фудбал

Повредата на Пандев не е сериозна, но пропушта неколку натпревари

Поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев, кој сега настапува во Серија Б, за екипата на Парма, поради повреда ќе ги пропушти средбите против Кремонезе и Тернана.

Пандев беше заменет од игра во второто полувреме од дуелот со Порденоне на кој беше стрелец на првиот гол во новиот тим. По завршувањето на натпреварот, од клубот информираа дека Пандев имал мал мускулен проблем но дека повредата не е сериозна.

Парма се наоѓа на 11.метсто од табелата, со освоени 28 бода.


Лоран Блан не е повеќе тренер на Ал Рајан

Поранешниот светски и европски шампион со Франција, Лоран Блан, повеќе не е тренер на катарскиот клуб Ал Рајан. 

Причината за разделбата на Ал Рајан со 56-годишниот Французин се лошите резултати на екипата. Во моментов, тимот е само деветти од вкупно 12 екипи во катарскиот шампионат, иако Ал Рајан располага со одлични фудбалри како Колумбиецот Хамес Родригез и Французинот Стивен Нзонзи.


Холанѓанецот Де Врај го напушта Интер ова лето

Стефан де Вриј на крајот на сезоната би можел да го напушти миланскиот гигант, пренесуваат италијанските медиуми.

Договорот на Де Вриј со Интер истекува во јуни 2023 година, нема најава за негово продолжување, па Холанѓанецот на лето ќе влезе во последната година од договорот.

Интер е спремен да го продаде, а најсилен интерес за неговиот потпис покажува Тотенхем.

Конте сака да ја засили одбраната, а одлично го познава Де Вриј и смета дека би бил идеално засилување за неговиот тим. Холанѓанецот исто така е спремен да се пресели во Премиер лигата.

„Спарси“ се спремни за неговиот потпис да понудат 30 милиони евра, а Интер како негова замена сака да го донесе Бремер од Торино.


Карим Бензема се враќа во тимот за дуелот со ПСЖ во Лигата на шампионите

Карим Бензема се најде на списокот со играчи на Реал Мадрид за гостувањето кај Париз Сен Жермен во првата пресметка од осминафиналето на Лигата на шампионите. 

Искусниот напаѓач три недели е надвор од терените откако се здоби со повреда. Неговото враќање во тимот беше одложено, бидејќи тренерот Карло Анчелоти беше категоричен дека нема да ризикува со неговото опоравување. Според денешните информации, Бензема одржа целосен тренинг со екипата и е спремен за настап во Париз.


Иднината на Ди Марија е во Серија А

Анхел ди Марија има договор со ПСЖ до крајот на сезоната, но најверојатно нема да ја продолжи соработката со „светците“.

„Л Екип“ пренесува дека ПСЖ нема намера да му понуди нов договор на 33-годишниот Аргентинец и му порачал дека може да си бара нов клуб.

Неговиот агент Жорж Мендеш го понудил Аргентинецот на италијанските гиганти Милан и Наполи, пренесуваат медиумите на Апенините. „Росонерите“ бараат засилување за десната крилна позиција, но се уште не дале конечен одговор за негов ангажман.

Од друга страна Наполи е силно заинтересиран и во Ди Марија гледа замена за Инсиње, но проблем може да биде високата плата на Аргентинецот.


Џо Гомез најнова желба на Анчелоти во Реал

Реал Мадрид покажува сериозен интерес за дефанзивецот на Ливерпул, Џо Гомез, пренесуваат медиумите на Островот.

Анчелоти сака да ја засили одбраната, па прва мета на „кралевите“ е токму Гомез од Ливерпул.

24-годишниот Англичанец има проблем со повредите оваа сезона, па запиша само четири настапи за Ливерпул, но веќе се етаблираше во еден од најдобрите млади стопери во Европа.

Гомез е прва желба, но не е единствена опца за Реал, кој внимателно ја следи ситуацијата и со Рудигер од Челзи, Кунде од Севиља и Пау Торес од Виљареал.


Инсиње го надмина Марадона по бројот на голови за Наполи

Напаѓачот на Наполи, Лоренцо Инсиње ја надмина легендата Диего Марадона по бројот на постигнати голови за клубот. 

30-годишниот Италијанец постигна гол од пенал на натпреварот од 25. коло на италијанското првенство против Интер кој заврши со резултат 1:1.Ова беше негов 116-ти гол за Наполи, со кој се најде на третата позиција на листата најдобри стрелци во историјата на клуб. Лидер е Дрис Мертенс со 144 гола, а зад него е Марек Хамшик со 121.

Диего Марадона играше за Наполи од 1984 до 1991 година и има 115 гола за тимот.


Стадион во Сенегал ќе го носи името на Садио Мане

Новоизградениот стадион во сенегалскиот град Седиу ќе го носи името на напаѓачот на Ливерпул, Садио Мане. Веста ја соопшти градоначалникот на градот, кој е и министер за култура и комуникации на Сенегал.

Пред неколку дена Мане и неговите соиграчи од Сенегал ја освоија историската прва титула во Африканскиот куп на нации, а напаѓачот беше избран за најдобар играч на турнирот.

Покрај на фудбалскиот терен, Мане е често вклучен во добротворни настани во својата татковина, а во последните години помогна во изградбата на болница и училиште.

Токму поради оваа причина Сенегал одлучи да му оддаде почит на Мане со именување на стадион по него. Објектот треба да биде готов следната година.


Подзаборавениот Вилшер се сели во Серија Б

Џек Вилшер сепак би можел да заигра во Италија.

Поранешниот капитен на Арсенал е без клуб од минатата сезона кога го напушти Бурнемоут. Тренираше со Арсенал и имаше желба да потпише договор со неговиот поранешен клуб. Со „топџиите“ беше и на зимскиот камп во Дубаи, сепак нема да добие договор.

Сега се најавува дека Вилшер ќе продолжи во Италија. Нов клуб на поранешниот англиски репрезентативец би можел да биде Комо. Преговарач е Паоло Анони, некогаш играч на Рома, тој изјави дека англискиот репрезентативец е повеќе од можност за италијанскиот тим.

Комо е на средина на табелата, но се уште има можност да се вмеша во борбата за бараж за елитата. Вилшер со преминување на „Чизмата“ се поврзуваше и минатото лето, меѓутоа тогаш преговорите пропаднаа.


Почетино пристига во Манчестер Јунајтед во пакет со Хари Кејн

Веќе е познато дека главен кандидат за постојан тренер на Манчестер Јунајтед за наредната сезона е актуелниот тренер на ПСЖ, Маурицио Почетино.

Англискиот „Дејли телеграф“ ја пренесува информацијата дека доколку Почетино навистина стане тренер на Манчестер Јунајтед, тогаш негово прво засилување во тимот ќе биде напаѓачот Хари Кејн.

Почетино има големо почитување кон англискиот репрезентативец после нивната заедничка соработка во екипата на Тотенхем.

Хари Кејн минатото лето беше многу блиску до заминување во тимот на Манчестер Сити кој за него достави понуда од преку 100 милиони евра, меѓутоа истата беше одбиена од сопственикот на Тотенхем, Леви.