ракомет

Алкалоид со пораз ја почна регионалната лига

Алкалоид со пораз ја отвори Регионалната лига откако на свој терен, во Автокоманда загуби од Партизан со 31-39.

Ова беше и прво тренерско соочување на Раул Гонзалес со Кире Лазаров, битката ја доби Шпанецот.

Партизан постојано водеше, но Алкалоид не беше далеку во поголемиот дел од мечот, на полувремето црно-белите имаа предност од 17-15.

Но, во вториот дел Партизан заигра многу подобро, почна да се одлепува и на крајот славеше со убедливи 39-31.

Аљоша Дамјановиќ со десет голови беше најефикасен кај Партизан, за Алкалоид Костески реализираше шест пати, пет даде Цехте.

Во следното коло Алкалоид се среќава со Ловќен кој денеска беше прегазен од Еурофарм Пелистер.


Нов фестувал од голови на пелистерци, Ловќен надигран во Битола

Со две победи од два натпревари Лино Червар ја започна својата авантура во Битола. Еурофарм Пелистер со убедливи 45-33 (24-15) го победи Ловќен во натпревар од второто коло во Регионалната ракометна лига.

Битолчани тргнаа фуриозно уште од самиот почеток на натпреварот, момците на Червар сериозно си ја сфатија задачата па на полувремето имаа предност од 24-15. И во второто полувреме паднаа многу голови, а вистински предводник на тимот беше Филип Кузмановски кој постигна дури 14 голови. Конечниот резултат гласеше 45-33.

Но, не беше само Кузмановски супер-ефикасен, двоцифрен беше и Ник Хенигман кој даде десет голови. Одушеви потегот на црногорскиот првак, кој излезе со маички со името на Боро Чурлевски, кој дел од кариерата помина токму во овој клуб. Следниот меч на пелистерци во регионалната лига е против Дубочица на 31 август.


Босанецот Мехмедовиќ експресно си замина од Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер неочекувано ја прекина соработката со ракометарот, Омер Мехмедовиќ, кој практично без да одигра официјален меч си заминува од Битола.

Тој ги помина летните подготовки со „зелено-белите“ но, не доби шанса да се појави пред домашната публика.

Интернационалецот од БИХ во мај беше најавен како големо засилување но, од засега непознати причини, си замина од клубот.


Вероника Консевиќ освои бронза за Македонија на Мeдитеранските игри

Македонија освојува уште еден медал на Медитеранските Игри во Таранто. Денеска во финалната програма на натпреварите во борење слободен стил во женска конкуренција, бронзен медал за Македонија обезбеди Вероника Консевиќ.

Таа во малото финале во категоријата до 57 килограми славеше над Милица Петровиќ од Србија со 7:5 и успеа да го освои бронзениот медал.

Интересно е што и покрај тоа што неодамна на свет го донесе своето прво дете, Вероника собра храброст и со голем апожртвуваност успеа да дојде до голем медал.


Партизан го „краде“ Ѓукиќ од Охрид

Ракометарот на Охрид, Дарко Ѓукиќ, може да замине во составот на Партизан кој ќе биде дел од Лигата на шампионите во новата сезона.

Според одредени шпекулации, српското десно крило е пред трансфер во редовите на „црно-белите“.

Низ кулоарите се шпекулира дека челниците на Партизан ќе направат напор да го ангажираат Ѓукиќ кој би бил одлично засилување за наредните предизвици пред се во меѓународната конкуренција.


Кузмановски го растури Партизан, Еурoфарм Пелистер одлично ја почна Регионалната лигa

Новата сезона за битолски Еурофарм Пелистер започна перфектно. Лино Червар ја оствари првата победа на клупата на пелистерци, откако славеше на дебито во Регионалната ракометна лига. Во салатата „Боро Чурлески“ вечерва падна Партизан, откако пелистерци триумфираа со 35-31 (20-13).

Очекувањата за тактичко надмудрување меѓу двајцата трофејни тренери, Червар и Раул Гонзалез, беа оправдани уште од првата минута. Битолчани влегоа мотивирано и го диктираа темпото уште од самиот старт на мечот. Со фуриозна игра, веќе на полувреме имаа позитива од седум голови, откако беше 20-13. Во вториот дел домашните ракомегари целосно го контролираа мечот, и на крајот запишаа триумф од четири голови разлика.

Кузмановски со петнаесет гола беше најефикасен на мечот, додека кaј Партизан Вагнер постигна десет голови. В среда во Битола гостува Ловќен од Цетиње во вториот натпревар од групата во регионалната лига.


Охрид го освои Меморијалот „Крсте Андоновски“ е МВП на турнирот

Домаќинот Охрид го освои трофејот на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Во финалето, Охрид го победи Вардар со 29-27 (12-10).

Првиот дел од финалето мина во израмнета игра, се играше гол за гол, а ниту еден тим се до финишот на првото полувреме немаше предност поголема од еден гол.

Охриѓани подобро влегоа во вториот дел, во 40-та минута стекнаа предност од четири гола (17:13), која до крајот не ја испуштија.

Охрид до победата го предводеше Унгарецот Доминик мате со шест гола.

Ова беше второ финале, во изминатите десет дена во кое се сретнаа овие ривали. Претходно Охрид го победи Вардар и во финалето на турнирот во Струга.

На почетокот на септември, Вардар и Охрид ќе се сретнат во финалето на Супер купот на Македонија.

Претходно, Загреб го освои третото место, откако по изведување пенали го совлада Тримо Требње. Регуларниот дел заврши 24:24, а Загреб славеше со 5:3 по изведувањето пенали. Петтото место и припадна на Војводина со победата над Нексе од 33:30, додека Египет У20 заврши седми по триумфот над Олимпијакос со 36:33.


Повредата е минато, Лазаревски спремен за враќање на терените

Македонскиот ракометен репрезентативец, Милан Лазаревски е подготовен да се врати на терените.

Поради повреда на рамото, вардаровиот пикер беше надвор од терените.

Лазаревски успешно ја заврши рехабилитацијата, на голема среќа не станува збор за нешто посериозно.

Тој поради истиот проблем претходно една година беше надвор од терените.


Алкалоид двапати го совлада египетскиот национален тим

Алкалоид продолжува со подготовките за новата сезона во која покрај домашните обврски ќе настапи на две меѓународни сцени, ЕХФ Европскиот Куп каде испиша историја како прв македонски тим кој го освоил овој трофеј, и во Регионалната лига.

Тренерот Кирил Лазаров и неговите избраници го одиграа вториот пријателски натпревар, за противник го имаат тимот на Египет, кого го совладаа со 33-31.

Оваа репрезентација во Скопје се подготвува за Медитеранските Игри. Двата тима ќе одиграат уште еден контролен меч, и тој ќе биде од затворен карактер.

Алкалоид претходно славеше против Прилеп.

Својот прв официјален натпревар ќе го одигра на 26. август во салата во Автокоманда, а противник ќе биде составот на Партизан, предводен од поранешниот македонски селектор, Раул Гонзалез.


Охрид го освои турнирот во Струга втора година по ред

Ракометарите на Охрид со 31-30 го победија Вардар и го одбранија трофејот на традиционалниот ракометен турнир во Струга.

Натпреварот беше изедначен, во првото полувреме и двете екипи се менуваа во водство. Во вториот дел Охриѓани беа тие кои водеа, а Вардар се трудеше да го сврти резултатот.

Охрид неколкупати водеше и со три гола разлика, но на крајот мечот влезе во драматичен финиш. Вардар имаше три секунди за израмнување, за малку не успеа да ги искористи, Охрид беше тимот кој победи со 31-30.

Најефикасен за Охрид беше Филип Талески со девет голови, кај Вардар најдобар беше Мохаб Абделха со осум погодоци.