ракомет

Игор Котевски нов тренер на Радовиш

Некогашниот македонски репрезентативец сега ракометен тренер Игор Котевски, е нов тренер на суперлигашот Радовиш.

Како што објави клубот на социјалните мрежи, Котевски седнува на клупата на Радовиш во обид да му помогне на тимот да избори опстанок во елитата.

Котевски во Радовиш доаѓа по серијата ангажмани во неколку македонски тимови како Вардар Неготино, Јуниор КВ, Металург РА, Голден Арт, Металург, Бутел, Драчево, Македонија и младинскиот тим на Пролет.


Александар Стефанов е нов претседател на РФМ

Александар Стефанов е нов претседател на Ракометната федерација на Македонија. Тој во следните четири години ќе биде на чело на македонскиот ракомет. Стефанов доаѓа на местото на Живко Мукаетов, кој беше претседател на „куќата на ракометот“ во претходните 12 години.

На Изборното Собрание беа присутни 48 делегати од вкупно 51. На претседателската функција Стефанов беше избран со акламација.

Стефанов доаѓа од тимот на Бутел Скопје, а некое време беше дел од Управниот одбор на РФМ. Новиот претседател е и поранешен ракометар, по професија е правник, и е дел од Управниот Одбор на Фабрика Карпош.

„Сакаме да направиме чекор напред, да изградиме систем за сите категории. Во мојата програма има неколку основни столба, за да имаме една здрава основа, да поработиме на инфраструктурата, изграда на спортски центар, ракометен дом, кој ќе ги згржи сите национални тимови, клубови, кои ќе имаат потреба од сала за настап и во еврпски рамки“, изјави Стефанов.


Скоро идентична Македонија како на Мундијалот ќе се соочи со Словенија

Селекторот Лазаров го одреди списокот за двомечот со Словенија

Селекторот на машката сениорска репрезентација Кирил Лазаров го објави списокот на повикани ракометари за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во Шведска, Данска и Норвешка во 2026 година.

Во рамки на ЕХФ неделата нашата сениорска селекција ќе одигра двомеч против селекцијата на Словенија. Првиот натпревар ќе го оддигра во СЦ „Борис Трајковски“ на 12 март со почеток во 20:00 часот, а потоа на 16 март ќе гостува во Словенија, а натпреварот ќе се оддигра во Копер со почеток во 18:30 часот.

Собирот е закажан за 9 март со почеток во 13:30 часот во хотел „Александар Палас“ во Скопје.


Питлик мора на операција, Фленсбург остана без најдобриот ракометар

Проблем за германски Фленсбург откако се повреди првиот ракометар и дански репрезентативец Симон Питлик.

Бекот од Данска доби фрактура на раката, поточно на десната подлактица. Питлик се повреди во реваншот од Европската лига на ЕХФ против Феникс Тулуз. Првичните најави се потврдија по ренгенскиот преглед и Питлик го очекува операција.

„Фактот дека во нашата моментална ситуација мора да играме без Симон воопшто не ни се допаѓа“, прокоментира директорот на Флензбург, Холгер Гландорф.


Еурофарм Пелистер загуби во Берлин и остана без шанси за осминафинале

Еурофарм Пелистер не успеа да приреди изненадување во Лигата на шампионите, загуби убедливо со 39-29 од Фуксе Берлин и мечот против ПСЖ во последното коло ќе биде само формалност. Македонскиот шампион требаше да остане непоразен на тешкото гостување кај Фуксе Берлин за до последното коло да ги задржи шансите за место во следната фаза од Лигата на шампионите, но тоа не се случи.

Еурофарм Пелистер поведе со 1-0, но потоа им се случи тотална блокада, следните седум голови ги даде Фуксе и поведе со 7-1. Битолчани успеаа да намалат дел од негативата и на полувреме се замина со водство од 15-12 за германскиот тим. Во текот на второто полувреме Пелистер успеа да намали и на два разлика, но како одминуваше времето така Фуксе ја зголемуваше предноста и на крајот победи со 39-29, што беше и нивна највисока разлика.

Филип Кузмановски со седум голови беше најефикасен во составот на Пелистер, Шебиб постигна шест. Кај Фуксе Ландоф и Гидсел дадоа по девет.

Еурофарм Пелистер во последното коло го пречекува ПСЖ, но што и да се случи на тој дуел, битолчани не можат да дојдат до шестата позиција која води во нокаут фазата.


Марсин Лијевски не е повеќе селектор на Полска

Полската ракометна репрезентација ќе добие нов селектор откако раководството на федерацијата реши да му врачи отказ на досегашниот кормилар Марсин Лијевски.

Легендарниот ракометар не се снајде најдобро во селекторската функција, не само што не ги донесе посакуваните резултати, туку и влезе во конфликт со дел од клучните играчи во националниот тим.

Токму поради недоразабирањето со селекторот пивотот Сипжак ја напушти репрезентацијата за време на СП 2025, а дополнителната „истрага“ на федерацијата забележа и други недостатоци во работата на Лијевски.


РФМ ја исплати премијата за успешниот мундијалски настап

По претходно донесена одлука на Управниот одбор, денес Ракометната Федерација на Македонија (РФМ( ја исплати наградата во износ од 3.000.000,00 денари на машката сениорска репрезентација за настапот на Светското првенство.

Ракометарите на Мундијалот натпреварите ги одиграа во Вараждин, Хрватска. Успеаја да минат во главната фаза, првенството го завршија со по две победи, нерешени и порази. Во конечниот пласман беа на петнаесеттото место.

Машката сениорска ракометна репрезентација го задржа континуитетот на настапи на големите натпреварувања, обезбедувајќи учество на девети последователен ракометен Мундијал.


Лука Карабатиќ објави репрезентативна пензија

Францускиот ракометар Лука Карабатиќ објави дека ставил крај на репрезентативната кариера.

Актуелниот играч на ПСЖ со француската репрезентација има освоено десет медали на големите натпреварувања, од кои пет златни.

„По Олимпијадата дојде до смена на генерациите, а кога се вратив на тренинзите по повредата во ноември 2024 година, сфатив дека многу познати лица повеќе ги нема. Тоа ме натера да се преиспитам. По неуспехот на Олимпијадата, не сакав да ја завршам репрезентативната кариера со чувство на горчина. Сè уште имав можност да играм на едно големо натпреварување и да се обидам да ја завршам кариерата на високо ниво“, порача меѓу другото Карабатиќ на социјалните мрежи.

Карабатиќ годинава со репрезентацијата на Франција го освои бронзениот медал на Светското првенство.

Уживав на последниот турнир. Не беше лесно, но успеав да уживам. Секако дека не ја освоивме титулата, но да ја завршиш репрезентативната кариера со медал е посебно чувство – потенцираше ракометарот на Пари Сен Жермен.


Романски Баја Маре е ривал на Алкалоид во четвртфиналето на ЕХФ Купот

Романскиот ракометен состав, Баја Маре, ќе му биде противник на нашиот Алкалоид во новата елиминациска рунда во ЕХФ Европскиот куп.

Избраниците на Кире Лазаров првиот меч треба да го одиграат на теренот на противникот додека реваншот ќе биде во Скопје.

Баја Маре претходно ги елиминираше косовскиот Раховеци и финскиот БК-46. Алкалоид пак успеа да ги прескокне претставниците на Австрија и Италија.


Еурофарм Пелистер го „разнесе“ Алкалоид и го презеде врвот на табелата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер издвојуваа голема победа над Алкалоид (33-20) во дерби натпреварот од 19. коло во Суперлигата. Бранителот на трофејот беше супер-мотивиран, расположен за игра и му одржа лекција на ривалот од Автокоманда од кого го загуби првиот меч во шампионатот. Меѓутоа вечерва воден од верната битолска публика, Еурофарм Пелистер беше нерешлива енегма за избраниците на Кире Лазаров и дојде до триумфот кој го посакуваше, триумф со кој го презема првото место на табелата.

Четата на Алонсо знаеше што сака на ова соочување од почетокот до самиот крај, имаше контрола на резултатот, играта, па така по првото полувреме имаа плус пет (16-11), предност која продолжи да расте во вторите 30 минути за конечни на тринаесет разлика.

Најефикасен во победничкиот табор беше Кузмановски со единаесет погодоци, а осум гола додаде Богдан Радивојевиќ. Кај поразените се истакна Серафимов со осум реализации.

Во следното коло Еурофарм Пелистер ќе гостува во Радовиш, а претходно игра европски дуел во Берлин.