фудбал

Бензема добива нов договор во Мадрид

Еден од најважните играчи на „кралевите“ минатата сезона без дилеми беше францускиот напаѓач Карим Бензема кој игра во фантастична форма.

34-годишниот Французин го однесе Реал до европскиот трон и е главен кандидат за „Златната топка“ оваа година.

Неговиот договор со „кралевите“ истекува на крајот на сезоната, но Реал веќе спреми нов договор за голгетерот.

Најавите од Шпанија се дека Реал сака да го задржи Бензема најмалку до 2024 година и почнал преговори со неговиот агент.


Кеси повреден се врати од Милано, нови грижи за тренерот Чави

Уште еден играч е додаден на списокот на повредени играчи во Барселона. Играчот од средниот ред Франк Кеси, кој влезе како замена на гостувањето во Лигата на шампионите кај Интер во вторникот вечерта, заработи повреда на мускулот на десниот бут.

Од клубот соопштија дека 25-годишниот фудбалер ќе биде подложен на дополнителни лекарски прегледи и засега нема дефинитивна прогноза за времетраењето на неговото опоравување.

Франк Кеси има 8 настапи за каталонскиот тим откако потпиша како слободен играч во летото, влегувајќи како замена на 6 од натпреварите. Тој се приклучува на остатокот од повредените во тимот на Барселона – Андреас Кристенсен, Роналд Араухо, Жил Кунде, Хектор Белерин, Френки де Јонг и Мемфис Депај.


Сериозно се повреди голманот на РБ Лајпциг

Голманот на РБ Лајпциг, Петер Гулачи, заработи тешка повреда на коленото при победата од 3-1 против Селтик во текот на вчерашниот ден на средба во Лигата на шампионите и ќе отсуствува најмалку неколку месеци. Ова го соопштија од клубот по натпреварот.

„Нашиот капитен заработи скинати вкрстени лигаменти на десното колено и ќе биде надвор од терените подолг период. Во наредните денови ќе бидат извршени дополнителни прегледи за да се утврди точниот обем на штетата“, пишува на Твитер профилот на клубот.

Унгарскиот интернационалец се повреди на самиот почеток од натпреварот и долго време добиваше лекарска помош.

„Тешко е да се загуби Петер. Тој е капитен и главен столб во одбраната на Лајпциг“, изјави по средбата тренерот на тимот Марко Розе.


Барса и Атлетико се договорија за обештетувањето на Гризман

Антоан Гризман е блиску до конечна преселба во Атлетико Мадрид од Барселона. Клубовите наскоро ќе потпишат договор за трансфер на францускиот фудбалер за 20 милиони евра плус 2 милиони бонуси, соопштува „Relevo“.     

Така, страните се откажуваат од клаузулата за откуп на напаѓачот по закупот за 40 милиони евра. Атлетико повеќе нема да мора да го пушта 31-годишниот играч по 60. минута за да ги избегне задолжителните услови за откуп. 

Самиот Гризман ќе потпише нов долгорочен договор со намалување на платата за 30% – до 7 милиони евра годишно.


Алекс Мерет го продолжи договорот со Наполи до 2024.година

Голманот на фудбалскиот клуб Наполи Алекс Мерет го продолжи договорот со клубот до 2024.година.

Неговиот договор истекуваше на крајот од оваа сезона, а со новиот договор Наполи ќе ја продолжи соработката на уште една година.

25-годишниот Мерет во својата кариера бранел за Удинезе и Спал, а има запишано и два настапи за репрезентацијата на Италија.

Наполи после осум одиграни кола во Серија А е лидер на табелата со освоени 20 бода.


Бајер Леверкузен го смени Сеоане и за нов тренер го назначи Чаби Алонсо

Од Бундеслигашот Бајер Леверкузен соопшуваат дека клубот ја прекина соработката со Швајцарецот Херардо Сеоане и за нов тренер на екипата го назначи Шпанецот Чаби Алонсо.

Алонсо со новиот клуб потпиша договор до 30.јуни 2024.година. Шпанецот како играч од средината на теренот е двократен освојувач на Лигата на шампионите, со Ливерпул во 2005.година и со Реал Мадрид во 2014.година. Својата играчка кариера ја заврши во Германија настапувајќи во тимот на Баерн Минхен со кој освои три шампионски титули.

40-годишниот Алонсо својата тренерска кариера ја започна водејќи ја младинската екипа на Реал Мадрид и Б тимот на Реал Сосиедад.


Барса не престанува да го следи Маркус Рашфорд

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд и понатаму е интересен за Барселона. Каталонскиот клуб продолжува да го следи 24-годишниот играч, летото двете страни разговараа за потенцијален трансфер, но зделката не дојде до реализација.

Манчестер Јунајтед има намера да го продолжи договорот со Рашфорд, стравувајќи од негово можно заминување во Барселона.

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд неодамна беше прогласен за најдобар играч во септември во англиската Премиер лига. 24-годишниот Англичанец на два меча во септември постигна два гола и имаше две асистенции. Рашфорд ја доби наградата по втор пат во кариерата, откако претходно ја доби оваа награда во јануари 2019 година.


Венгер: Арсенал е зад Сити, уште има шанса за титулата во Премиер лигата

Арсен Венгер смета дека „топџиите“ оваа сезона се вториот најдобар тим во Англија зад Манчестер Сити и дека имаат добри шанси за титулата.

Арсенал е на првото место на табелата со 21 бод, еден повеќе од Манчестер Сити. Венгер верува дека оваа година титулата може да заврши на „Емирати“.

„Лично јас би го поставил Арсенал само зад Сити. Но, и вториот најдобар тим во лигата има шанса за титулата. Манчестер Сити во одреден дел од сезоната ќе се фокусираат на Лигата на шампиони. Не ја знаеме вистинската форма на Ливерпул, но тие веќе заостануваат 11 бода. Да си 10 бода зад Сити е како да треба да искачиш планина. Челзи не изгледаат постојано во моментов и не верувам дека ја имаат самодовербата, исто како и Тотенхем“, изјави Венгер.


Лос Анџелес Галакси ќе биде новиот клуб на Луис Суарез

Луис Суарез на крајот на минатата сезона го напушти Атлетико Мадрид и одлучи да се врати во Уругвај во дресот на Национал.

Меѓутоа, Суарез не е премногу задоволен во Национал и верува дека може уште да игра на високо ниво. Тој е спремен да го раскине договорот кој му истекува на крајот од годината, а наводно веќе нашол нов клуб.

Имено, после Мундијалот Суарез ќе се пресели во МЛС лигата и ќе го облече дресот на Лос Анџелес Галакси.


Чеферин: Идејата за Суперлигата е мртва

Претседателот на УЕФА Александар Чеферин му одговори на Флорентино Перез околу обновувањето на идејата за Суперлигата.

Набрзо откако претседателот на Реал Мадрид Флорентино Перез на годишното собрание на мадридскиот клуб порача дека идејата за основање на фудбалска Суперлига не е мртва, Чеферин му испрати јасна порака дека тој нема да дозволи такво натпреварување.

„Веќе предолго зборуваме околу тоа. За мене идејата за Суперлига повеќе не постои. Ми пренесоа што се случувало во неделата и што изјавил Перез. Тој практично бара и ја промовира идејата фудбалот да се затвори и големите клубови да не играат повеќе со мали клубови. Тоа бара  да се промени целиот европски модел. Таквата идеја не заслужува коментар затоа што би предизвикала голема разлика помеѓу сиромашните и богатите клубови што би ја нарушила рамнотежата во фудбалот“, јасно порача Чеферин.