фудбал

Флорентино не сака да слушне за заминување на Анчелоти

Реал Мадрид со победата над Осасуна го освои трофејот во кралскиот Куп. По мечот претседателот Флорентино Перез проговори за иднината на Анчелоти и стави крај на сите шпекулации.

„Не сакам ниту да слушам за тоа. Имаме уште една година од неговиот договор. Многу сме среќни со Анчелоти“, рече Перез.

„Мојата иднина? Кажав многу пати оваа година, имам договор до 2024 година“, одговори Анчелоти.

Изминатите недели силно се шпекулираше дека Анчелоти може да го напушти Реал  Мадрид на крајот на сезоната.


Јуве ја оживува кариерата на Мејсон Гринвуд

Јувентус е уште еден клуб кој е заинтересиран за играчот на Манчестер Јунајтед Мејсон Гринвуд, тврди „Сан“.

Откако беше надвор од терените за „црвените ѓаволи“ повеќе од 16 месеци, иднината на Гринвуд на „Олд Трафорд“ изгледа сè понеизвесна, но според весникот, Јувентус би можел да му понуди шанса да ја рестартира кариерата во странство бидејќи сака да потпише со него позајмива која подоцна ќе биде со целосен договор.

Како што е познато, играчот беше уапсен под сомнение за силување и напад во јануари 2022 година и веднаш беше суспендиран од првиот тим на „црвените ѓаволи“. Наводните обвиненија беа отфрлени во февруари, но Гринвуд допрва треба да се врати на тренинзите со тимот додека клубот спроведува сопствена внатрешна истрага.


Васоски си поднесе оставка од тренерското место во Академија Пандев

По вчерашниот пораз од екипата на Тиквеш на домашен терен со 4-1, Александар Васоски повеќе не е тренер на Академија Пандев. Како што и самиот потврди на социјалните мрежи, веднаш по мечот понудил оставка, која клубот ја прифати.

„По денешниот пораз и во разговор со управата , поднесов неотповиклива оставка која беше прифатена. На клубот му посакувам се најдобро во иднина“, напиша Васоски.

Струмичкиот состав по последниот пораз е на четири бода од зоната за испаѓање на табелата.


Верати по една деценија го напушта ПСЖ

Марко Верати би можел да го напушти Пари Сен Жермен. Италијанскиот интернационалец веќе е во својата 11-та година како игра за клубот, но оваа сезона не се претстави на вообичаеното високо ниво.

Според „Л‘Екип“, Верати размислува да го напушти ПСЖ, иако неодамна потпиша нов договор и е врзан со парижаните до 2026 година. 30-годишниот играч не е задоволен од развојот на тимот и атмосферата во соблекувалната. Според него, критиките на навивачите и протестите кон играчите не се заслужени. Неговото мислење е дека казната која клубот му ја изрече на Лионел Меси била преголема.

Помеѓу сето ова, Верати сподели дека повеќе не ужива во клубот и го праша управниот одбор дали ќе го пуштат ако пристигне соодветна понуда. Претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи не сака да се раздели со него, но спортскиот директор Луис Кампос има поинакво мислење и не е против негов трансфер.


Компани останува тренер на Барнли до 2028.година

Новиот член на Премиер лигата од наредната сезона, Барнли, соопшти дека го продолжи договорот со тренерот Венсан Компани до 2028.година.

Во соопштението на клубот се вели дека новиот договор е признание за Компани кој во својата прва сезона како тренер на екипата успеа да стигне до титулата во Чемпионшип и да го промовира клубот во нов член на Премиер лигата.

Поранешниот легендарен играч на Манчестер Сити и белгиски репрезентативец, својата тренерска кариера ја започна во 2020.година во Андерлехт.


Клоп го сака Чахланоглу од Интер за следната сезона

Ливерпул ја разгледува можноста да го доведе на „Енфилд“ плејмејкерот на Интер, Хакан Чалханоглу, пренесуваат италијанските медиуми.

Клоп во 28-годишниот турски репрезентативец гледа идеална замена за Милнер, кој на лето ќе го напушти „Енфилд“.

Ливерпул сака да доведе две засилувања во средниот ред, а на списокот е и Чалханоглу. Турскиот репрезентативец одигра уште една добра сезона и Интер сака да му понуди нов договор.

Сепак, не се исклучува можноста за негова продажба доколку Ливерпул испрати добра понуда.


Леао се повреди неколку дена пред дуелот со Интер во ЛШ

Навивачите на Милан сигурно имаат причина за загриженост.

Во 11. минута од дуелот против Лацио еден од најважните играчи на Милан, Рафаел Леао го напушти теренот поради повреда.

На местото на одличниот Португалец во игра влезе Салемакерс. Засега нема информации дали Пиоли не сакаше да ризикува и поради претпазливост го замени Леао или станува збор за повреда повреда поради која напаѓачот ќе мора да паузира одредено време.

Повеќе информации за неговата повреда сигурно ќе има по завршувањето на средбата, а Милан веќе во среда го очекува првиот натпревар од полуфиналето во Лигата на шампионите против градскиот ривал Интер.


Онана го менува Лорис на голот на Тотенхем

Тотенхем е силно заинтересиран за голманот  на Интер, Андре Онана, пренесуваат англиските медиуми.

„Спарси“ бараат замена за Уго Лорис, кој е во тимот од 2012 година, но во последно време често се повредува и може да го напушти клубот на лето.

Лорис има договор на уште една година, но наводно допшло до расправија со раководството и на крајот на сезоната ќе го напушти клубот.

Интер има финансиски проблеми и на лето ќе мора да продаде некоја од своите ѕвезди.

Поради тоа „нероаѕурите“ се спремни да го продадат Онана бидејќи тоа ќе биде чиста заработка на клубот со оглед на фактот дека голманот пристигна без обештетување.


Иниеста ја завршува својата епизода во Јапонија

Андрес Иниеста ја завршува својата етапа во Јапонија. Според последните информации шпанскиот ветеран ќе го напушти Висел Кобе каде што настапува од 2018 година. Иниеста сепак нема намера да стави крај на кариерата и веќе добил понуди од МЛС лигата и Блискиот Исток.

Во својата кариера Иниеста покрај Кобе настапуваше само уште за Барселона каде што остави длабока трага и ги освои сите можни трофеи.

Претходно се споменуваше дека Барселона има намера да му понуди функција во раководната структура на клубот, но веројатно таа опција ќе почека.


Спортскиот директор на Наполи доаѓа во Јуве

Наполи по 33 години сезонава го освои Скуетото во Италија, а сега Јувентус ќе се обиде да ги доведе творците на тимот од Неапол.

Според информациите од Италија, Јувентус ќе се обиде да го доведе спортскиот директор на Наполи, Кристијано Џунтоли и шефот на скаут службата Маурицио Микели. Со ова „старата дама“ би успеала да ги доведе клучните луѓе од еден од најголемите ривали надевајќи се дека со одличната работа ќе продолжат и во Торино.

Наполи изгуби неколку клучни фудбалери како Инсиње и Кулибали, меѓутоа тимот успеа да најде адекватни замени кои брзо се вклопија. Доведени беа Кварцхелија и Ким Мин-Јае, од претходно тука беа Осимен и Ангиса.

Италијанците шпекулираат и дека евентуално доаѓање на Џунтоли во Јувентус ќе значи и отказ за Алегри.