фудбал

Овен: Оставете го Гакпо, ни Меси не би се снашол во овој Ливерпул

Ливерпул има доста проблеми во актуелнава сезона пред се во Премиер лигата каде во моментов е далеку од местата кои водат во Лигата на шампионите во наредната сезона. На премиерлигашот засега не му помогна ниту ангажманот на холандскиот репрезентативец, Коди Гакпо, меѓутоа тој е најмалку виновен за оваа ситуација и тоа многу добро го знае легенданиот Мајкл Овен кој истакна дека му е жал за засилувањето од ПСВ.

„Жал ми е за него, затоа што доаѓа во тим кој е навистина неконзистентен и исцеден од сета самодоверба што ја видовме во минатото. Тој имаше неколку полушанси против Челзи и јасно е дека се обидува. Сигурен сум дека ќе биде добро засилување за во иднина, но во моментов би кажал дека и Лео Меси би имал проблеми во овој тим кој навистина се мачи“, порача Мајкл.


Интер му нуди договор на Крис Смолинг

На дефанзивецот на Рома, Крис Смолинг, му е понуден договор од
Интер.

Италијанскиот новинар Николо Шира објави дека „нероаѕурите“
сакаат да потпишат договор со 33-годишниот Англичанец до крајот на
сезоната 2025 година со плата од 3,5 милиони евра годишно.
Трансферот се планира да се реализира на лето, кога актуелниот
договор на играчот со Рома истекува.
Претходно беше објавено дека Јувентус е заинтересиран за Смолинг.
Оваа сезона дефанзивецот одигра 24 натпревари за римскиот клуб во
сите натпреварувања и постигна три гола.
Вредноста на Смолинг според е осум милиони евра.


Зидан заинтересиран само за клупата на Јуве

Зинедин Зидан сака да го предводи Јувентус.
Според „Л’екип“, Зидан во надеж дека ќе ја добие тренерската
функција во Јувентус, ги одбил понудите на репрезентациите на
Португалија, Бразил, САД, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Претходно беше објавено дека италијанскиот клуб размислува за
Зидан како замена за Масимилијано Алегри под чие водство „Старата
дама“ не игра според очекуваното.
Зидан играше за Јувентус од 1996 до 2001 година. Заедно со тимот, тој
двапати стана шампион на Италија, го освои Купот и Суперкупот на
земјата, стана победник на Интерконтиненталниот куп и Купот
Интертото.


Начо ќе добие нов договор во Реал Мадрид

Реал Мадрид ќе му понуди нов договор на дефанзивецот Начо Фернандез.

Актуелниот договор на 33-годишниот Шпанец со „Кралевите“ е со важност до крајот на тековната сезона. Новиот договор ќе биде на една година.

Забележано е дека од јануари тој ќе може да преговара со други клубови за летен трансфер како слободен играч.

Во тековната сезона во Ла Лига, Начо одигра седум натпревари за Реал Мадрид без постигнат гол.


Луис Енрике ја презема бразилската репрезентација?

Голем број медиуми пренесуваат дека поранешниот селектор на Шпанија Луис Енрике наскоро треба да ја преземе репрезентацијата на Бразил. Фудбалската федерација на Бразил се договорила со Луис Енрике за договор до 2026 година.

Поранешниот тренер на Барселона и селектор на Шпанија според информациите изразил желба да соработува со едни од најдобрите фудбалери во светот.

Репрезентацијата на Бразил во овој момент е на првото место на ранг-листата на ФИФА.

Претходно беше објавено дека на листата на кандидати за оваа позиција се Жозе Мурињо (Рома), Карло Анчелоти (Реал Мадрид) и Фернандо Диниз (Флуминензе). Последен селекторски ангажман на Енрике беше шпанската репрезентација која ја напушти по неочекуваната елиминација од Мароко во осминафиналето на Светското првенство во Катар.


Смолинг има понуди од сите страни на „чизмата“

Крис Смолинг како да доживува втора младост во Италија. Искусниот англиски дефанзивец во ноември го прослави својот 33 роденден, но годините не го спречуваат да го игра можеби најдобриот фудбал во кариерата. И тоа под водство на Жозе Мурињо.

Оваа сезона во дресот на Рома одигра 18 натпревари во Серија А и дури успеа да постигне три гола. Неговите настапи не останаа незабележани, па италијанските медиуми пренесуваат дека Интер му понудил двегодишен договор до летото 2025 година со плата од 3,5 милиони евра годишно.


Аргентинецот Виго од Ривер се сели во Црвена Звезда

Црвена Звезда доведе засилување од аргентиснкиот Ривер Плејт, нов фудбалер на „црвено белите“ е Алекс Виго. Клубот од „Маракана“ денес прво го најави трансферот со објава на аргентински куфер пред стадионот „Рајко Митиќ“ и тука веќе беше јасно за што станува збор. Подоцна стигна и официјалната потврда.

Станува збор за 23-годишен фудбалер кој пред Ривер го носеше дресот на Колон и Индепендиете. Српските медиуми го најавуваат како играч од кого многу се очекува.


Касано: Ако правилата важат за Јуве, треба да важат и за останатите клубови

Поранешниот напаѓач на Рома, Антонио Касано даде свое мислење за скандалот со финансиска измама во Јувентус, поради кој вчера „бјанконерите“ беа казнети со 15 бода. Касано, кој вообичаено е еден од најголемите критичари на Јуве, изненадувачки ги поддржа, изразувајќи го својот гнев поради одлуката:

„Одземање бодови за Јувентус? Ќе го кажам само ова: ако тоа важи за Јуве, треба да важи за сите тимови во италијанскиот фудбал, бидејќи очигледно за Јувентус се пишува на 50 страници во весниците, а сите останати – со ситни букви“, објасни екс италијанскиот фудбалер

„Да не мислиме дека само Јувентус ги направи овие работи, ако навистина ги направи. Сите други тимови ќе бидат таму бидејќи законот треба да важи за сите“, продолжи Касано.


Ракип го напушти Малме и потпиша за турска Анталијаспор

Ердал Ракип е промовиран во новиот клуб. Фудбалерот од средниот ред го напушти шведски Малме и како слободен агент се придружи на Анталијаспор, клуб со кој потпиша договор на 2.5 години.

Договорот на Ракип со Малме истече на крајот од 2022 година и не беше продолжен. Се шпекулираше за можен трансфер во Англија, но на крајот сепак продолжи во Турција.

„Очекувам успешен период во мојата кариера. Од првиот ден кога дојдов тука се чувствувам навистина убаво. Подготвен сум да дадам свој придонес за тимот да има што подобри резултати“, изјави Ракип.


Роналдо најави дека ќе го тужи Јувентус

На почетокот на минатиот месец беше објавено за „тајниот документ“ каде што челниците на Јувентус ветиле исплата од 20 милиони евра на Кристијано додека јавноста беше информирана дека клубот ќе ги скрати платите поради пандемијата.

Роналдо за комбинираниот тим од играчи на Ал Наср и Ал Хилал го одигра првиот натпревар во Саудиска Арабија. „Бјанконерите“ од друга страна се во хаос, давањето цели плати „на црно“ е само едно од обвиненијата, се споменуваат и други финансиски малверзации.

Португалецот сепак не се откажува од својот ветел дел кој требало да биде исплатен до крајот на јуни 2021 година и тоа не се случи. Италијанските медиуми сега пишуваат дека на Роналдо му здосадило да чека и правдата ќе ја бара на суд. Како доказ Роналдо ги има документите и изјавите, па изгледа дека случајот лесно може да го добие. За Јувентус тоа значи уште едно „развлекување“ по судовите.