фудбал

Дешамп: Не смееме да ја потцениме Полска

Селекторот на француската фудбалска репрезентација, Дидие Дешамп, изјавува дека неговите фудбалери не смеат да ја потценат селекцијата на Полска, со која актуелните светски прваци ќе се сретнат во осминафиналето од СП во Катар.

„Полска е тим со кој немаме навика да играме. Имаат искусни играчи, а ќе го издвојам Роберт Левандовски кој е еден од најдобрите напаѓачи во светот“, изјави Дешамп на прес-конференцијата пред натпреварот.

Дешамп додаде дека полската екипа има добра организација и чврст став и дека е тим кој никако не смее да се потцени.

Осминафиналниот натпревар помеѓу Франција и Полска се игра во недела од 16.00 часот.


Томас Милер замина во репрезентативна пензија

После 122 натпревари за Германија и 44 постигнати гола Томас Милер најави пензија од репрезентацијата после вчерашната елиминација на Германија во групната фаза. Германија ја победи Костарика, но Јапонија славеше над Шпанија и така заврши турнирот за Германците. По натпреварот Милер најави повлекување од репрезентацијата.

„Ако ова беше мојот последен натпревар, ми беше посебна чест и задоволство. Се што направив, беше со срце и љубов за овој дрес. Поминав неверојатни моменти, го оставив срцето на терен“, изјави Милер.

Во кариерата во репрезентацијата Милер во 2014 година стана светски шампион со Германија.


Швајнштајгер критичен кон германските фудбалери

Некогашниот фудбалски репрезентативец на Германија, Бастијан Швајнштајгер, вели дека играчите се виновни за елиминацијата од Светското првенство во Катар.

„Одговорноста е на играчите. Навистина сум разочаран и шокиран. Ја немаше посакуваната борбеност и активност. Разочарувачки за сите нас“, изјави Швајнштајгер.


Дани Алвес станува највозрасниот капитен на Бразил на Светските првенства

Ветеранот во селекцијата на Бразил, Дани Алвес, ќе стане највозрасниот капитен во историјата на оваа репрезентација на Светските првенства, откако селекторот Тите, одлучи да го вклучи во тимот за дуелот со Камерун.

39-годишниот Алвес, се опорави од повредата пред СП, и ќе ја добие честа да ја носи капитенската лента на натпреварот со Камерун. Доколку Бразил избегне пораз на оваа средба, тогаш ќе го заземе првото место во групата Г, после победите над Швајцарија и Србија.

Алвес во изјава пред мечот вели дека во 16 години колку што е член на селекцијата секогаш го давал својот максимум и дека животот ги наградува оние кои го прават тоа што го сакаат.


Луис Енрике: Нема многу причини за славење

Селекторот на фудбалската репрезентација на Шпанија, Луис Енрике, не можеше да објасни што се случи со неговиот тим во второто полувреме од натпреварот со Јапонија, во последниот натпревар од групата Е на СП во Катар.

Шпанија на овај дуел беше поразена од Јапонија со 2:1, иако на полувреме имаше водство од 1:0. Шпанија на крајот го освои второто место во групата и обезбеди пласман во осминафиналето каде ќе игра против Мароко. 

„Во пет минути изгубивме целосна контрола на секој дел од теренот. Влеговме во паника. Не можев да го препознаам мојот тим во тие  моменти. Се пласиравме во осминафиналето на СП, но нема друга причина поради која треба да славиме. Ја исполнивме нашата цел и тоа е најбитно“, изјави Енрике.


Флик после испаѓањето на Германија: Мојот тим и јас направивме добра работа

Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Ханси Флик, изјави дека сега не е време да зборува за неговата иднина на селекторското место, и дека таа одлука не зависи само од него.

Германија ја победи Костарика со 4:2, во последното коло од групата Е, но и покрај победата Германија го заврши своето учество на Мундијалот. Оваа репрезентација заврши на третото место со освоени четири бода, а пласман во осминафиналето обезбедија Јапонија и Шпанија.

„Работата со овој тим ме мотивира. После натпреварот не е време да зборувам за иднината. За брзо време ќе направам анализа и ќе се одлучи што и како понатаму. Мојот тим и јас остваривме добра работа, и направивме добра селекција. Имавме доста шанси против Јапонија и Шпанија кои моравме да ги искористиме. Во иднина ќе мора да се фокусираме на младите генерации“, изјави Флик.


Крај на една ера: Мартинез повеќе не е селектор на Белгија

Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез, ја напушти функцијата после елиминацијата на рпрезентацијата во групната фаза од Светското првенство во Катар.

Белгија во последното коло од групата Ф одигра натпревар без голови против Хрватска, и не успеа да се пласира во осминафиналето од шампионатот.

„Ова беше мој последен натпревар во репрезентацијата. Се збогувам од репрезентацијата и во моментот имам многу емоции. На минатото Светско првенство завршивме како трети, а сега првенството го завршивме во групата и тоа секако е неуспех за белгискиот фудбал“, изјави Мартинез.


Левандовски: Тунис ни покажа дека имаме шанси против Франција

Напаѓачот на полската репрезентација Роберт Левандовски ги сподели своите очекувања пред натпреварот од осминафиналето на Светското првенство со француската селекција. Натпреварот ќе се одигра во недела на четири декември во 16:00 часот.

„Франција е фаворит. Треба да се подобриме ако сакаме да им создадеме проблеми, особено да понудиме повеќе можности во нападот. Имаат одличен тим, но нивниот натпревар со Тунис покажа дека се е можно (Франција загуби со резултат 0-1) . Ова е голем предизвик за нас. Знаеме какви играчи имаат, но мора да ја искористиме шансата, да се обидеме да дадеме се од себе, да се бориме. Знаеме дека Франција е актуелен светски шампион, а можеби ќе може да освои уште една титула. Така што ова ќе биде голем предизвик за нас. Ќе мора да играме подобро отколку со Аргентина“, изјави Левандовски.


Нејмар нема да игра ниту во осминафиналето на Мундијалот

Нејмар се повреди во првиот меч на Мундијалот против Србија. Веднаш стана јасно дека Нејмар ќе ги пропушти следните два меча во групата, но надежите беа дека ќе се врати во осминафиналето.

Бразилските медиуми денес пренесуваат дека мали се шансите Нејмар да се опорави за осминафиналето.

Бразил се пласираше во осминафиналето и чека противик од групата во која за пласман се борат Уругвај и Гана, па отсуството на Нејмар сигурно ќе биде проблем за селекторот Тите.


Почетино нема против да стане селектор

Маурицио Почетино во изјава за англискиот Скај Спорт изјавува дека е подготвен да се врати на тренерската работа, велејќи дека е заинтересиран за позицијата селектор.

Аргентинскиот тренер е без ангажман од јули оваа година кога доби отказ во Париз Сен Жермен, а сега после неколку месечна пауза најавува враќање на тренерската клупа.

„До сега не сум размислувал околу можноста за преземање на некоја национална селекција, но сега сум отворен за таа идеја, зошто да не? Можеби работата во репрезентација би била поинаква. Не е точно дека би ја водел само аргентинската селекција. Доколку тоа биде и некоја друга земја, зошто да не, сигурно и тоа би било добро“, вели Почетино.