ракомет

Лазаров: Создаваме тим кој ќе ја прави Македонија горда и во иднина

Селекторот на Македонска машка ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, не го криеше задоволството по убедливата победа над Словачка машка ракометна репрезентација од 38:23, резултат со кој Македонија обезбеди пласман на ново Светско првенство.

Македонските ракометари одиграа сигурен и доминантен натпревар, а Лазаров по мечот истакна дека пристапот и дисциплината на неговите избраници биле клучни за убедливиот триумф.

„Треба да бидеме задоволни без разлика на квалитетот на противникот. Словачка покажа против Украина дека поседува квалитет и не е лесно да се победи таква селекција. Им честитам на момците, бидејќи не се добива секој ден со 15 голови разлика. Одигравме сериозно и одговорно, а токму тоа го барав од играчите. Имавме одредени падови во играта, но генерално одигравме квалитетен натпревар. Важно е што и останатите играчи добиваат простор, бидејќи така создаваме поширок ростер за потешките натпревари што следуваат“, додаде македонскиот селектор.

Лазаров посочи дека репрезентацијата постепено гради препознатлив систем и тимски дух, нешто што, според него, било една од главните цели во изминатиот период.


Македонија од втор шешир ја чека ждрепката во Минхен

Македонските ракометари супериорно обезбедија место на Светското во Германија во 2027 година откако на домашен терен ја прегазија Словачка со 38:23. Во преполниот СЦ „Борис Трајковски“, избраниците на Кирил Лазаров доминираа од првата до последната минута и со двоцифрена предност го завршија мечот. Тоа само ја покажува разликата меѓу двете земји која беше евидентна и на првата средба во Прешов кога славевме со 31:24.

Сега националниот тим со нетрпение ја чека ждрепката на 10 јуни во Минхен.

Шешири за ждрепката за Светското првенство:
Прв шешир:
Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет, Аргентина

Втор шешир:
Франција, Словенија, Норвешка, Србија, Шпанија, Италија, Фарски Острови, Македонија

Трет шешир:
Грција, Полска, Бразил, Бахреин, Тунис, Зеленортски острови, Чиле, САД

Четврти шешир:
Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола, Уругвај, Вајлд карта 1, Вајлд Карта 2

Нашите ракометари ги очекува десеттиот настап на Мундијалите.


Македонија со супер-убедливо издание го потврди учеството на Светското првенство

Македонија со две убедливи победи над Словачка и вкупни 6947 успеа да дојде до пласман на ракометното Светско првенство во Германија, во јануари следната година. Салата „Борис Трајковски“ беше распродадена за мечот против Словаците, а фантастичната игра на македонските ракометари беше поздравена од речиси 7.000 гледачи. Македонија вечерва ја декласира Словачка во бараж двомечот и на вториот меч во Скопје победи со 38-23 (18-11).

Македонија имаше водство од почетокот до крајот на мечот, не дозволувајќи им на Словаците ниту да „помирисаат“ изненадување. Откако во првиот дел Македонија поведе во еден момент и со +8 (12-4), се знаеше дека билетот за нов Мундијал е тука блиску. Во вториот дел само ја зголемуваше предноста, и на крајот дојде до највисоките +15.

Филип Кузмановски беше најефикасен со единаесет гола, а Велковски постигна шест. Пласман на СП 2027 во Германија преку баражот изборија: Норвешка, Фарски острови, Шпанија, Грција, Полска, Франција, Словенија, Србија и Италија. Ждрепката за завршниот турнир е закажана за 10 јуни.


Еурофарм Пелистер се засили крило од БиХ

Македонскиот тим Еурофаем Пелистер, го претстави своето ново засилување за следната сезона.

Во Битола доаѓа талентираниот босански ракометар Едвин Џелиловиќ.

Се работи за 23-годишно десно крило, кое во битолскиот суперлигаш ќе пристигне од редовите на Извиѓач.

Едвин Џелиловиќ ќе биде официјално претставен на почетокот на подготовките за сезоната 2026/27 во јули годинава.

Џелиловиќ е третото засилување на пелистерци за следната сезона, откако претходно договорени беа трансферите на Миха Котар и Мартин Серафимов. Во Битола доаѓа и легендарниот Лино Червар, како тренер на екипата.


Моќно издание на Македонија во Прешов, Мундијалот во Германија на дофат

Ракометната репрезентација на Македонија направи огромен чекор кон обезбедување место на Светското првенство, откако вечерва во Прешов славеше убедлива победа над Словачка со 24:-1 во првиот бараж-дуел. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров уште во првото полувреме покажаа дека се поквалитетен ривал. При нерешени 9-9, направивме серија од 4-1, по што одржувавме два-три голови разлика до пред паузата, а при позитива од 13-16, со головите на Костески и Кузмановски по првите триесет минути водевме со 13-18. Во второто полувреме одигравме уште подобро, контролиравме предност од пет-шест голови разлика, а во 43 минута дојдовме и до највисоки 25-17 по погодокот на Џонов.

Ништо не се менуваше до крајот на мечот, не им дозволивме на Словаците во ниту еден момент да се понадеваат на евентуално враќање во мечот. Постепено имавме шест-седум голови предност, македонските ракометари искусно и квалитетно во нападот и одбраната го одведоа мечот до висока и значајна победа.

Најефикасен во македонскиот состав беше Филип Кузмановски со десет погодоци, додека Милан Лазаревски постигна седум голови. Реванш-натпреварот ќе се одигра на 17 мај во СЦ „Борис Трајковски“, каде Македонија ќе има можност пред домашната публика да го потврди пласманот на Мундијалот.

Светското првенство ќе се одржи во Германија во јануари следната година.


Чупиќ ќе добие продолжување на договорот со Вардар 1961

По освоената титула во домашното ракометно првенство, Иван Чупиќ ќе го продолжи договорот со Вардар на уште една година. Како што потврди првиот човек на шампионот, Михајло Михајловски, со Чупиќ е договорено продолжување на соработната на уште една сезона.

„Имав состанок со Чупиќ и разговаравме за ново продолжување на договорот. Тој дојде во Вардар со двегодишен договор, а сега ќе ја продолжиме соработката за уште една година“, потврди Михајловски.

Иван Чупиќ во првата година по враќањето во дресот на Вардар ја освои двојната круна на домашната сцена и го однесе Вардар до четвртфиналето на ЕХФ Европската лига.


Богдан Радивојевиќ ќе го замени Еурофарм Пелистер со Бешикташ

Богдан Радивојевиќ по три сезони го напушта РК Е. Пелистер и кариерата ја продолжува во Бешикташ.

Ракометарот потпиша договор со турскиот клуб, каде повторно ќе соработува со поранешниот тренер на Пелистер, Рубен Гарабаја.

Радивојевиќ од Битола заминува со две шампионски титули и три настапи во Лигата на шампионите.

Е.Пелистер за следната сезона на десната крилна позиција ќе смета на Рудолф Хекберт и младиот Ненад Белистојаноски.


Вардар 1961 го продолжи договорот со капитенот Гоце Георгиевски

Новиот ракометен шампион на Македонија, РК Вардар 1961 на социјалните мрежи го објави продолжувањето на договорот со својот капитен Гоце Георгиевски кој и следната сезона ќе го носи „црвено-црниот“ дрес на Вардар и ќе ја предводи екипата кон нови победи.

Во објавата на клубот се вели:

„Капитенот на нашиот клуб, Гоце Георгиевски потпиша нов договор за наредната сезона и својата богата кариера ќе ја заврши во Вардар!
Гоце Георгиевски е дете на Металург, а во својата богата кариера бележеше одлични настапи во екипите на Тулуз-Франција и Букурешт-Романија.

Во Вардар пристигна во сезоната 2020/21 и од тој момент, претставува незаменлив дел од клупскиот мозаик. РК Вардар е неизмено горд што нашиот капитен го продолжи договорот за уште една сезона и својата кариера ќе ја заврши во нашиот клуб! Се надеваме со уште поуспешна сезона од актуелната“.


Лино Червар ќе го води Еурофарм Пелистер следната сезона

Искусниот хрватски тренер Лино Червар е нов тренер на Еуеорфарм Пелистер. Битолскиот клуб денеска ја потврди веста која вчера беше актуелна. 75-годишниот Хрват ќе го води новиот проект на „зелено-белите“ со една цел – да се врати титулата во Битола, и да се направи успех на меѓународна сцена.

„Во нашата историја и идентитет не постојат мали цели. Затоа мора секогаш да бидеме на висината на предизвикот, да го следиме трендот и да го надградуваме проектот. Нашата нова приказна за сезоната 2026/27 почнува со назначувањето на новиот тренер. Нашиот избор падна на олимписки и светски првак, човек кој е синоним за ракометот на овие простори — Лино Червар. Хрватскиот тренерски маг и официјално е нов тренер и предводник на проектот на Еурофарм Пелистер и се обрвза на двегодишен договор со клубот и најракометниот град.

Не треба да се трошат зборови за тренерската кариера на стручњакот од Умаг. Беше селектор на Италија, Хрватска и Македонија, ги водеше Загреб и Металург, ги освои скоро сите титули со националниот тим на својата земја… Червар во Македонија направи големи работи со Металург и македонската репрезентација, афирмираше многу ракометари, освојуваше титули, а и создаваше зрели личности од своите млади момци.

Чувствуваме дека ова е вистински момент проектот да му биде доверен на Лино Червар, а со тоа Еурофарм Пелистер да се издигне на уште повисоко ниво од годините на трите шампионски титули и учеството во Лигата на шампионите“, се вели во соопштението на Еурофарм Пелистер.

Лино Червар наскоро ќе биде претставен пред јавноста и медиумите.


Лино Червар пред промоција на клупата на Еурофарм Пелистер

Лино Червар од следната сезона ќе седне на клупата на Еурофарм Пелистер, објави хрватски „Индекс“ наведувајќи дека со овој потег, битолскиот клуб се обидува што поскоро да се врати на врвот на македонскиот ракомет.

Еурофарм Пелистер се одлучи за докажано решение. Червар веќе е во детални разговори со раководството на клубот за засилувања за следната сезона. Неговата врска со Македонија е длабока – тој поседува македонски пасош и е поранешен селектор на нашата најдобра репрезентација. Иако веќе некое време не е на теренот, клубот верува дека тој е сè уште во полна сила за да го предводи тимот.

Овој клуб се бори за второто место во првенството оваа сезона и ќе остане без шампионска титула по три години. Тие исто така пропуштија место во финалето на националниот Куп.

Од друга страна, одиграа солидна европска сезона, освојувајќи шест бода во групната фаза од Лигата на шампионите со две победи и два нерешени резултати.