони, Лига Европа, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство. Играчот потенцира дека во моментот размислува само за Челзи и за тоа екипата да има што повеќе победи во остатокот од сезоната.


Артета најавува нови засилувања за Арсенал

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, во изјава за англиските медиуми најави дека лондонскиот клуб активно ќе бара нови засилувања во зимскиот преоден рок.

„Ќе бидеме активни на трансфер пазарот оваа зима, и ќе ги разгледаме најдобрите можни солуции. Со сигурност ќе побараме начин со кој ќе го засилиме тимот. Секогаш бараме играч кој одговара на нашиот стил на игра и кој ќе донесе квалитет во екипата“, изјави Артета.

Екипата на Арсенал својот следен натпревар во Премиер лигата го игра на 26.декември против Вест Хем Јунајтед.


Три премиерлигаши го сакаат Рабио од Јуве

Адриен Рабио на лето готово сигурно че го напушти Јувентус, а најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Премиер лигата.

Рабио влезе во последната година од договорот и нема најави за продолжување на соработката, па на лето ќе замине како слободен агент. Челзи, Тотенхем и Ливерпул покажуваат силен интерес за Французинот и веќе во јануари ќе стапат во контакт со неговиот агент.

Рабио е слободен да преговара со заинтересираните клубови, а после одличните настапи на Мундијалот интересот за него е голем.

Трите англиски гиганти ќе водат голема битка за неговиот потпис, а Рабио бара 4-годишен договор и плата од 10 милиони евра по сезона.


Голот со „ножички“ на Ричарлисон е избран за најубав на Мундијалот во Катар

ФИФА соопштува дека голот кој го постигна репрезентативецот на Бразил, Ричарлисон, во победата на својата селекција против Србија со 2:0, е избран за најубав гол на неодамна завршеното Светско првенство во Катар.

Репрезентацијата на Бразил своето учество на Мундијалот во Катар го заврши во четвртфиналето, кога беше елиминирана од Хрватска после изведување на пенали.


Мичњевиќ си поднесе оставка, Полска остана без селектор

Репрезентацијата на Полска играше во осминафиналето на неодамна завршеното Светско првенство во Катар, но тоа не беше доволно нивниот селектор Чеслав Михњевич да ја задржи работата. Полскиот фудбалски сојуз денеска соопшти дека на 52-годишниот Мичњевич, чиј договор истекува на крајот на годината, нема да му биде продолжена соработката.

На Светското првенство во Катар, Полјаците беа во групата Ц заедно со светските шампиони Аргентина, Мексико и Саудиска Арабија и стигнаа до нокаут фазата како второпласирани.

Во осминафиналето беа поразени со 3:1 од Франција, која се пласираше во финалето.


Кутињо заминува на позајмица во Коринтијанс

Менаџерот на бразилскиот фудбалер Филипе Кутињо кој настапува за Астон Вила, објавува дека е можно неговиот клиент да ја продолжи својата фудбалска кариера како позајмен играч во Коринтијанс.

Според англиските медиуми, новиот тренер на Астон Вила, Унаи Емери, не планира да го воведе Кутињо во првата екипа. Бразилскиот напаѓач пристигна во англискиот клуб кога тренер на екипата беше Стивен Џерард, и Астон Вила за него издвои 20 милиони евра.

Кутињо претходно има настапувано и за Интер, Ливерпул и Барселона.