фудбал

Баерн Минхен планира да понуди 100 милиони евра за Хари Кејн

Водечките луѓе на Баерн Минхен се подготвени во јануари да достават понуда од 100 милиони евра за напаѓачот на Тотенхем Хари Кејн.

Претседателот на Баерн во интервју за германски портал изјавил дека клубот има намера да бара вистинска замена за Роберт Левандовски и да донесе играч кој ќе гарантира 25-30 гола по сезона. Доколку Кејн се согласи на понудата од Баерн, германскиот клуб нема да штеди пари и е подготвен да плати обештетување од 100 милиони евра. 

Договорот на Хари Кејн со Тотенхем истекува во јуни 2024 година.


Луис Диаз се враќа на терените дури по Светското првенство

Напаѓачот на англискиот прволигаш Ливерпул, Луис Диаз, ќе мора подолго време да отсуствува од фудбалскиот терен поради повреда на коленото, објавија денеска британските медиуми.      

Според истите извори, колумбискиот репрезентативец ќе паузира до крајот на Светското првенство во Катар, кое е на програмата од 20 ноември до 18 декември.  Диаз се повреди во првото полувреме на првенствениот натпревар изминатиот викенд против Арсенал (2-3) кога стадионот „Емирати“ мораше да го напушти на патерици со бандажирана нога. 

Деталните лекарски прегледи констатираа дека 25-годишниот фудбалер нема да мора да го оперира коленото, но рехаблизитрацијата ќе трае долго и ќе ги пропушти следните десет натпревари на Ливерпул.


Ањели: Макс Алегри останува тренер на Јувентус до крајот на сезоната

Првиот човек на фудбалскиот клуб Јувентус, Андреа Ањели, даде свој коментар за поразот на „црно-белите“ во Израел.

Италијанскиот гигант доживеа тежок пораз од Макаби Хаифа во Лигата на шампионите, но според Ањели тоа не е доволна причина за отказ на тренерот Алегри.

„Ова беше тешка вечер и дојде период кога мора да анализираме што се случува. Ова е еден од најтешките периоди и време е за преземање на одговорност. Макс Алегри е наш тренер и имаме целосна доверба во него. Во оваа ситуација не треба да се окривува само една личност, туку целиот колектив. Можам да потврдам дека Алегри останува тренер на Јуве до крајот на сезоната“, порача Ањели.


Синот на Дејвид Бекам тренира со Брентфорд

Ромео Бекам oдлучи да тргне по стапките на татко му и да заигра во Премиерлигата, па веќе почнал да тренира со вториот тим на Брентфорд за да се обиде да добие договор во најсилната фудбалска лига.

Младиот син на Бекам во текот на тинејџерските денови играше за Арсенал, по што почна тениска кариера, но не му одеше добро во „белиот спорт“, па се врати на фудбалот и заигра за Интер Мајами.

Ромео дебитираше за А-тимот на екипата под водство на тренерот Фил Невил, но не се прослави премногу, па сега среќата ќе си ја бара во Брентфорд.

„Тајмс“ објави вест дека Ромео стигнал во Брентфорд, каде што една недела ќе тренира со екипата и ќе се обиде да добие договор.


Португалскиот селектор осуден за затајување данок

Португалскиот Арбитражен суд го прогласи за виновен селекторот на оваа земја, Фернандо Сантош поради затајување на данок.

Локалните медиуми пренесуваат дека Сантош примал плата од Фудбалскиот сојуз на Португалија преку компанија која самиот ја основал заедно со неговата сопруга. На тој начин тој успеал да го намали данокот, но не на легален начин.

Судот во Португалија одлучи дека Сантош со сопругата Гиљермина треба да вратат 4.5 милиони долари во државниот буџет поради избегнатите даночни обврски.

Сантош пред судот изјави дека бил сопственик на компанијата „Фемакос“ и пред да стане селектор на Португалија. Сепак, иако потенцира дека се чувствува како невин додаде дека после одлуката на судот ќе ги врати парите во државниот буџет.


Интер од Мајами му нуди договор на Роналдо

Дел од англиските медиуми пренесуваат дека фудбалскиот клуб Интер од Мајами сака да го ангажира Португалецот Кристијано Роналдо.

Според информациите, Интер од Мајами во кој удел во сопственоста има и бившиот англиски репрезентативец Дејви Бекам, сака да го доведе Роналдо, но под услов португалскиот напаѓач да го раскине договорот со Манчестер Јунајтед, и да пристигне во клубот од Мајами како слободен играч. 

Кристијано Роналдо има договор со клубот од Олд Трафорд до крајот на сезоната, а во летниот период имаше шпекулации дека тој сака да го напушти тимот од Манчестер.


Галтие негира било какво заминување на Мбапе

Тренерот на фудбалерите на ПСЖ, Галтие, демантира дека Килијан Мбапе, побарал да си замине од екипата уште во зимскиот трансфер период.

„Не знам за такво нешто, не знам за веста која ја објавија медиумите пред значајниот меч во ЛШ. Мбапе беше многу интензивен на дуелот со Бенфика“, вели Галтие.

Вчера голем дел од медиумите објавија дека големата ѕвезда на „светците“ побарала да си замине во наредниот трансфер период.


Џеко следното лето се сели во Баерн Минхен

Един Џеко ја игра последната сезона во Интер, а иако има 37 години игра во врвна форма.

Босанецот може да се пресели во друг европски гигант и да потпиша за Баерн Минхен, тврди „Билд“. Баварците се во потрага по најмалку еден врвен напаѓач и веруваат дека Џеко би бил идеална алтернатива во нападот.

Договорот на Џеко со Интер истекува на крајот на сезоната и ќе биде слободен агент, па Баерн сака да ја искористи таквата ситуација.


Конте добива нов договор и ќе биде најплатен менаџер во Премиер лигата

Тотенхем е подготвен да ја продолжи соработката со менаџерот Антонио Конте. Според „football365“, двете страни сакаат да се договорат за нов договор во блиска иднина.     

Доколку тренерот потпише ажуриран договор, тој би можел да стане најплатениот менаџер во Премиер лигата. Неговата плата ќе се зголеми на 23 милиони евра годишно. Актуелниот договор на Италијанецот истекува во летото 2023 година. 

Тотенхем е на третото место на табелата во Премиер лигата со 20 бодови.


Ливерпул ќе се обиде да го донесе Аргентинецот Фернандез

Екипата на Ливерпул има доста лош старт на новата сезона во Премиер лигата, па тренерот Јирген Клоп сака во јануари да ја засили екипата со доведување на играч од средината на теренот.

Според информациите од англиските медиуми изборот паднал на Аргентинецот во дресот на Бенфика, Енцо Фернандез.

21-годишниот фудбалер пристигна во Бенфика ова лето од Ривер Плата за 10 милиони евра, но доколку клубот од Лисабон се одлучи за негова продажба, неговата цена би изнесувала околу 40 милиони евра.