фудбал

Салернитана пред големо засилување: Се договори со Франк Рибери

Франк Рибери е слободен играч откако летово му истече договорот со Фиорентина.

Искусниот Французин кој има 38 години е на чекор од потпис со Салернитана која оваа сезона игра во Серија А. Рибери го сакаше и Верона, но во овој момент Салернитана е најблиску до потписот на Рибери. Клубот е во сопственост на Клаудио Лотито, но до крајот на годината клубот ќе мора да добие нов газда затоа што еден човек не може да има два клуба во Серија А. Лотито како што е познато го има и Лацио.

Салернината на Рибери му понудила договор вреден милион ипол евра преку бонуси и тоа е понуда која Французинот би требало да ја прифати.

Во текот на кариерата Рибери играше за Брест, Мец, Галатасарај, Марсеј, а најголема трага остави во Баерн каде што помина 12 сезона и на 425 натпревари постигна 124 гола.


Пјаниќ: Куман целосно ме игнорираше во Барселона

Миралем Пјаниќ откако ја напушти Барса и направи трансфер во Бешикташ,  без влакна на јазикот ја објасни неговата ситуација во редовите на Каталонците.

„Почнав две недели подоцна и тренирав сам. Поминаа еден, два три, пет, десет дена а Куман не дојде да зборува со мене. Не ме претстави пред тимот што вообичаено го прават сите тренери. Не играв и не ми кажуваше зошто не играм. Играв по 5-10 минути или ќе се загревав цело полувреме и немаше да влезам. Никогаш не сум видел некој тренер да води екипа како што тоа го прави Куман“, нагласи Пјаниќ.


Венгер: Арсенал има одлични фудбалери и ќе заврши при врвот

Легендарниот тренер на фудбалерите на Aрсенал, Арсен Венгер, вели дека „топчиите“ и покрај катастрофалниот  старт на сезоната во Премиер-лигата, на крајот ќе завршат во самиот врв.

„Арсенал има група одлични играчи и до крајот на сезоната ќе заврши околу врвот на табелата“, изјави Французинот кој седеше на кормилото на Арсенал од 1996 до 2018 година.

Интересно е дека тимот од Лондон во текот на летово потроши најмногу пари за трансфери.


Рикелме: Меси ќе ја освои ЛШ со ПСЖ и ќе се врати во Барса

Хуан Роман Рикелме, прославениот фудбалер на Бока Јуниорс, Вилјареал и Барселона,  верува дека ПСЖ со ангажманот на Лео Меси има голема шанса да ја освои Лигата на шампионите.

„Ако ПСЖ со Меси не ја освои Лигата на шампионите, никогаш нема да победи. Меси е најдобар затоа што сака да игра со топка. Мислам дека Меси ќе ја освои Лигата на шампионите со ПСЖ а потоа ќе се пензионира во Барселона“, потенцираше Рикелме.


Потпиша за Реал, па почна да им праќа подароци на сите од поранешниот клуб

Младиот Едуардо Камавинга за 30 милиони евра од Рен потпиша за Реал Мадрид, има само 18 години и воопшто „славата“ не му удри во глава.

Камавинга имаше понуди од Јунајтед и ПСЖ, но репрезентативецот на Франција го избра „кралскиот“ клуб.

Тој по доаѓањето во Реал не ги заборави најблиските соработници од клубот од каде дојде во Мадрид, реши на сите вработени да им подари по еден дрес, и тоа вкупно 166 на број, потег кој се прераскажува во неговата татковина.


Спировски: Мечот со Исланд можност да се направи исчекор кон баражот

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Стефан Спировски, на утрешниот дуел со Исланд гледа како на убава шанса да се направи чекор кон врвот на табелата во Ј групата од квалификациите за СП 2022.

„Мислам дека добро се приспособивме на стилот на игра што го бара новиот селектор. На  Исланд ќе пробаме да ги надоместиме двата изгубени бода од дуелот со Ерменија на домашен терен. Не мислам дека е проблем тоа што некои играчите немаат минутажа во клубовите. Ние сите играме за нашата држава. Максимално сме подготвени и кога настапуваме во националниот дрес сите се залагаме. Групата е изедначена, ако ја тргнеме на страна Германија, за 2. место сите имаме шанси. За нас ова е убава можност да ја стигнеме Ерменија и да направиме еден исчекор кон баражот, изјави Спировски.

Средбата ќе се игра утре во Рејкјавик со почеток во 18:00 часот.


Судии од Словачка ќе ни судат против Исланд

Ремито со Ерменија во кое видовме и добри и лоши работи веќе е зад нас се мисли на Исланд.

Натпреварот со Исланд го играме на гости во недела, а веќе се познати судиите кои ќе делат правда во Рејкавиќ.

Главен судија на мечот ќе биде Иван Кружлиак од Словачка и ќе му помагаа Бранислав Ханцко и Јан Позор. Четврт судија ќе биде Филип Глова. Во ВАР собата ќе бидат сместени Павел Рачковски и Даниел Стефански од Полска, нивни асистент ќе бидат Мартин Ингварсон од Шведска и Михаел Шафрот од Швајцарија.

Дуелот со Исланд го играме в недела со почеток од 18:00 часот, тој ќе биде петти во овие квалификации во кои до сега имаме две победи, еден пораз и едно реми.


Фазлагиќ: Македонија може само подобро во иднина

На стадионот „Билјанини извори” во Охрид Македонија до 21 против Србија на 7. септември со почеток во 16. часот ќе го одигра вториот натпревар од септемврискиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство во Романија и Грузија 2023 година.

Фудбалерот на Жилина и член на младата репрезентација, Енис Фазлагиќ даде кратко видување на нашиот настап против Франција и ги сподели своите очекувања за претстојниот дуел со Србија.

„Одигравме под очекувањата, свесни сме за нашите грешки. Франција е премногу силна, тоа го покажа и потврди на вчерашниот натпревар. Располага со многу квалитетни играчи кои играат во едни од најдобрите клубови во Европа, но тоа не е оправдување за нашата лоша игра, едноставно моравме да одиграме на едно повисоко ниво. Премногу ги респектиравме, правевме грешки, им дозволивме да се разиграат и да го покажат целиот свој квалитет. Мечот против Србија ќе биде многу поразличен од дуелот со Франција.Играме на домашен стадион, пред домашна публика во Охрид. Тоа е голем мотив за нас да се покажеме во добро светло и да освоиме бодови. Имаме одлична комуникација со новиот селектор, иако имавме многу малку време да се запознаеме и да се подготвиме за натпреварите. Постепено не запознава со неговите идеи и замисли, верува во квалитетот на оваа селекција. Може да очекуваме само подобра Македонија во иднина. Србија е квалитетен противник, загубија од Украина на домашен терен, но тој резултат не го оспорува нивниот квалитет.“ – вели Фазлагиќ.


Арсенал е во најголема криза во историјата, а Венгер е среќен?!

Арсенал се наоѓа во можеби и најголемата криза во клупската историја.

Екипата на Микел Артета во првите три кола од новата сезона запиша три порази без постигнат погодок, што е најлош старт во последните 128 години. Арсенал изгледаше криминално лошо во последното коло против Манчестер Сити, кој го прегази со 5:0, а можеше да постигне уште толку погодоци. Навивачите се огорчени, стравуваат од испаѓање, а поранешни играчи и легенди на клубот се бесни.

Но, Арсен Венгер не е претерано загрижен.

Французинот кој повеќе од две децении беше на кормилото на „топџиите“ смета дека до крајот на сезоната Арсенал ќе биде при врвот на Премиерлигата.

„Преубав дел од животот поминав во Арсенал. Ги следам нивните натпревари како фан и не сум загрижен од лошиот старт, на секого може да му се случи.“ – рече Венгер додавајќи:

„Арсенал има одлична екипа и до крајот на сезоната ќе биде при врвот на табелата.“


Ветеранот Бруно Алвес потпиша за грчки Аполон Смирнис

Поранешниот португалски репрезентативец, Бруно Алвес како слободен играч премина во грчки Аполон Смирнис.

После одличната кариера во Порто, Зенит, Фенербахче, Каљари, Ренџерс и на крајот Парма, 39 годишниот стопер во јули го најави португалската Фамалика каде што требаше да остане две години, но си замине после само три недели.

Сепак, сега има нов клуб. Вечерва ќе пристигне во Грција за да ги одработи лекарските прегледи и да потпише договор со Аполон.

Минатата сезона искусниот дефанзивец со 96 меѓународни настапи запиша 19 натпревари во Серија А како играч на Парма и постигна еден гол.