фудбал

Голот на Барди избран за погодок на колото во Лига Европа

Голот на македонскиот репрезентативец Енис Барди против тимот на Монако е избран за најубав во четвртото коло од Лига Европа.

Клубот за кој настапува Барди, Трабзон, издвојува висока победа од 4:0 над Монако, а нашиот фудбалер го постигна третиот гол на средбата.

Енис Барди во 57.минута реализира одличен слободен удар, шутирајќи под живиот ѕид на противничките фудбалери, совладувајќи го гостинскиот голман.


Гаљардо после осум години ја напушта клупата на Ривер Плата

Тренерот на аргентинскиот клуб Ривер Плата, Марсело Гаљардо, најави дека на крајот на годината ќе си замине од функцијата.

Гаљардо е тренер на Ривер осум сезони, а неговиот договор со клубот завршува на крајот од годината.

Ривер Плата во моментот се наоѓа на второто место од табелата со 44 бода, четири помалку од вечниот ривал Бока Јуниорс.

Гаљардо го предводеше тимот на 442 натпревари, запиша 277 победи, 11 ремија и 84 порази.


Жоао Феликс би можел да го напушти Атлетико Мадрид

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, е незадоволен од игрите на Жоао Феликс поради што португалскиот репрезентативец најчесто е на клупата за резервни играчи.

Португалецот остана резерва и на ремито на Атлетико во Лигата на шампиони против Бриж. Шпанските медиуми наведуваат дека Феликс бил огорчен што не доби шанса за настап на натпреварот и нервозно гледал и гестикулирал кон тренерот Симеоне што беше забележано и од ТВ камерите.

Жоао Феликс во Атлетико Мадрид пристигна пред три години од Бенфика за 127 милиони евра со што стана најскапо засилување во историјата на клубот. Тој оваа сезона одигра 11 натпревари во сите натпреварувања, а тренерот Симеоне има поголема доверба во Мората, Гризман, Куња и Кореа. Поради овие причини се поголема е веројатноста дека Феликс во наредниот период би можел да го напушти клубот од Мадрид и да заигра во нова екипа.


Родриго Де Пол по две години се враќа во Серија А?

Милан и Јувентус се борат за потписот на аргентинскиот плејмејкер, Родриго де Пол.

Атлетико Мадрид минатото лето за неговиот потпис на Удинезе му плати 35 милиони евра и Аргентинецот се очекуваше да биде големо засилување.

Меѓутоа Де Пол не се снајде баш најдобро во Мадрид, нема голема минутажа и би сакал да се врати во Серија А.

Де Пол е отворен да се врати во Серија А бидејќи не е задоволен во Атлетико Мадрид, па останува да видиме дали Милан или Јувентус ќе излезе како победник во трката за неговиот потпис.


Ди Марија поради повреда ќе паузира три недели

Италијанскиот фудбалски клуб Јувентус соопштува дека Анхел Ди Марија поради повреда на тетивата ќе паузира од фудбалските терени околу три недели.

Ди Марија повредата ја заработи на натпреварот од Лигата на шампионите против Макаби Хаифа во кој Јувентус беше поразен со 2:0.

Медицинскиот тим на бјанконерите наведува дека после деталните прегледи е утврдено дека станува збор за мало оштетување на тетивата од десната нога за што не се очекува долг период на опоравување.


Суарез се договорил со Лос Анџелес Галакси

Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез ќе ја предводи својата репрезентација на Мундијалот, а после тоа би можел да го промени клубот.

Како што пренесуваат „Марка“ и „АС“, легендарниот Уругваец има неколку понуди, имајќи предвид дека наскоро му истекува краткорочниот договор со Национал, а тој ја прифатил понудата од Лос Анџелес Галакси.

Трансферот би можел да се случи наскоро, поточно од ноември, кога Суарез ќе биде целосно слободен играч.

Во досегашното првенство во дресот на Национал Уругваецот постигна четири гола и ја одржува формата пред Мундијалот.


Бокети е нов тренер на фудбалскиот клуб Верона

Италијанскиот калчолигаш Верона за нов тренер на екипата го назначи Салваторе Бокети. Тој на тренерското место ќе го замени Габриеле Чофи кој пред неколку дена доби отказ од клубот.

Бокети во минатата сезона беше помошник на Иван Јуриќ со кого заедно ја предводеа Верона до 10.место на табелата. За 35-годишниот Италијанец ова ќе биде прва тренерска работа во сениорска конкуренција. 

После девет кола во Серија А, Верона има една победа и пет бодови, и се наоѓа на 18.место од табелата.


Рамос доби суспензија од три натпревари по црвениот картон во Ремс

ПСЖ во натпреварот од 10. коло во француската Лига 1 ремизираше против Ремс 0-0.

Од 41. минута ПСЖ имаше играч помалку откако исклучен беше Серхио Рамос. Шпанскиот дефанзивец прво заработи жолт картон, а веднаш потоа доби и втор поради протестите кај судијата. Дисциплинската комисија на Фудбалскиот сојуз на Франција му ја одреди казната и Рамос може да биде задоволен што помина со суспензија од три натпревари.

Така нема да го гледаме во дербито против Марсеј за три дена, потоа на гостувањето кај Ајачио и на уште еден домашен дуел против Тројес. Во Лига 1 Рамос би требало да заигра на 6. ноември кога ПСЖ ќе гостува кај Лориент.

Со оглед на тоа дека ќе одмара во првенството Галтие веројатно ќе го користи во натпреварите против Макаби Хаифа и Јувентус на 25. октомври и 2. ноември. Рамос може да биде задоволен со добиената суспензија од три натпревари бидејќи за навреди кон судијата му се закануваше суспензиja од седум натпревари.


Чави: Лигата на шампионите е многу сурова кон нас сезонава

Тренерот на Барселона, Чави Ернандес, е крајно разочаран по ремито со Интер (3-3) кое може да биде пресудно за елиминација на неговиот тим во Лигата на фудбалските шампиони.

Во групата, Баерн Минхен е сигурен патник во наредната фаза додека на „нероаѕурите“  им треба победа против Викторија Плзен за да одат понатаму. Доколку тоа се случи, шпанскиот тим ќе испадне од елитата. 

„ Сите работи се сурови за нас, од стартот во Минхен, потоа во Милано и сега тука на „Камп Ноу“. Тоа е фудбалот на највисоко ниво, сите грешки се плаќаат“, вели Чави.


Лотито: Цената на Сергеј Милинковиќ – Савиќ изнесува 120 милиони евра

После шпекулациите дека српскиот фудбалер во редовите на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, во јануари ќе го напушти римскиот клуб и ќе потпише за Јувентус, свое видување даде и претседателот на лацијалите Клаудио Лотито.

Лотито за италијанските новинари потврди дека нема договор за трансфер на Србинот во Јувентус или пак во било кој друг клуб. Тој изјавува дека цената на Сергеј расте од месец во месец и дека во моментот тој вреди 120 милиони евра.