фудбал

Приоритет на Барселона е нов договор со Гави

Откако завршија трансферите во јануарскиот преоден рок, Барселона сега има нов приоритет, а тоа е потпишување на нов договор со големиот талент на тимот, Гави.

17-годишниот играч има договор со каталонскиот клуб до 2023 година, но Барса сака да го задржи долгорочно во своите редови. Тој веќе стана еден од клучните играчи во тимот од Камп Ноу и има редовни настапи под водство на тренерот Чави.

Челните луѓе во Барселона се убедени дека преговорите со Гави ќе бидат успешни бидејќи тој во повеќе наврати ја потврди желбата да остане во клубот и да му помогне на екипата да се врати во врвот на шпанскиот фудбал.


Ултрасите на Лацио протестираа пред тренинг базата на клубот

Околу 300 револтирани навивачи на Лацио се појавија пред тренинг базата на екипата за да протестираат против претседателот на клубот Клаудио Лотито. Ултрасите го изразија своето незадоволство од пасивноста на управата во зимскиот трансфер период.

Бесните навивачи истакнаја транспарент со натпис „Уште една промашена трансфер кампања, Лотито! Вие не сте на нивото на овој клуб!“.

Тренерот на екипата, Маурицио Сари од управата на клубот бараше да бидат купени најмалку тројца нови играчи, напаѓач, централен дефанзивец и играч за врска, но во исто време беше доведен само крилниот напаѓач Џовани Кабрал. Поради овие причини, во медиумите кружат информации дека Сари не сака да го продолжи договорот со Лацио.


Нагелсман: Не се грижам за Милер, тој ќе ја заврши кариерата во Баерн

Тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман не е загрижен за иднината на ѕвездата на Баерн Минхен, Томас Милер, иако напаѓачот и светски шампион со репрезентацијата на Германија наскоро ќе влезе во последната година од договорот.

„Разговорите за нов договор не се итни, затоа нема да ги започнеме денес или утре. Томас Милер игра на секој натпревар, тој е стартер и многу одговорен човек. Тој е лице на Баерн долго време и е почитуван во Минхен, јас би бил среќен доколку остане тука долго време“, изјави Нагелсман. Томас Милер има 32 години и има договор со Баерн до летото 2023 година.


Нејмар темпира да влезе во форма за двомечот против Реал

Напаѓачот на ПСЖ, Нејмар е блиску до враќање на терените по повредата.

Резултатите од прегледот, кој Бразилецот го направи во понеделникот, покажаа дека играчот може да започне со индивидуални тренинзи. Вчера тој се загреваше пред индивидуалниот тренинг и имаше кратка сесија со колегите од ПСЖ.

Од клубот веруваат дека Нејмар ќе може да игра против Реал Мадрид во Лигата на шампионите, дури и ако нема време да се врати во форма. Натпреварот е закажан на 15 февруари.



Челзи тргнува по Милитао ако го загуби Рудигер

Екипата на Челзи размислува да го доведе централниот дефанзивец на Реал Мадрид, Едер Милитао.

Оваа опција се разгледува бидејќи тимот од Лондон на крајот од сезоната може да остане без тројца играчи од одбраната, а тоа се Рудигер, Кристенсен и Аспиликуета.

За тренерот на Челзи, Томас Тухел, приоритет ќе биде да го задржи Антонио Рудигер, но преговорите со неговите претставници не одат баш најдобро и реални се шансите тој да замине од клубот како слободен играч, а како најспоменувана дестинација е токму „кралскиот клуб“.


Пропадна трансферот на Кавани во Ривер Плата

Уругвајскиот напаѓач од екипата на Манчестер Јунајтед, Единсон Кавани нема да се пресели во Ривер Плата. Новинарот Фабрицио Романо вели дека страните немаат интерес за овој трансфер, а никој и не водел никакви преговори.

Уругваецот се согласи да остане во Манчестер до крајот на сезоната, кога ќе ја донесе одлуката за неговата иднина.

Кавани се пресели во Манчестер Јунајтед во октомври 2020 година како слободен фудбалер.


Арсенал ќе го одврзе ќесето: 180 милиони евра за Артета за нови засилувања

Микел Артета ќе добие голем буџет за летни засулувања, пренесуваат медиумите на Островот.

Сопственикот Стан Кронке имал состанок со Артета и му ветил дека ќе обезбеди 180 милиони фунти за летни засилувања.

Оваа сума ќе биде распределена на три конкретни цели. Тоа се Напаѓачот на Реал Сосиедад Александар Исак, Напаѓачот на Евертон Калверт Луин и плејмејкерот на Вулверхемптон Рубен Невеш. Минатото лето Арсенал потроши 150 милиони фунти за трансферите  на Бен Вајт, Мартин Одегард, Арон Рамсдејл, Томиасу, Локонга и Нуно Тавареш, а целта на тимот е пласман во Лигата на шампиони.


Барса го исклучи Дани Алвес од Лига Европа

Дани Алвес е играчот кој не е пријавен за натпреварите на Барселона во Лигата на Европа.

Каталонците играа лошо во групната фаза од Лигата на шампионите, па така европскиот пат го продолжуваат во Лигата на Европа. Во нокаут фазата првата пречка ќе им биде Наполи на нашиот Елиф Елмас.

Според правилата на УЕФА еден клуб има право да пријави тројца нови фудбалери за вториот дел од натпреварувањето. Барселона во претходниот период ги доведе Дани Алвес, Обамејанг, Адама Траоре и Феран Торес.  За сите четворица немаше место во ЛЕ.

На крајот Чави се реши во Европа да не смета на искусниот Дани Алвес.


Ибрахимовиќ во аут за дербито со Интер

Од „Скај Италија“ тврдат дека ѕвездата на Милан Златан Ибрахимовиќ, најверојатно ќе го пропушти градското дерби со Интер закажано за во сабота.

Ибрахимовиќ не присуствувал на тренингот со својот тим, но имал индивидуални сесии во теретана.Тој се опоравува од повредата која ја заработи на дуелот со Јувентус на 23 јануари.

Тренерот Стефано Пиоло нема да рачуна ниту на Анте Ребиќ кој исто така е во процес на опоравување, но добра вест е враќањето на Томори кој е спремен за игра.


Пандев: Задоволство ми е што ќе ја делам соблекувалната со Буфон

Горан Пандев на големо изненадување во последниот ден од преодниот рок ја напушти Џенова и се пресели во Парма, каде ќе игра до крајот на сезоната.

Пандев веќе почна да тренира со Парма, а за медиумите изјави дека е среќен што ќе може да игра во ист тим со легендарниот Џанлуиџи Буфон.

„Трансферот се случи набрзина, а мојата желба е да бидам важен дел од тимот. Се надевам дека се ќе биде добро во Парма и дека ќе ги оствариме целите, а тоа е влез во плејофот и пласман во Серија А. Нема да се променат моите планови и на крајот на сезоната ќе означам крај на мојата фудбалска кариера. Големо е задоволството да се игра со Буфон, знаеме што значи тој за европскиот и светскиот фудбал, а кога дојдов ми кажа дека е среќен бидејќи нема да му давам повеќе голови“, изјави Пандев.