фудбал

Конте добива нов договор и ќе биде најплатен менаџер во Премиер лигата

Тотенхем е подготвен да ја продолжи соработката со менаџерот Антонио Конте. Според „football365“, двете страни сакаат да се договорат за нов договор во блиска иднина.     

Доколку тренерот потпише ажуриран договор, тој би можел да стане најплатениот менаџер во Премиер лигата. Неговата плата ќе се зголеми на 23 милиони евра годишно. Актуелниот договор на Италијанецот истекува во летото 2023 година. 

Тотенхем е на третото место на табелата во Премиер лигата со 20 бодови.


Штутгарт го смени тренерот Пелегрино Матерацо

Поранешниот клуб на македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, Штутгарт е во потрага по нов тренер откако управата одлучи да се раздели со досегашниот предводник Пелегрино Матарацо.

Штутгарт е единствениот состав кој по 9. кола нема ниту една победа во Бундеслигата, па поради тоа беше решено дека е време за промена и отказ за Матарацо. Американецот три години го водеше овој клуб во кој имаше подеми и падови, добри и лоши моменти, но на секоја приказна и има крај, па така и е случајот со 44 годишниот стручњак.

„Нашето заедничко патување во Шттугарт заврши. Ова беа прекрасни години исполнети со многу неверојатни моменти и спомени кои ќе траат засекогаш. Секогаш ќе бидам благодарен што ми се укажа шансата да стапнам на тренерската скала овде. Штутгарт посебен клуб кој го разбирате само кога сте дел од него. На овој тим, на овој клуб со овие навивачи му посакувам се најдобро и максимален успех“, порача Матарацо.


Гризман останува фудбалер на Атлетико Мадрид до 2026.година

Фудбалскиот клуб Атлетико Мадрид соопштува дека Антоан Гризман потпиша договор со клубот до 2026.година.

Францускиот фудбалер досега играше како позајмен играч на Барселона, а позајмицата му истекуваше наредното лето.

Според достапните информации од медимите се претпоставува дека Атлетико ќе му исплати на Барселона 20 милиони евра, плус дополнителни четири милиони низ бонуси.

Антоан Гризман во 2019.година премина од Атлетико во Барселона за 120 милиони евра, но тој не се снајде најдобро во каталонскиот клуб па беше вратен во Мадрид на позајмица.


УЕФА го објави конечниот распоред на Македонија во квалификациите за ЕУРО 2024

УЕФА излезе со финален распоред на натпреварите во Ц-групата од квалификациите за пласман на Европското фудбалско првенство кое во 2024.година ќе се одржи во Германија.

Македонија е во група со селекциите на Италија, Англија, Украина и Малта. Нашите фудбалери квалификациониот циклус ќе го отворат во март 2023.година против Малта на домашен терен, а ќе го затворат на гости против Англија во ноември 2023.

1. коло: 23. март 2023. Македонија – Малта
2. коло: 26. март. Македонија слободна
3. коло: 16. јуни 2023. Македонија – Украина
4. коло: 19. јуни 2023. Англија – Македонија
5. коло: 9. септември 2023. Македонија – Италија
6. коло: 12. септември 2023. Малта – Македонија
7. коло: 14. октомври 2023. Украина – Македонија
8. коло: 17. октомври Македонија слободна
9. коло: 17. ноември 2023. Италија – Македонија
10. коло: 20. ноември 2023. Македонија – Англија


УЕФА нема да го прошири Европското првенство

УЕФА одлучи да не го прошири Европското првенство. Форматот со 24 тима ќе биде задржан. УЕФА ја разгледа можноста за зголемување на бројот на учесници на 32 земји, објави „Скај њуз“.     

Организацијата сметаше дека обезбедувањето дополнителни места ќе го девалвира квалификацискиот циклус на турнирот, што ќе ги направи натпреварите помалку атрактивни и ќе бара ревизија на форматот. 

За денес во 12 часот е закажана ждрепката за квалификациите за Еуро 2024 година. Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа во четвртиот шешир.


Канте го напушта Челзи

Медиумите од Англија пренесуваат дека фудбалерот на Челзи Нголо Канте не успеал да се договори со челниците на клубот околу продолжување на договорот и на крајот од сезоната најверојатно ќе си замине од Стенфорд Бриџ како слободен играч.

Францускиот фудбалер имал барање за нов тригодишен договор со Челзи, меѓутоа челниците на клубот од Лондон не се согласуваат со условите на Канте чиј договор истекува на крајот од сезоната.

Според информациите управата на Челзи не сака да го пушти Канте без обештетување па се бара начин тој да му биде понуден на некоја екипа во зимскиот преоден рок.

Канте е член на Челзи од 2016.година кога тој пристигна од Лестер.


Далот на радарот на Чави во Барселона

Манчестер Јунајтед сака да го задржи португалскиот репрезентативец Диого Далот, но интересот за него е се поголем. Шпанските медиуми пренесуваат дека Барселона сериозно се вклучила во траката за потписот на Португалецот.

Далот влезе во последната година од договорот, но Јунајтед има опција за еднострано продолжување до 2024 година.

Далот игра добро под водство на Тен Хаг од почетокот на сезоната и „црвените ѓаволи“ сигурно ќе ја актувираат опцијата за продолжување на договорот.

Чави е во потрага по десен бек и верува дека Далот идеално ќе се вклопи во неговиот систем на игра, па веќе стапиле во контакт со неговиот менаџер.


Потер го враќа Тами Абрахам во Челзи

Тами Абрахам би можел да се врати во Челзи по крајот на сезоната, тврдат медиумите на Островот.

Абрахам направи вистински потег со трансферот во Рома каде доживеа целосна афирмација и го привлече интересот на бројни клубови. Меѓутоа, италијанските медиуми откриваат дека во договорот на напаѓачот постои клаузула со која Челзи ќе може да го врати на „Стенфорд Бриџ“ за 80 милоини евра.

Со оглед на одличните игри на Абрахам и фактот што Челзи е во потрага по напаѓач, „сините“ сакаат да ја искористат опцијата и да го вратат во своите редови.

Потер е голем симпатизер на неговата игра и му ветува дека ќе има важна улога во тимот.


Тите заминува во пензија, Бразил ќе добие нов селектор

Претседателот на Фудбалската федерација на Бразил, Едналдо Родригез, изјави дека Абел Фереира, Доривал Жуниор и Фернандо Диниз, се најсериозни кандидати за нов селектор на Кариоките, објавија денеска локалните медиуми.     

Актуелниот бразилски селектор Тите одлучи да се повлече од должноста по завршување на Мундијалот во Катар. 

„Бразилскиот фудбал има непресушен извор на фантастични тренери. Можам да потврдам дека кандидати за селектор се Фереира, Жуниор и Диниз, но не е фер да зборуваме само за нив и да ги заборавиме другите, бидејќи имаме уште барем најмалку десет квалитетни кандидати“, изјави Родригез.

Тој најави дека наследникот на Тите ќе биде познат по Мундијалот во Катар. 

„Во моментов сме фокусирани на подготовките за Катар. Одлуката за наследникот на Тите ќе ја донесеме по завршувањето на Мундијалот“, изјави првиот човек на бразилскиот фудбал.


Клоп го исклучи Ливерпул од трката за титулата

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, по вчерашниот пораз во дербито со Арсенал, изјави,  дека „црвените“ се отпишани од трката за титулата во Премиер-лигата.

„Имаме проблеми но, мора да продолжиме.  Така беше и во претходната сезона. Направивме клучни грешки и примивме лесни голови“, потенцира Германецот.

Ливерпул во наредниот викенд ќе го пречека Манчестер Сити. На врвот во Англија е екипата на Арсенал со 24 бодови пред „граѓаните“ со 23.