ракомет

ЕХФ ја потврди одлуката за исклучување на Вардар од Лигата на шампионите

Европската ракометна федерација ја потврди одлуката за исклучување на македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 од настап во Лигата на шампионите во сезоната 2022/2023 година.

Причината за исклучувањето на Вардар е несредената финансиска ситуација во клубот, и каснењето со исплатата на финансиските обврски кон ракометарите кои порано настапуваа за тимот.

Забраната донесена од ЕХФ важи за сите европски ракометни натпреварувања, што подразбира дека Вардар нема право да настапува во ниту едно натпреварување кое е под капата на Европската ракометна федерација.


Манасков се збогува со фановите на Веспрем

Македонскиот ракометен репрезентативец, Дејан Манасков, го заврши својот престој во екипата на Веспрем.

На свечена церемонија пред неколку ијлади фанови, Веспрем му искажа благодарност на ракометарите кои го напуштаат клубот. 

Меѓу нив беше и Манасков кој во унгарскиот клуб помина пет години и ова беше негова последна сезона во тимот. Сеуште не е познато во кој клуб Манасков ќе ја продолжи својата кариера.


РФМ со писмо до ЕХФ бара останување на Вардар во Лигата на шампиони

Ракометната федерација на Македонија, преку писмо кое го испрати до раководството на Европската ракометна федерација, побара да му се дозволи на Вардар учество во Лигата на шампионите.

Ова писмо со барање од РФМ, доаѓа после информациите дека ЕХФ донесе одлука со која на Вардар му се забранува учество во ЛШ поради високите финансиски долгови на клубот кои останаа неподмирени од претходното раководство.

Во писмото се нагласува важноста на ракометниот бренд Вардар како во Македонија така и на Балканот и Европа. Двократниот освојувач на ЛШ со својот успех придонесе за огромна популарност на ракометот во нашата земја и пошироко.


Вардар со забрана од ЕХФ за настап во ракометната Лига на шампиони

Според информациите од европските ракометни кругови, македонскиот шампион Вардар 1961 го губи местото за настап во Лигата на шампионите за сезоната 2022/2023.

Како причина за евентуалната забрана за учество на Вардар во Лигата на шампионите, од ЕХФ ја истакнуваат несредената финансиска ситуација во клубот која трае уште од минатата сезона.

Официјалната одлука за судбината на двократниот освојувач на ЛШ, се очекува да биде донесена до крајот на оваа недела.


Митревски уште две години верен на Порто

Голманот на македонската ракометна репрезентација, Никола Митревски, кој беше номиниран за најдобар голман оваа сезона во Лигата на шампионите, ќе остане во дресот на Порто и во следните две сезони.

Како што потврди клубот, тој ја продолжил соработката со „змејовите“ до 2024 година.

Митревски е несомнено еден од најдобрите голмани во Европа во моментов, па Португалците не размислуваа премногу пред да му понудат нова соработка.


ЕХФ го објави идеалниот тим на сезоната

Викендов започнува завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони. По тој повод ЕХФ го објави идеалниот тим на сезоната во ова натпреварување.

Ол-стар тимот од клупата го предводи тренерот на Кјелце, Талант Душебаев. Голман е Никлас Ландин од Кил, крила се Гомез од Барселона и играчот на Фленсбург, Ване.

На бековската линија се најдоа Дика Мем од Барселона, како и играчите на Веспрем, Мае и Ненадиќ. Најдобар дефанзивен играч е Пекелер од Кил, а пикер е Камил Шипшак од ПСЖ.

За најдобар млад играч во ЛШ е прогласен Тобијас Грендал од Елверум.


Жарко Пешевски го заврши својот престој во ракометниот бундеслигаш Штутгарт

Македонскиот ракометен репрезентативец, Жарко Пешевски, го заврши својот три годишен престој во екипата на Штутгарт, за која успешно настапуваше во Бундеслигата.

Пешевски кој од наредната сезона се враќа во Македонија и ќе настапува за битолски Еурофарм Пелистер, после одигрувањето на последниот натпревар во дресот на Штутгарт, преку порака на социјалните мрежи се збогува со клубот.

“Поминав три одлични сезони во сино – белото семејство. Изградивме мост на две различни култури, со взаемно почитување и разбирање. Никогаш не се почуствував како странец во клубот. Ви благодарам од дното на душата, и довидување до следна прилика, Вашиот Жарки“, стои во објавата на Пешевски.


Кирил Лазаров го одигра последниот натпревар во кариерата

Легендата на македонскиот и европскиот ракомет, Кирил Лазаров, го одигра својот последен натпревар во кариерата.

Лазаров со својот клуб Нант доживеа пораз со резултат 36:31 од екипата на Париз Сен Жермен во финалето на Купот на Франција. 

После дуелот нашиот ракометар изјави дека е горд на се што постигнал во својата богата играчка кариера, и дека му беше чест што играл во Нант и во Франција.


„Кралско“ испраќање на Лазаров од Нант

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров, го одигра својот последен домашен натпревар во тимот на Нант.

По тој повод францускиот ракометен прволигаш, после средбата со Тулуз приреди свечена церемонија со која му се заблагодари на Лазаров за неговиот придонес за клубот. 

Во салата присуствуваше и семејството на Лазаров кој по овој повод беше седнат на „кралски“ престол и беше поздравен од многубројната публика.


Голманот Чаневски ќе брани во израелската ракометна лига

Голманот на ракометниот клуб Бутел Градимир Чаневски, ја напушта екипата и во иднина ќе настапува за тимот Макаби Ришон Лезион од Израел.

Според објавените информации, Чаневски со еден од најдобрите израелски клубови ќе потпише двегодишен договор.

Чаневски освен во Бутел, претходно успешно настапуваше и за екипата на Еурофарм Пелистер.