фудбал

Барса ги продава ветераните за да го намали платниот список

Барселона сака да го намали платниот список за речиси 200 милиони евра. Според „Диарио Спорт“, во следните две години каталонскиот клуб има намера да продолжи да работи на намалување на списокот за плати.

Во моменто платниот список на Барселона е тежок 610 милиони евра. Во клубот сметаат дека идеалната опција би била да трошат 420-450 милиони евра за плати. Барселона смета дека оваа сума ќе му овозможи на клубот да остане конкурентен.

Клучот за падот на платите е иднината на капитените на тимот Жорди Алба, Серхи Бускетс и Жерар Пике. Ако си заминат следното лето, тогаш Барса ќе биде многу поблиску до посакуваниот буџет за плати.


Меси нема да го продолжи договорот со ПСЖ

Аргентинскиот напаѓач во екипата на ПСЖ, Лионел Меси нема да го продолжи договорот со парижаните, објави новинарот Микел Бласкез на својот Твитер профил.

Претходно Меси изјави дека конечно се адаптирал во Франција и повторно ужива во фудбалот. Беше објавено дека Барселона размислува за враќање на аргентинскиот напаѓач во клубот.

Меси за парижаните игра од 2021 година, каде што се пресели од Барселона. Договорот на напаѓачот со клубот е до 2023 година.

По осум одиграни кола во францускиот шампионат, Меси постигна четири гола и даде седум асистенции. Во рамките на Лигата на шампионите, по две средби, Аргентинецот има еден гол и една асистенција.


Јуве има огромен долг и го тресе голема финансиска криза

Сериозните финансиски загуби кои Јувентус ги најави за изминатата година најверојатно ќе ја принудат „старата дама“ на драстични мерки.

Екипата од Торино објави рекордни загуби од 254,3 милиони евра. По завршувањето на сезоната се очекува да си заминат неколку играчи што добиваат високи плати со што ќе се  олесни буџетот и ќе се балансираат финансиите.

Станува збор за Хуан Куадрадо, Адриен Рабиот, Анхел Ди Марија и Алекс Сандро.


Халанд: Баерн ми беше втор избор после Сити

Норвешката фудбалска звезда Ерлинг Халанд, открива интересни детали за неговиот трансфер во Манчестер Сити. Напаѓачот за своето решение за трансфер во Сити зборува во документарниот филм „Големата одлука“.

Халанд во документарецот открива дека голем број на играчи на Сити го наговарале да потпише за клубот после четвртфиналето во ЛШ со Борусија Дортмунд. Една од битните работи за неговата одлука бил и фактот дека тренер на Сити е Гвардиола кој според него е најдобар тренер во светот.

Според Халанд, Манчестер Сити бил најдобар тим на неговата листа за трансфер, а на второ место бил Баерн Минхен. Како трет клуб го споменува Реал а после него ПСЖ.


Инвеститор од САД го купува Евертон

Американецот Мациек Камински, инвеститор со седиште во Минесота, е на чекор да го купи англискиот фудбалски прволигаш Евертон за 400 милиони фунти, пренесуваат денеска британските медиуми.     

Истите извори наведуваат дека преговорите меѓу сегашниот сопственик Фархад Мосхири и малку познатиот американски бизнисмен се во поодмината фаза, меѓутоа и натаму се комплицирани поради нестабилниот финансиски пазар во Велика Британија. За евентуален договор за продажба на Евертон е потребно одобрение од раководството на Премиер лигата. 

Евентуалната продажба на Евертон на Камински ќе значи дека половина од 20 премиерлигашки клубови ќе имаат американски акционери.


Конте шпекулациите околу неговиот премин во Јувентус ги нарече непочитување

Италијанскиот стручњак и тренер на Тотенхем Антонио Конте, гласините околу неговиот можен премин во Јувентус ги нарече непочитување кон него и кон тренерот на Јувентус Масимилијано Алегри.

„Само што ја започнавме сезоната. Многу пати сум велел и пак ќе речам дека сум среќен во Тотенхем. Имам одличен однос со сопственикот на клубот. Не гледам зошто би имало проблеми во иднина“, изјави Конте.

Антонио Конте минатата сезона успеа да го врати Тотенхем во Лигата на шампионите, а оваа година е непоразен во првите седум кола и го зазема третото место во Премиер лигата.

Италијанецот во минатото ја освојувал титулата во Серија А и како играч но и како тренер на Јувентус.


Мегваер ќе го пропушти градското дерби на Манчестер

Англискиот дефанзивец во екипата на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер е можно да го пропушти натпреварот од Премиер лигата против Манчестер Сити, објави „Дејли Мејл“.

Според информациите, дефанзивецот се повредил на натпреварот за Англија во натпреварот од Лигата на нации против Германија. Играчот можеби нема ни да влезе во составот на тимот за оваа средба.

Мегваер остана два часа на стадионот „Вембли“ по дуелот против Германија. Според „Мирор“, дефанзивецот сакал да разговара со селекторот на Англија, Герет Саутгејт за неговата игра. Мегваер направи две грешки, а како резултат на тоа, повторно беше подложен на сериозни критики.


Мерет добива нов договор во Наполи

Наполи се договори за нов договор со голманот Алекс Мерет, кој би можел да стане слободен играч на крајот од сезоната.

25-годишниот италијански репрезентативец ќе потпише договор со „наполитанците“ до јуни 2024 година со опција за продолжување на уште една сезона.

Наполи решил да го задржи Мерет откако не успеале да се договорат за голманот на ПСЖ, Кејлор Навас.


Бензема подготвен за натпреварот со Осасуна

Напаѓачот на Реал Мадрид Карим Бензема изјави дека ќе биди подготвен за претстојниот дуел со Осасуна во рамките на седмото коло од Примера. Натпреварот помеѓу двата клуба на распоред е на втори октомври.

Бензема поради повреда на тетивата и мускулот од десната нога имаше пауза од три недели.

Францускиот фудбалер оваа сезона за Реал одигра шест натпревари и постигна четири гола. Кралскиот клуб е прв на табелата во Ла Лига со 18 бодови.


Сити спремен да се раздели со Бернардо Силва

Манчестер Сити може да дозволи играчот од средниот ред Бернард Силва да замине во друг клуб во 2023 година, доколку „Граѓаните“ добијат рекордна понуда за играчот.

Актуелниот шампион на Англија ќе биде подготвен да го продаде 28-годишниот фудбалер следното лето доколку добие понуда од 100 милиони евра, пишува „Манчестер Ивнинг њуз“.

Наводно Барселона би можела да се обиде да го ангажира Португалецот во зимскиот преоден рок доколку успее да се ослободи од непосакуваните играчи. Во овој случај, Каталонците ќе можат да ги вложат добиените средства во купување на Бернардо Силва.

Бернардо Силва се пресели во Манчестер Сити во 2017 година. Заедно со тимот освои 11 трофеи. Оваа сезона играчот забележа 10 настапи за „Граѓаните“ во сите натпреварувања, постигнувајќи 2 гола и 3 асистенции.