ракомет

Стерјев: Зад себе оставаме лоша сезона, но со Лино пак ќе ги нападнеме домашните трофеи

Еурофарм Пелистер отвори ново поглавје со ангажманот на трофејниот стратег Лино Червар, со кој потпиша договор на две сезони. Претседателот на клубот што трипати по ред беше шампион на Македонија, Зоран Стерјев, смета дека неговиот ангажман ќе донесе многу позитивни работи за битолчани.

„Отвораме ново поглавје во длабоката и голема историја на овој клуб, со кое што ќе ја трасираме иднината да биде уште поубава, поуспешна. Сметам дека изборот на Лино Червар е вистинскиот избор, којшто ќе ни помогне на овој пат. Со господинот Червар ние веќе неколку години сме во интензивен меѓусебен контакт. Како и за сè во животот, така и за оваа работа требаше да се спојат сите „коцки“ и да се усогласиме за наша соработка, на која јас сум исклучително горд и задоволен.

Сметам дека ангажманот на Червар ќе биде од неколкукратно позитивно значење, пред сè заради стабилноста која ќе ја добие првата екипа. Ние се усогласивме меѓу другото дека во животот процесот на учење е доживотен и дека сите треба да учиме, секој од секого и на тој начин да се воздигнуваме и да одиме напред. Јас сум убеден дека сите ние во клубот ќе имаме што да научиме од знаењето и искуството на Лино Червар. За првата екипа тоа ќе значи огромна стабилност, она што и сега во моментот Червар го кажува, ќе бидеме поразлични од сите. Тоа е возбудата што и кај мене се подигнува на највисоко ниво.

Она што особено ме радува со овој стручњак е што ќе придонесе за „раѓање“ на нови играчи на овие простори. Ние во клубот имаме одлични младински, кадетски, пионерски школи. Еурофарм Пелистер 2 исто така работи на развој на нови играчи, меѓутоа неговото искуство и тоа како ќе помогне за дел од играчите, големите таленти, се преточат во светски ракометари и лидери. Сите ќе имаат придобивки и клубот и градот и играчите.

Очекувањата се големи, амбициите како и секогаш се на највисоко ниво. Зад себе оставивме една прилично стресна сезона, за која што сè уште ќе ни треба време за целосна евалуација да ги донесеме крајните заклучоци. Не бевме успешни во остварувањето и реализацијата на целите кои ги поставивме пред себе и за тоа треба да бидеме свесни и реални и да ги пронајдеме причините зошто тоа не се направи, затоа што само на таков начин ќе може да се вратиме кон реализацијата на високите цели. За следната сезона тоа се „двојната круна“ во Македонија и што е можно подобар настап во Европа.

Со оглед на тоа што како играчки потенцијал што го имаме и стручноста на стручниот штаб, на чело со Червар, мислам дека тие зацртани цели се реалност и дека со една макотрпна работа и професионалност, ќе успееме во наредната година повторно трофеите од македонското првенство и Куп да ги вратиме во нашиот град и пак да бидеме ракометен центар во Европа, терен на којшто и најголемите екипи тешко ќе можат да ги остварат своите цели“, изјави Стерјев.

Еурофарм Пелистер во новата сезона на домашна сцена влегува како вицешампион, ќе игра во регионалната лига, додека во Европа ќе настапи во групната фаза од второто по ранг натпреварување на ЕХФ, Европската лига.


Червар: Пелистер е најракометното име во Македонија, тука ќе ја завршам кариерата

Лино Червар е во Битола, каде што и официјално беше промовиран во нов тренер на Еурофарм Пелистер. Искусниот хрватски стратег по речиси една деценија се враќа да работи во Македонија, најавувајќи дека ова ќе биде негов последен тренерски предизвик во неговата богата кариера.

„Чест ми е да работам во Битола, град со огромна ракометна традиција. По осум години се враќам во мојата втора татковина и тука ќе биде крај на мојата кариера. Пред тоа одлучив дека на сè му доаѓа крајот, а тоа е најубаво во градот каде што ракометот е религија. Има луѓе кои сакаат спорт, да го работиш она што го сакаш е најголемата среќа на човекот. Видов дека постои желба кај луѓето од Битола да дојдам и го прифатив тоа“, рече Червар.

Хрватот многу добро ги знае ракометните случувања во Македонија и знае дека пред него и пред „зелено-белите“ ќе има голем предизвик во следната сезона.

„Поздрав за сите поранешни тренери, играчи кои играле за Еурофарм Пелистер, тоа за мене е најголемото ракометно име во Македонија. Имам тешка задача, конкуренцијата е голема, ама мораме да одиме позитивно. Мора да ги пофалиме конкурентите, Вардар, кој се разбуди и оди со крупни чекори, потоа и Охрид, кој освои европска титула, мора да бидеме пријатели и да соработуваме, ама да има и борба. Ние сме една фамилија, ќе дадеме сè од себе и да ја оправдаме довербата“, додаде новиот тренер на Еурофарм Пелистер.

Подготовките за новата сезона битолскиот клуб ќе ги започне на 26 јули.


Лино Червар претставен како нов тренер на Еурофарм Пелистер!

Со презентација и официјална прес-конфернција денес започна ерата на Лино Червар во Битола. Хрватскиот стручњак беше претставен пред многубројните медиуми и за првпат позираше со дресот на Еурофарм Пелистер.

Тој истакна дека доаѓа мотивиран во најголемиот македонски клуб и ветува беспрекорна работа. На првиот чин на Червар во Битола присуствуваа и неговите соработници во стручниот штаб. Червар ќе прозива во Битола на 26 јули, а екипата покрај во Битола ќе се подготвува во Словенија.

Червар остави неизбришлив белег во историјата на македонскиот спорт како стратег на Металург. Под негово водство, клубот од Автокоманда од Скопје двапати стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите, во 2014 и 2015 година, во време кога целата земја живееше за ракометот. По таа епизода, тој кратко време ја водеше репрезентацијата на Македонија, а потоа се врати на хрватската клупа.

Во својата исклучително богата кариера, Червар го освои златниот медал со Хрватска на Олимписките игри во Атина во 2004 година, светското злато во Португалија во 2003 година и бројни други европски награди. Со Металург, тој беше четири пати државен шампион и три пати го освои Купот, а се сеќава и на вицешампионската титула во премиерното издание на СЕХА лигата во сезоната 2011/2012.


Пораз во пелагониското дерби и осмо место на крајот на Суперлигата за Еурофарм Пелистер 2

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 со пораз ја завршија авантурата во плеј-аутот на македонската Суперлига, откако загубија од Прилеп на домашен терен со 24-28 (12-14). Гостинскиот тим одигра подобар натпревар, имаше два гола предност на паузата (12-14), а во второто полувреме стави во уште посилна брзина, не дозволувајќи им на битолчани да се вратат во резултатска смисла.

Имаше Прилеп во еден момент и осум гола позитива, јасно ставајќи до знаење дека е поквалитетен тим. На крајот, конечниот резултат гласеше , а најдобар поединец кај победниците беше Димитар Димитриоски со десет погодоци. Кај домашниот тим, добар настап имаше Петар Марковски, кој постигна седум голови,

Екипата на Еурпфарм Пелистер 2 го заврши плеј-аутот на второто место, зад Прилеп, и вкупно е осмопласирана во Суперлигата за сезоната 2025/26. И следната сезона овој млад тим ќе игра во елитната категорија.


Кил и Мелсунген ќе играат финале на Европската лига

На завршниот турнир во Хамбург, Германија, се одиграа полуфиналните натпревари од ЕХФ Европската лига во кои победи забележаа екипите на Кил и Мелсунген.

Во првото полуфинале Кил со 29-28 го совлада Монпеље, додека во втората пресметка Мелсунген со 37-30 триумфираше над Фленсбург.

Кил со голот на Ерик Јохансон на 19 секунди пред крајот успеа да ја затресе противничката мрежа за победа. Токму Јохансон беше најефикасен со шест погодоци во својот тим, а за францускиот тим доминираше Давид Ромеу со осум голови.

Во победата на Мелсунген прв стрелец беше Даинис Кристопланс со девет голови, а блескаше и голманот Небјша Симиќ со 15 одбрани.

За поразените Емил Јакобсен реализираше седум голови, следен од Симон Питлик со шест.

Финалето меѓу Кил и Мелсунген е закажано за в недела од 18.00 часот.


Радовиш домаќин на баражите за опастанок во Суперлигата

Ракометната федерација на Македонија ги одреди термините за бараж-натпреварите за место во Суперлигата, кои ќе се играат на 3 јуни во салата „25 Мај“ во Радовиш.

Во женска конкуренција, ЖРК Пелистер ќе игра против Ѓорче Петров 2 од 17:30 часот, додека во машкиот бараж од 20:30 часот силите ќе ги одмерат Младост Богданци и Струга.

Прволигашите ќе се борат за пласман во елитата, а суперлигашкиот статус го бранат ЖРК Пелистер и Струга.


Еурофарм Пелистер со триумф над Алкалоид обезбеди настап во Европската лига

Во последниот натпревар сезонава во македонската Суперлига, ракометарите на Еурофарм Пелистер триумфираа вечерва во дербито против Алкалоид со 31-26.

Со триумфот пред домашната публика во Битола, ракометарите на Еурофарм Пелистер го обезбедија второто место на табелата и настап во Европската лига на ЕХФ.

Еурофарм Пелистер ја заврши сезоната со 52 бодови, колку што освои и ГРК Охрид, но битолскиот состав има подобар скор во меѓусебните дуели.

Капитенот Филип Кузмановски со седум голови го предводеше Еурофарм Пелистер до победата, додека Дамјан Митев постигна идентичен број голови во редовите на Алкалоид, кој ја заврши сезоната на четвртото место.


Вардар 1961 ја подигна шампионската титула по победата над Бутел

Ракометарите на Вардар 1961 го совладаа вечерва градскиот ривал Бутел со 36-34 во рамки на последното коло во македонската Суперлига и со триумф ставија печат на сезоната во која по пауза од три години ја освоија шампионската титула.

Во пресметка без резултатско значење, Вардар беше во негатива до завршните 15 минути, кога со серија од 5-1 дојде во водство од 34-31 и ја забележа својата 30. победа во сезоната.

По завршувањето на натпреварот, се одржа свечена церемонија на која претседателот на Ракометна федерација на Македонија, Александар Стефанов, го додели шампионскиот пехар, додека претседателот на Натпреварувачката комисија, Бобан Мајнов, ги додели златните медали на играчите и стручниот штаб на РК Вардар 1961.


Два бундеслигаши го сакаат Талант за тренер

Искусниот ракометен тренер Талант Душебаев по заминувањето од Киелце е на радарот на неколку клубови од Бундеслигата.

Според германските медиуми, интерес за него покажуваат Кил и Мелсунген, каде актуелните тренери се под притисок поради слабите резултати.

Душебаев, и покрај селекторската улога во Франција, не планира долго да остане без клупски ангажман и наскоро се очекува да донесе одлука за новиот предизвик.


Олимпијакос ја освои Евролигата во домот на најлутиот ривал

Грчкиот тим на Олимпијакос ја освои шампионската титула во кошаркарската Евролига.

Во финалето на завршниот турнир одржан во Атина, Олимпијакос го совлада Реал Мадрид со 92-85.

Во салата каде настапува лутиот ривал Панатинаикос, навивачите на Олимпијакос, а ги имаше над 15.000 можеа да се радуваат на трофејот.

До него кошаркарите на Олимпијакос дојдоа тешко бидејќи во еден миг губеа и со двоцифрена разлика.

Олимпијакос четврти пат во својата историја ја освојува Евролигата, а прв по пауза од од 13 години. И тогаш Олимпијакос во финалето славеше над Реал. Воедно грчкиот тим му се реваншира на Реал и за поразот пред три години во Каунас кога загуби во полуфиналето.

Шпанскиот „кралски“ клуб и по 21-вото финале останува на 12 трофеи, а последниот го освои во 2018-тата година.

Фурние со 20 поени беше лидер во редовите на победникот, зад него беше Питерс со 16 поени. На другата страна Лајлс имаше 24 поени.