фудбал

Луис Дијаз пристигна во Ливерпул

Новото засилување на Ливерпул, Колумбиецот Луиз Дијаз пристигна во клубот и веќе го одржа првиот индивидуален тренинг.

Тој во тренинг базата на Ливерпул имаше прва средба со тренерот Јирген Клоп како и со некои од новите соиграчи.

Дијаз за популарните „црвени“ договор потпиша во последните денови од зимскиот преоден рок,а пристигна од екипата на Порто.


Пиоли: Ќе покажеме дека можеме и без Златан

Стефано Пиоли потврди дека Златан Ибрахомовиќ и Анте Ребиќ ќе го пропуштат денешното дерби со Интер. Сепак, Фикајо Томори ќе биде достапен.

„Мораме да ги земеме предвид карактеристиките на противникот. Важно е, но никогаш нема да го промениме начинот на игра и утре тоа нема да биде исклучок. Се бориме, дали за титулата или за Лигата на шампионите, ние сме во борба. Одигравме одличен натпревар против Јувентус, но ни недостасуваше квалитет во завршната фаза. Тоа ни треба утре. Ова е исклучително важен натпревар и сакаме да победиме. Златан и Ребиќ нема да бидат на располагање. Томори заврши одлична работа и мислам дека ќе биде со тимот, иако најверојатно нема да го започне натпреварот. Оливие Жиру е важен играч и тој е подготвен. Жал ни е што Ибра нема да биде со нас Многу се подобривме благодарение на него, но сега треба да покажеме дека сме силни и без него“, додаде тренерот.


Реал Мадрид размислува за враќање на Серхио Регилон

Од Реал Мадрид сериозно ја разгледуваат можноста за враќање на нивниот поранешен дефанзивец Серхио Регилон кој сега настапува за тимот на Тотенхем.

Неговите одлични игри во екипата од Лондон, се забележани од управата на Реал, и можно е „кралскиот клуб“ да ја активира клаузулата во договорот според која тие можат да го откупат играчот за одредена сума.

 Регилон е еден од главните играчи во составот на Антонио Конте. Од почетокот на сезоната тој забележа 22 настапи и успеа да постигне 1 гол. Тотенхем со сигурност нема намера да се раздели со него, но самиот играч повеќе пати има изјавено дека сака повторно да се докаже играјќи на Сантијаго Бернабеу.

Реал Мадрид ќе мора да одлучи дали ќе го врати 25-годишниот играч на лето и ќе му даде нова шанса за докажување во тимот.


Конте и Тотенхем спремни да понудат 70 милиони евра за Виктор Осимен

Тотенхем следното лето ќе понуди 70 милиони фунти за напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен. Тотенхем и нивниот ривал од Лондон, Арсенал беа поврзувани со Нигериецот минатиот месец, но тогаш Наполи ги отфрлија сите понуди за нивниот голгетер.

Антонио Конте секако сака да привлече уште еден напаѓач во својот тим и се фокусираше на 23-годишниот Виктор Осимен.

Оваа сезона Осимен има девет гола и две асистенции на 16 натпревари за Наполи во сите натпреварувања. Сепак, поранешниот играч на Волфсбург и Лил пропушти многу натпревари поради повреда, а коронавирусот го спречи да игра за националниот тим на Африканскиот куп на нации.


Левандовски: Баерн е прв фаворит за трофејот во Лигата на шампиони

Напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски, истакнува дека неговиот тим е прв во трката за освојување на Лигата на шампиони, која продолжува овој месец.

Клубот од Минхен во осмина финалето на најелитното фудбалско натпреварување во Европа, ќе игра против тимот на Ред Бул Салзбург.

„Ние сме главни фаворити за освојување на трофејот. Само погледнете како играме и каков тим имаме.Јасно е дека сме меѓу најјаките тимови во Лигата на шампиони. Најважно е сите да бидеме здрави за време на одлучувачките натпревари и да бидеме во најдобра форма во правиот момент“, изјави Левандовски.


Коман: Не ме споредувајте со Рибери, јас сум Кингсли Коман!

Фудбалерот од средниот ред на Баерн, Кингсли Коман најави желба во иднина да го запише своето име во историјата на клубот.

„Мојот идол беше Роналдињо. Токму поради него сакав да играм фудбал. Но, Рибери е легенда и играч на кој гледам. Сакам да работам напорно за да го достигнам неговото ниво и достигнувања. Сакам да станам и легенда на Баерн. Но, јас сум Кингсли Коман, а не следниот Рибери“, рече Коман.

Да потсетиме дека Коман се пресели во Баерн од Јувентус во 2017 година за 17 милиони евра. Оваа сезона Кингсли Комен учествуваше на 11 натпревари во германското првенство, постигна четири гола и една асистенција. Од 2015 година, Коман е дел од француската репрезентација.

Во јануари Коман го продолжи договорот со Баерн откако двете страни потпишаа договор до јуни 2027 година.


Рафиња добива нов договор, Лидс го прави најскапоплатен во тимот

Англискиот Лидс Јунајтед планира да го задржи напаѓачот Рафиња во својот тим . Од оваа екипа се подготвени да го направат Бразилецот најплатен играч во тимот.

Според изворот, од Лидс се уверени дека играчот ќе го продолжи договорот со клубот. Во блиска иднина ќе биде најавено продолжување на договорот. Рафиња (25) е во Лидс Јунајтед од октомври 2020 година, откако се пресели од француски Рен за 18,6 милиони евра.

Рафиња оваа сезона на 19 натпревари во Премиер лигата постигна осум гола и имаше две асистенции. Договорот на бразилскиот фудбалер истекува во 2024 година, а Трансфермаркт го проценува Рафиња на 40 милиони евра.


Френк Лампард признава дека го чека тешка задача во Евертон

Новиот тренер на Евертон, Френк Лампард, призна дека ќе се соочи со тешка задача во обидот да ја заживее екипата која ја презеде после отказот на Рафа Бенитез.

Лампард го наследи тимот на Евертон на 16. место во табелата во Премиер лигата, на само четири бода од зоната за испаѓање. Но, бившиот тренер на Челзи е убеден дека може да ги задржи „карамелите“ надвор од битка за испаѓање и постепено да го направи тимот кандидат за повисок пласман.

 „Разбирам дека на краток рок работата е да ја подобриме нашата позиција на табелата. На долг рок, јасно е дека ова е клуб со големи амбиции, голема историја, огромна база на навивачи и желба за напредок. Има многу работа да се заврши, но јас сум многу горд што ја имам оваа можност“, истакнува Лампард.


Чеферин: Европскиот фудбал покажа единство во периодот на пандемија

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ги сподели своите очекувања за иднината на европскиот фудбал во годишниот извештај на организацијата насловен „Европскиот клупски фудбалски пејсаж“.

„Една од лекциите од последните две години е дека само со покажување солидарност и заедничка работа европскиот фудбал може да ги надмине егзистенцијалните предизвици како пандемијата. Оваа лекција се научи и од таканаречениот проект „Супер лига“. Себичните постапки на неколку пклубови беа спречени со единството на европскиот фудбал – навивачи, клубови, играчи и национални асоцијации.

Овој извештај содржи отрезнувачки детали за постпандемиските предизвици кои се пред нас, но исто така ја илустрира неверојатната издржливост на европскиот фудбал со неговиот унифициран пристап. На крајот на краиштата, пандемијата само ќе не направи посилни.

Кризата со коронавирус покажа и до кој степен фудбалот е дел од европскиот живот. Фудбалот за многумина стана вистински спас. Нема да давам смели прогнози за следната година, но ќе кажам дека без разлика дали пандемијата ќе остане или ќе замине, европскиот фудбал ќе остане силен, стабилен и обединет во 2022 година“, напиша Александар Чеферин.


Ал Џазира лесно до четвртфиналето на Мундијалот за клубови

Шампионот од ОАЕ, Ал Џазира обезбеди четвртфинале на Светското клупско првенство откако денес со 4-1 победи против Пирае од Тахити, аматерскиот клуб кој доби шанса да игра на овој клупски Мундијал.

Малиот клуб од островите на француска Полинезија немаше сила за сензација, квалитетот беше очигледен, па победникот беше решен уште во првото полувреме кога Ал Џазира постигна три гола.

Во сабота се игра првото четвртфинале меѓу Ал Ахли и Монтереј.