фудбал

Мората се повреди по дебитантскиот натпревар за Милан

Шпанскиот фудбалер и ов играч на Милан Алваро Мората беше еден од најзаслужните за избегнување  на поразот на оваа екипа на „Сан Сиро“ од Торино кој заврши со резултат од 2-2.

Но, она што нема да им се допадне на фановите е повредата на Шпанецот. Се работи за мускулна повреда и настапот на Мората во следното второ коло е неизвесен и Милан до последно ќе се надева дека постојат шанси за навремена рехабилитација.

Противник на Милан во следната рунда е повратникот во Серија А, екипата на Парма.


Зомер стави крај на репрезентативната кариера

Голманот на Интер, Јан Зомер објави дека ја завршува кариерата во швајцарската репрезентација. Тој го имаше своето деби во мај 2012 година.

Од 2014 година, Зомер играше на три европски и две светски првенства како број 1 на голот на Швајцарија. Неговиот последен натпревар со швајцарскиот тим беше во четврт-финалето на Евро 2024, каде што тимот загуби на пенали од Англија.

„Беше чест и привилегија да ја претставувам мојата земја на највисоко ниво во изминатите 12 години“, рече 35-годишниот Зомер во соопштението објавено на веб-страницата на Швајцарската фудбалска асоцијација.

„Со завршувањето на ЕП 2024 во нашата соседна земја Германија, каде што поминав незаборавни години во Бундеслигата, време е да се збогуваме“, додаде Зомер.


„Лисиците“ од Лестер ризикуваат голема казна

Англискиот фудбалски клуб Лестер се врати во Премиер лигата, а веќе му се заканува голема казна.

Можно е на клубот да му бидат одземени бодови поради кршење на правилата од финансискиот ферплеј и тоа по две основи.

Минатата сезона додека настапуваше во Чемшпионшип, утврдено е дека трошеле многу повеќе пари отколку што е предвидено.

Во периодот од 2020 до 2023 година, Лестер бил во минус од 215 милиони фунти, а само во сезоната 2022/23 имал загуба од 105 милиони поради што, исто така би можеле да му бидат одземени бодови.

Засега не е јасно колкава и дали воопшто ќе добие казна Лестер, но тоа им се случи лани на Евертон и Нотингем Форест.


Модриќ ќе продолжи да игра за хрватската репрезентација

Селекторот на хрватската фудбалска репрезентација, Златко Далиќ го објави списокотна  фудбалери на кои ќе смета за претстојниот настап во Лигата на нации, а на кој, на огромна радост на сите во земјата се наоѓа и капитенот Лука Модриќ.

Хрватска првиот меч ќе го одигра против Португалија на 5 септември во Лисабон, а три дена подоцна ќе ги пречека Полјаците во Осјек.

„Лигата на нации ќе ни биде добра платформа да создадеме тим кој ќе се квалификува за Светското првенство во 2026 година. Во споредба со годинешното ЕП, останавме без двајца ветерани, Вида и Брозовиќ, но затоа сите сме среќен што капитенот Модриќ останува со нас – Лука е нашата голема сила на теренот и надвор од него“, изјави Далиќ.


Реал одбил луда сума за Милитао

Клуб од Саудиска Арабија испратил понуда до Реал Мадрид од 100 милиони евра за Едер Милитао. 

Сепак, Флорентино Перез и Карло Анчелоти експресно ја одбиле оваа понуда. Да потсетиме дека Милитао го пропушти поголемиот дел од минатата сезона поради повреда на вкрстените лигаменти.

Тој одигра 90 минути во Суперкупот и Анчелоти смета дека е клучен играч за одбраната на „кралевите“.

Поради тоа Реал веднаш ја одбил богатата понуда за бразилскиот дефанзивец.


Костиќ преговара со Ал-Аин од ОАЕ

Српскиот репрезентативец и член на Јувентус, Филип Костиќ, заминува од Италија и наскоро се очекува да биде промовиран како ново засилување за Ал-Аин од Обединетите Арапски Емирати.

Костиќ минатата сезона одигра 33 натпревари и забележа учинок од само четири асистенции.

Понудата за Костиќ до Јувентус е вредна 18 милиони евра, со годишна плата од 5,5 милиони евра.

Се претпоставува дека управата на „бјанконерите“ ќе се задоволи со оваа сума, затоа што договорот на Србинот истекува летото 2026 година, кога ќе има полни 33 години.


Аталанта потпиша со Лазар Самарџиќ

Српскиот фудбалер Лазар Самарџиќ на крајот се договори со Аталанта иако имаше голема заинтересираност за овој играч од страна на големите италијански фудбалски клубови.

Србинот ќе игра во Бергамо како позајмен играч една сезона, но трансферот ќе стане перманентен откако ќе се исполнат неколку лесни услови, што значи дека Аталанта наредното лето ќе треба да плати 25 милиони евра.


Чаби Алонсо веќе е најтрофеен тренер во историјата на Баер Леверкузен

Баер Леверкузен го подигна трофејот во германскиот Суперкуп по победата на пенали против Штутгарт. Ова беше трет трофеј во последната година за „фармацевтите“, а сите беа освоени под водство на тренерот Чаби Алонсо.

Со овој пехар Алонсо стана најуспешниот тренер во клупската историја на тимот од Леверкузен, откако пред него клубот имаше само два трофеи. Едниот беше Купот на Германија од сезоната 1992/1993, а другиот беше Купот на УЕФА од сезоната 1987/1988.


Родри добива нов договор, ќе стане најскапоплатен во тимот

Манчестер Сити е подготвен да ја награди една од своите најважни ѕвезди во тимот, Шпанецот Родри со нов договор, пишува Мирор. Откако шпанскиот играч за врска имаше клучна улога во успесите на тимот во последните сезони, клубот планира да му понуди нов петгодишен договор со плата од 375 илјади фунти неделно.

Овој потег ќе го израмни Родри со најплатените играчи на Сити, како што се Кевин де Брујн и Ерлинг Холанд. Актуелниот договор на Шпанецот е до летото 2027 година, но управата на „граѓаните“ сака да обезбеди уште подолг период на негов престој во тимот.

Покрај тоа, Манчестер Сити планира слични разговори и со Ерлинг Халанд, кој сега е во третата година од петгодишниот договор.


Кварацхелија договори нова соработка со Наполи

Грузиската ѕвезда од екипата на Наполи, Квича Кварацхелија се договори со италијанскиот клуб и ќе потпише нов договор до 2029 година. Грузискиот репрезентативец ќе добие значително зголемување на платата добивајќи 6 милиони евра годишно.

Во јуни 2022 година, Кварацелија пристигна во Наполи од Динамо Батуми за 13.000.000 евра. Со новиот договор зема трипати поголема плата. Крилниот напаѓач беше еден од клучните играчи на Наполи во текот на шампионската сезона.

Кварацелија досега за Наполи одигра 89 натпревари и постигна 25 гола, со 26 асистенции.