ракомет

Германија и Франција планираат заедничка организација на СП во ракомет

Германија и Франција ќе имаат заедничка кандидатура за организација на Светското првенство во 2029 година и во 2031 година.

Двете федерации објавија дека посакуваат да бидат организатори на уште еден голем настан, но ќе имаат силна конкуренција. За организација на двата Мундијала, свои апликации имаат поднесено Исланд, Данска и Норвешка, како и Саудиска Арабија, односно Унгарија.

Со оглед на тоа што Германија веќе ја има организацијата на СП 2027, тешко е за верување дека ќе ја добие и за СП 2029, а јасно е дека ИХФ планира еден од овие два големи настани да се одржи во Саудиска Арабија.

Извршниот Комитет на ИХФ одлуката за доделување на домаќинствата на големите настани ќе ја донесе на 16 април.


Намален бројот на градови домаќини на СП во ракомет 2025

Светското првенство во ракомет во 2025 година според првичните
најави пред пет години, кога Данска, Норвешка и Хрватска ја добија
организацијата, требаше да се игра во 11 градови низ трите држави.
Сепак на крајот, и поради финансиски и поради организациски
причини, во комбинација останаа само пет града – Хернинг во
Данска, Осло во Норвешка, како и Загреб, Вараждин и Пореч.
Отпаднаа Драмен, Ставангер и Трондхајм во Норвешка, како и
Копенхаген во Данска. Од хрватските градови во комбинација беа
Сплит и Дубровник.
Досега на Мундијалот во 2025 година место имаат обезбедено 19
селекции, 11 места ќе бидат поделени во европскиот бараж, ќе биде
доделена уште една вајлд-карта, а место ќе има и за шампионот на
Северна Америка и Кариби.
Македонија ќе се соочи со Фарски Острови во битката за пласман на
СП 2025 година.


Шпанецот Сабате доби нов договор како чешки селектор

Ракометната федерација на Чешка, односно нејзиниот извршен одбор, одлучи и покрај неуспехот на континенталниот собир да не прави смена на селекторската функција.

Тоа значи дека селектор на Чешка останува искусниот Хавиер Сабате, кој на клупско ниво го предводи полскиот вицепрвак Висла Плоцк.

Шпанецот новиот предизвик со Чешка ќе го има во бараж двомечот против Романија за пласман на Светското првенство 2025.


Еурофарм Пелистер се засили со „џин“ од Полска

Македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер, пред почетокот на пролетниот дел од сезоната, доведе нов ракометар на пивотменската позиција.

Нов член на пелистерци е кружниот напаѓач од Полска, Матеуж Пиеховски, кој според договорот ќе го носи зелено-белиот дрес во наредната една и пол година.

28-годишниот Пиеховски е висок 210-сантиметри и во Битола доаѓа од редовите на турски Бешикташ, а претходно настапувал во Висла Плоцк, шпански Адемар Леон, Виктор Ставропол од Русија и германски Емшдетен.


Димитриоски доби нов договор во Ваљадолид

Македонскиот ракометен интернационалец, Димитар Димитриоски го продолжи договорот со шпанскиот прволигаш Атлетико Валјадолид.

Крилото и следната сезона ќе го носи дресот на Валјадолид откако клубот му го продолжи договорот и тоа денеска официјално го објави на својата интернет страница.

Димитриоски досега има постигнат 77 голови за оваа екипа, а сезонава има просек по два гола по натпревар. По настапот за неколку македонски екипи, левото крило од Еурофарм Пелистер се пресели во Валјадолид во 2022 година.


Перковац отпуштен, Хрватска ќе добие нов селектор

Одлуката за раскинување на соработката е еднострана и била донесена на последната седница на оваа федерација.

Се очекуваше за иднината на Перковац да се одлучува до крајот на оваа недела, сепак побрзо од очекуваното сојузот му се заблагодари на искусниот стратег.

Пресуден за отказот беше слабиот пласман на Европското првенство. Хрватска првенството го заврши како 11-та, иако стартуваше со победа против Шпанија, а го победија и домаќинот Германија, сепак тоа не беше доволно за подобра позиција.

Во хрватската јавност веднаш се појавија неколку имиња за можен наследник на Перковац, еден од кандидатите наводно е и Лино Червар.


Германците ги одбраа градовите домаќини на СП за ракометарки

За женското Светско првенство во ракомет, кое ќе се одржи во 2027 година, Германците ги одбраа градовите Трир, Дортмунд и Штутгарт, додека за машкото СП за три години ќе има осум града што ќе бидат домаќини, со оглед на тоа што ќе играат 32 селекции.

Пет од нив веќе беа домаќини на ЕП 2024, а ќе има плус три дополнително.Покрај Берлин со „Мерцедес Бенц Арена“, Манхајм, Хамбург, Келн и Минхен, Германците ги планираат и Хановер, Бремен и Штутгарт за домаќини на најдобрите светски репрезентации во јануари 2027 година.


Сораиндо го напушти Динамо Букурешт и потпиша во Турција

Легендарниот француски ракометар Седрик Сорaиндо го напушти романскиот Динамо Букурешт и ќе има нов предизвик во кариерата.

Кружниот напаѓач потпиша договор со турскиот Бешикташ и ќе игра во овој клуб најмалку до крајот на сезоната.

Во Бешикташ на линијата настапуваат полскиот интернационалец Матеуш Пиечовски и Алжирецот Хишем Кабеше.


Јакобсен: Не сум љубител на сребрени медали

Репрезентацијата на Данска не успеа да го освои златото на Европското првенство во Германија, откако во финалето загуби на продолженија од Франција со 33-31.

Актуелниот светски првак посакуваше европско злато, но „триколорите“ беа за нијанса подобри во продолженијата.

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, по загубната битка со Франција го анализираше поразот и истакна дека не е љубител на среброто.

,Не сум љубител на сребрените медали. Ова беше навистина еден тежок натпревар, се играше на едно високо ниво и двете репрезентации играа многу добро. Клучно е кога имате свои шанси, а не ги искористувате, поради тоа сега сме разочарани и тажни. Денес имавме свои шанси кои не ги искористивме и затоа Франција победи. Француската репрезентација беше малку подобраод нас во последните десет минути, изјави Јакобсен.


Вуко Борозан потпиша за клуб од Саудиска Арабија

Црногорскиот ракометар Вуко Борозан, по настапот на Европското првенство си обезбеди трансфер во Саудиска Арабија и во следните шест месеци ќе го носи дресот на Ал Хада.

Левиот бек на почетокот на оваа сезона беше претставен како големо засилување во црногорскиот шампион Ловќен, но двете страни спогодбено го раскинаа договорот.