фудбал

Рафаел Леао е трансфер мета на Челзи и Манчестер Јунајтед

Фудбалерот на Милан и репрезентативец на Португалија, Рафаел Леао, веќе подолг период е на мета на повеќе клубови, а според најновите информации сериозен интерес за него сега покажуваат два премиерлигашки клубови.

Информациите од Островот велат дека Челзи и Манчестер Јунајтед сакаат потпис со Леао, и за таа цел веќе го контактирале раководството на Милан.

Леао со Милан има договор до јули 2024 година, а италијанскиот клуб ја одреди цената за негов евентуален трансфер и таа изнесува 100 милиони евра, и нема намера да го продаде фудбалерот за пониска цена.


Баерн Минхен започнал итни преговори со голманот Ливаковиќ

Каналот Скај Германија информира дека фудбалскиот клуб Баерн Минхен, покажува голем интерес за голманот на Хрватска, Доминик Ливаковиќ, особено после повредата на првиот голман на тимот, Мануел Ноер, кој се повреди на скијање.

Раководството на германскиот шампион веќе започнало преговори со менаџерите на хрватскиот голман. Договорот на Ливаковиќ со неговиот сегашен клуб, Динамо Загреб, истекува во јуни 2024 година, и според најавите, гигантот од Минхен ќе стори се и е подготвен да плати висока сума за обештетување, како би го довел Хрватот во своите редови.


Реал сака да го врати Хакими во Мадрид

Ашраф Хакими е еден од најдобрите десни бекови во светот, а тоа го покажа и со своите партии за Мароко на Мундијалот. Десниот бек беше дел од младинските категории на Реал Мадрид, играше за Реал Мадрид Кастиља, меѓутоа никогаш не доби вистинска шанса во првиот тим на „кралевите“.

Одличен беше на позајмицата во Борусија Дортмунд, но ниту тоа не беше доволно Реал да го купи. Ситуацијата ја искористи Интер кој го доведе и после една година го продаде во Париз за 70 милиони евра.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Реал сака да ја поправи грешката, а и самиот Хакими е спремен да се врати во Мадрид.

Мароканецот дал до знаење дека е спремен да прифати и намалување на платата за да го облече „кралскиот“ дрес.


Бускетс барал да замине од Барса уште во јануари

Серхио Бускетс побарал од клубот да му биде дозволено да замине уште во јануари, пренесуваат шпанските медиуми.

Договорот на 34-годишниот Шпанец истекува на крајот на сезоната, но тој сака да си замине шест месеци порано.

Како што е познато Бускетс веќе има договор со Интер Мајами и сака уште во јануари да се пресели во САД.

Барселона веќе почна да бара негова замена, но тешко дека ќе му дозволи да замине на средина од сезоната бидејќи е многу важен во тимот на Чави.


Објавен конкурс за нов селектор на Белгија

Фудбалската федерација на Белгија, распиша конкурс за избор на нов селектор на националната репрезентација.

Белгискиот сојуз е во потрага по нов селектор откако Шпанецот Роберто Мартинез одлучи да си поднесе оставка од селекторската позиција после елиминацијата на Белгија во групната фаза од Светското првенство во Катар.

Во соопштението се наведува дека новиот национален селектор мора да биде сериски победник со искуство во водење на врвни играчи. Тој ќе мора да знае како да направи чврста екипа во која ќе ги вклучи и младите играчи. Новиот селектор мора да биде експерт за тактика кој во работата ќе вклучува податоци, технологија и објективни параметри.

Кандидатите за новиот селектор на Белгија ќе можат да се пријават на конкурсот до 10 јануари наредната година.


Манчестер Сити подготвува богата понуда за Јошко Гвардиол

Поедини фудбалски портали излегоа со информација дека хрватскиот фудбалер Јошко Гвардиол е на прагот да направи рекорден трансфер во Премиер лигата.

Според информациите, англискиот шампион Манчестер Сити е подготвен да испрати понуда до актуелниот клуб на дефанзивецот, РБ Лајпциг,  во висина од  110 милиони евра и 20 отсто од неговиот следен трансфер. Најверојатно Сити ќе го откупи договорот на Гвардиол во зимскиот преоден рок, но ќе го остави фудбалерот да ја заврши сезоната во бундеслигашот Лајпциг.

Гвардиол пристигна во РБ Лајпциг во 2020 година од Динамо Загреб за 18,8 милиони евра. 

Пред почетокот на Светското првенство во Катар имаше доста шпекулации дека тој во иднина ќе игра за лондонски Челзи, но сега во трката за негов потпис наводна предност има Манчестер Сити.


Де Врај на радарот на Симеоне во јануарскиот преоден рок

Атлетико Мадрид е силно заинтересиран да го доведе дефанзивецот на Интер, Стефан де Врај.

30-годишниот Холанѓанец влезе во последната година од договорот и одби да го продолжи договорот со Интер, па во јануари ќе биде слободен да преговара со заинтересираните клубови.

Атлетико ја следи ситуацијата и наскоро ќе стапи во контакт со неговиот агент и сака да го доведе на лето како слободен агент.

Симеоне е во потрага по искусен стопер и верува дека Холанѓанецот ќе биде идеално засилување за тимот.

Меѓутоа, ќе треба да ја победи конкуренцијата бидејќи за Де Врај силен интерес покажува и Тотенхем.


Кристијано Роналдо тренира во тренинг базата на Реал Мадрид

Португалската фудбалска ѕвезда, Кристијано Роналдо, после завршувањето со настапите на Светското Првенство во Катар, се врати во Реал Мадрид каде беше забележан во спортската тренинг база на клубот,Валдебебас, но на посебен терен. Кристијано тренира во Мадрид за да ја одржува натпреварувачката форма, а тоа е благодарение на неговиот одличен однос со клубот.

Роналдо се уште е во преговори за свој иден клуб, при што Португалецот е поврзан со неколку тимови, а како фаворит за негов потпис се споменува клубот Ал-Насер од Саудиска Арабија.


Павард ќе го напушти Баерн Минхен после завршувањето на сезоната

Весникот Билд пренесува дека дефанзивецот на Баерн Минхен и француски репрезентативец, Бенжамин Павард,  нема намера да го продолжи договорот со баварскиот клуб. Според информациите, францускиот фудбалер ќе бара нов професионален предизвик и сака да се пресели во друг тим во летото 2023 година.

Претходно беше објавено дека за услугите на Павард е заинтересирана Барселона. Актуелниот договор на дефанзивецот со Баерн е до летото 2024 година. Според наводите, челниците на германскиот клуб се подготвени да го пуштат Павард да си замине ова лето доколку за него пристигне соодветна понуда.


Дешамп: Горд сум на оствареното од моите момци

Селекторот на француската фудбалска репрезентација Дидие Дешамп изјави дека е горд на вечерашната победа против Мароко и дека пласманот во финалето на Светското првенство е награда за неговите играчи.

„Има многу емоции, гордост. Очигледно денеска беше тежок меч. Еден месец сме заедно, никогаш не е лесно, но досега беше задоволство и моите играчи беа наградени“, изјави Дешамп.

„Триколорите“ по четвртипат стигнаа до финалето и ќе се обидат да станат првата репрезентација која ја одбранила титулата по Бразил во 1962 година. Франција е првата селекција што успеала да стигне до финалето на Светското првенство двапати по ред по Бразил во 2002 година, и првата европска селекција што го постигнала тоа по Германија во 1990 година.