ракомет

Вероника Консевиќ освои бронза за Македонија на Мeдитеранските игри

Македонија освојува уште еден медал на Медитеранските Игри во Таранто. Денеска во финалната програма на натпреварите во борење слободен стил во женска конкуренција, бронзен медал за Македонија обезбеди Вероника Консевиќ.

Таа во малото финале во категоријата до 57 килограми славеше над Милица Петровиќ од Србија со 7:5 и успеа да го освои бронзениот медал.

Интересно е што и покрај тоа што неодамна на свет го донесе своето прво дете, Вероника собра храброст и со голем апожртвуваност успеа да дојде до голем медал.


Партизан го „краде“ Ѓукиќ од Охрид

Ракометарот на Охрид, Дарко Ѓукиќ, може да замине во составот на Партизан кој ќе биде дел од Лигата на шампионите во новата сезона.

Според одредени шпекулации, српското десно крило е пред трансфер во редовите на „црно-белите“.

Низ кулоарите се шпекулира дека челниците на Партизан ќе направат напор да го ангажираат Ѓукиќ кој би бил одлично засилување за наредните предизвици пред се во меѓународната конкуренција.


Кузмановски го растури Партизан, Еурoфарм Пелистер одлично ја почна Регионалната лигa

Новата сезона за битолски Еурофарм Пелистер започна перфектно. Лино Червар ја оствари првата победа на клупата на пелистерци, откако славеше на дебито во Регионалната ракометна лига. Во салатата „Боро Чурлески“ вечерва падна Партизан, откако пелистерци триумфираа со 35-31 (20-13).

Очекувањата за тактичко надмудрување меѓу двајцата трофејни тренери, Червар и Раул Гонзалез, беа оправдани уште од првата минута. Битолчани влегоа мотивирано и го диктираа темпото уште од самиот старт на мечот. Со фуриозна игра, веќе на полувреме имаа позитива од седум голови, откако беше 20-13. Во вториот дел домашните ракомегари целосно го контролираа мечот, и на крајот запишаа триумф од четири голови разлика.

Кузмановски со петнаесет гола беше најефикасен на мечот, додека кaј Партизан Вагнер постигна десет голови. В среда во Битола гостува Ловќен од Цетиње во вториот натпревар од групата во регионалната лига.


Охрид го освои Меморијалот „Крсте Андоновски“ е МВП на турнирот

Домаќинот Охрид го освои трофејот на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Во финалето, Охрид го победи Вардар со 29-27 (12-10).

Првиот дел од финалето мина во израмнета игра, се играше гол за гол, а ниту еден тим се до финишот на првото полувреме немаше предност поголема од еден гол.

Охриѓани подобро влегоа во вториот дел, во 40-та минута стекнаа предност од четири гола (17:13), која до крајот не ја испуштија.

Охрид до победата го предводеше Унгарецот Доминик мате со шест гола.

Ова беше второ финале, во изминатите десет дена во кое се сретнаа овие ривали. Претходно Охрид го победи Вардар и во финалето на турнирот во Струга.

На почетокот на септември, Вардар и Охрид ќе се сретнат во финалето на Супер купот на Македонија.

Претходно, Загреб го освои третото место, откако по изведување пенали го совлада Тримо Требње. Регуларниот дел заврши 24:24, а Загреб славеше со 5:3 по изведувањето пенали. Петтото место и припадна на Војводина со победата над Нексе од 33:30, додека Египет У20 заврши седми по триумфот над Олимпијакос со 36:33.


Повредата е минато, Лазаревски спремен за враќање на терените

Македонскиот ракометен репрезентативец, Милан Лазаревски е подготовен да се врати на терените.

Поради повреда на рамото, вардаровиот пикер беше надвор од терените.

Лазаревски успешно ја заврши рехабилитацијата, на голема среќа не станува збор за нешто посериозно.

Тој поради истиот проблем претходно една година беше надвор од терените.


Алкалоид двапати го совлада египетскиот национален тим

Алкалоид продолжува со подготовките за новата сезона во која покрај домашните обврски ќе настапи на две меѓународни сцени, ЕХФ Европскиот Куп каде испиша историја како прв македонски тим кој го освоил овој трофеј, и во Регионалната лига.

Тренерот Кирил Лазаров и неговите избраници го одиграа вториот пријателски натпревар, за противник го имаат тимот на Египет, кого го совладаа со 33-31.

Оваа репрезентација во Скопје се подготвува за Медитеранските Игри. Двата тима ќе одиграат уште еден контролен меч, и тој ќе биде од затворен карактер.

Алкалоид претходно славеше против Прилеп.

Својот прв официјален натпревар ќе го одигра на 26. август во салата во Автокоманда, а противник ќе биде составот на Партизан, предводен од поранешниот македонски селектор, Раул Гонзалез.


Охрид го освои турнирот во Струга втора година по ред

Ракометарите на Охрид со 31-30 го победија Вардар и го одбранија трофејот на традиционалниот ракометен турнир во Струга.

Натпреварот беше изедначен, во првото полувреме и двете екипи се менуваа во водство. Во вториот дел Охриѓани беа тие кои водеа, а Вардар се трудеше да го сврти резултатот.

Охрид неколкупати водеше и со три гола разлика, но на крајот мечот влезе во драматичен финиш. Вардар имаше три секунди за израмнување, за малку не успеа да ги искористи, Охрид беше тимот кој победи со 31-30.

Најефикасен за Охрид беше Филип Талески со девет голови, кај Вардар најдобар беше Мохаб Абделха со осум погодоци.


Македонија дел од заедничката балканска кандидатура за ЕП 2034

Ракометните федерации на Македонија, Србија и Словенија официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на машкото EHF EURO 2034. Трите земји со богата ракометна традиција ги здружија силите со јасна амбиција заеднички да бидат домаќини на еден од најголемите настани во европскиот ракомет.

„За мене претставува посебна чест и задоволство што Ракометната федерација на Македонија прави уште еден значаен чекор напред и што, заедно со ракометните федерации на Србија и Словенија, учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото EHF EURO 2034. Верувам дека сите три федерации, со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција, ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на Европската ракометна федерација и успешно да организираат Европско првенство на највисоко ниво. Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа останува така. За нас оваа кандидатура е можност за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани. Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе ја добие довербата и дека во 2034 година, заедно со Србија и Словенија, ќе бидеме успешни домаќини на EHF EURO“, изјави претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов.

Сите три федерации ја истакнуваат својата целосна подготвеност во процесот на кандидатурата и евентуалната организација на првенството во целост да ги почитуваат правилата и насоките на Европската ракометна федерација (EHF), како и да ги исполнат сите неопходни организациски, инфраструктурни и други услови за одржување на натпреварувањето на највисоко ниво.


Челниците на РФМ со прием за кадетите по шампионатот во Белград

По успешниот настап на EHF EURO 2026 и освоеното 9. место, денеска машката кадетска репрезентација на Македонија беше пречекана во просториите на Ракометната федерација на Македонија.

Претседателот на РФМ, г-дин Александар Стефанов, им честиташе на ракометарите и стручниот штаб за постигнатиот резултат, борбеноста и залагањето во текот на целиот шампионат, посакувајќи им многу успех во понатамошниот развој и во следните репрезентативни предизвици.

Оваа генерација го заврши Европското првенство на 9. место, а воедно обезбеди и пласман на Светското првенство за кадети во 2027 година.


Струшкиот турнир спремен за уште едно издание

На отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, од 12 до 15 август, ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“. Турнирот го носи името „Вангел Баљукоски – Баљук“, во чест на поранешниот ракометар на Струга. Првото издание турнирот го имаше во 1973 година.

  • Турнирот во Струга е со најголема ракометна традиција во Македонија и е препознаен и во регионот. Настапиле голем број познати имиња, биле исто така познати тренери, ракометни великани. Струга е место каде се раѓаат нови амбиции. Клубовите најчесто да проверуваат формата токму на турнирот во Струга. Турнирот секогаш бил во служба на ракометот. Веруваме дека и годинава ќе има квалитетни натпревари, полни со неизвесност, спортски дух и нешто што ќе се памети, истакна членот на Организацискиот одбор, Милчо Чакарески.

На прес конференцијата се обрати и министерот за спорт, Борко Ристовски:

  • Ние како Влада и Министерство за спорт секогаш сме тука да помогнеме нешто што има голема традиција, како што е овој турнир. Струшкиот турнир претставува историја за спортот и за ракометот, историја на Струга и на Македонија. Пофалби и за новата управа клубот за сите напори што ги направи за организацијата на клубот. Во план е во следниот период и да се направи и реконструкција на игралиштето (се игра на отворено).

Генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Влатко Тасевски, уште еднаш ја потврди поддршката на Федерацијата кон овој традиционален ракометен настан.

  • Ракометната федерација на Македонија континуирано дава максимална поддршка на ракометните клубови, како и на сите проекти и спортски манифестации кои придонесуваат за развојот, афирмацијата и промоцијата на македонскиот ракомет.

Повратникот во редовите на РК Струга и капитен на екипата, Марио Танкоски ја потенцираше важноста на турнриот за новиот состав.

  • За нас најважно ќе биде добро да се воиграме. Тешко е да се каже дека ќе бидеме конкурентни за освојување на турнирот, пред сè бидејќи има и други поквалитетни екипи.

На турнирот ќе настапат шест екипи поделени во две групи: Вардар, Бутел Скопје и Прилеп (група А), Струга, Охрид и Дубочица Лесковац (група Б).

Од среда до петок ќе се играат натпреварите од групите (по два на ден), а на 15.август (сабота) ќе се играат натпреварите за пласман.

Пехарот го брани екипата на Охрид.