ракомет

Вардар 1961 се засили со Французинот Кеита

РК Вардар 1961 продолжува да го гради тимот за наредната сезона, а најново договорено засилување е Махамаду Кеита.

Кеита е 29-годишен француски интернационалец кој во Скопје ќе пристигне од Шпанија од прволигашот Пуенте Хенил.

Тој претходно има играно и за Ла Риоха, Бенфика со која ја освои Лига Европа, додека во својата татковина беше дел од Иври и ЦСМ.

Тој ја покрива позицијата лево крило и треба да биде адекватна замена за Марко Срдановиќ.

„Црвено-црните“ претходно ги обезбедија потписите на Марек Марцинијак, Милош Валах и Виктор Јанковски.


Вујовиќ влезе во „Куќата на славните“ на АСОБАЛ лигата

Алберто Ентрериос, Кристина Фернандез Пинеиро, Лоренцо Рико, Валеро Ривера и Веселин Вујовиќ се членовите на втората генерација на Куќата на славните во шпанската АСОБАЛ лига.

Петте спортисти беа најгласани во процесот на гласање, кој започна пред неколку недели и, како и во претходното издание, вклучуваше донесување одлуки од страна на жирито составено од специјалисти на „куќата на славните“, како и и отворена гласачка фаза за навивачите.

Ентрериос, Фернандез Пинеиро, Рико, Ривера и Вујовиќ им се придружија на победниците на првото издание за елитата на шпанскиот машки клубски ракомет, тоа се Талант Дујшебаев, Енрик Масип, Хуанин Гарсија, Жота Хомбрадос, Хуан де Диос Роман, Рамон Гаљехо и Сесилио Алонсо.


Силвана Карбеска и Марија Илиева добија европско финале

Македонските ракометни судијки, Силвана Карбеска и Марија Илиева ќе ја имаат честа и задоволството да го судат финалниот меч од завршниот турнир во Лигата на Европа.

Овој наш искусен судиски двоец има одсудено многу мечеви во Лигата на шампионите и во Европскиот Куп, па ова секако доаѓа како награда за досега сработеното на највисоко можно ниво.

„Рајфајзен Арена“ во австрискиот град Грац ќе биде домаќин на овој завршен турнир.

Во првото полуфинале ќе играат германскиот Бломберг и данскиот Икаст, додека во втората полуфинална средба ќе се соочат францускиот Дижон и германскиот Турингер.


Еурофарм Пелистер првпат поразен во Битола, одлучи голот на Хориха

Дуелот на големите ривали Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 заврши со победа на „црвено-црните“ од Скопје (34-35), така што се е отворено до финишот.

Одлучувачкиот погодок го постигна Дмитро Хориха во последните мигови од натпреварот, oставајќи го немоќен голманот Никола Митревски. Најефикасни кај Еурофарм Пелистер беа Дејан Манасков со десет и Филип Кузмановски со девет погодоци.

Викендов се играат натпреварите од Купот на Македонија, а плеј-офот продолжува со натпреварот со Тиквеш на почетокот од месец мај.


Раде Стојановиќ по една сезона заминува од Тримо Требње

Македонскиот ракометен стратег, Раде Стојановиќ објави дека по крајот на сезоната ќе го напушти словенечкиот клуб, Тримо Требње.

Тој преку порака на социјалните мрежи објави дека заминува.

„Благодарен сум за ова поглавје, фокусот ни е да ја завршиме сезоната што е можно посилно. Како што сезоната доаѓа до крајот, така завршува и моето време како главен тренер на РК Тримо Требње. Вистински сум благодарен за можноста за соработка и сето искуство што го земам со мене. Горд сум на прогресот на тимот, професионалниот пристап и силната релација која ја изградивме преку напорна работа, посветеност и делба на целите. Секое патување има крај, јас го затворам ова поглавје со чувство на исполнетост и голема почит за клубот, ракометарите и фановите. До последниот свиреж, ние остануваме фокусирани, заедно, ќе го дадеме максимумот за да го водиме Тримо Требње до титулата во националното првенство“, напиша Раде Стојановиќ.


Алкалоид со +5 патува за Норвешка во европското полуфинале

Алкалоид на домашен терен го победи РК Рунар Сандефјорд со 42-37 во првиот полуфинален натпревар од Европскиот Куп на ЕХФ.

На тој начин избраниците на Кирил Лазаров со солидна предност од пет гола ќе патуваат во Норвешка во обид да изборат место во финалето на ова европско натпреварување.

Најдобар стрелец кај Алкалоид на овој дуел беше Мартин Серафимов со десет гола, а го следеше Иван Џонов со седум гола.

Реваншот меѓу РК Рунар Сандефјорд и РК Алкалоид се игра на 27 април.


Еурофарм Пелистер го освои Букурешт и ќе игра на Ф4 на младинската ЛШ!

Младинскиот тим на Еурофарм Пелистер го победи и домаќинот Динамо Букурешт (36-37) и се пласираа на „фајнал-фор“ турнирот во Келн во Лигата на шампионите! Младите битолчани одиграа нов одличен натпревар во Букурешт, па со втора победа стигнаа до место меѓу четирите најдобри во Европа во младинскиот ракомет.

Алем Хаџиќ беше најефикасен во победничкиот тим со 12 постигнати голови, додека Станчиу и Димитру запишаа по 11 погодоци за Динамо. На завршниот турнир во младинската Лигата на шампионите во Келн веќе се пласираа Барселона, Веспрем и дански ГОГ Гудме.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер: Алем Хаџиќ, Леонид Лозановски и Јован Марковски се најдоа во идеалниот тим на турнирот на Лигата на шампионите во младинска конкуренција во Букурешт.

Алем Хаџиќ со 26 гола е најдобар стрелец и прогласен за најкорисен ракометар на турнирот (МВП).


Еурофарм Пелистер слави во Бутел и останува лидер во плеј-офот

Бутел победен во добра игра, Еурофарм Пелистер слави четврта победа во плеј-офот

Екипата на Еурофарм Пелистер ја оправда фаворитската улога и славеше сигурно на гостувањето кај Бутел Скопје со 22-34 (9-15) во рамки на четвртото коло на плеј-офот во македонскиот ракометен шампионат. Битолчани немаа милост за противникот и првото полувреме го добија со 15-9. Во вториот дел Еурофарм Пелистер продолжи да го полни голот на Бутел до конечна победа од 34-22.

Најефикасен на мечот беше Дејан Манасков со шест голови. Единствена лоша вест за Раул Алонсо е поведата на Цветан Кузманоски на средината од вториот дел.

Во следното петто коло од плеј-офот Еурофарм Пелистер го пречекува Вардар 1961 во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.


Ѓорѓиев: Горди сме на ова полуфинале, Рунар е одлична екипа

Капитенот на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев, ги изнесе размислувањата пред првиот меч со Рунар Сандефјорд во полуфиналето на Европскиот ракометен Куп на ЕХФ.

„Не очекува меч од огромно значење. Прво европско полуфинале за нас. Голем момент како за Алкалоид, така и за македонскиот ракомет. Како екипа горди сме што успеавме да се пласираме во оваа фаза и да играме за финале.

Рунар е екипа која игра типичен брз скандинавски ракомет, првиот меч ни е дома. Затоа сакам да ги повикам сите љубители на ракометот да бидат наша поддршка и да се бориме за историски момент и европско финале“, изјави Ѓорѓиев.


Младинците на Еурофарм Пелистер го декласираа Киелце во Букурешт

Еурофарм Пелистер го декласира Киелце и ќе се бори за Ф4 на младинската ЛШ!

По одличниот настап на сениорската екипа на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, сега блескаат и младинците. Избраниците на Фарук Мемиќ и Кире Митревски се на чекор до голем успех и пласман на „фајнал-фор“ турнирот во Келн во првото издание на младинската Лига на шампионите. Младите ракометари на Еурофарм Пелистер триумфираа со 37-29 против Киелце во полуфиналето од групата 4 во Лигата на шампиони (ЛШ). Најдобар стрелец во редовите на Пелистер беше Хаџиќ со 14 погодоци.

Младинска Лига на шампионите 2024/25
Четвртфинална група

Еурофарм Пелистер – Киелце 37-29 (22-11)

Спортска сала „Динамо Арена“ – Букурешт
Гледачи: 500
Судии: Милис Кармон и Јасмин Диар

Еурофарм Пелистер:
Т. Фехми, Ан. Трсунов, Хаџиќ 14, Лозановски 5, Буторац 7, Марковски 2, Л. Ѓорѓиевски 2, С. Ѓорѓиевски 1, Ѓорѓиев 2, Симоновски 2, Лазаревски, Трајчевски, Спировски 1, А. Фехми. Ар. Трсунов, Велевски 1
Седмерци: 7/6
Исклучувања: 6 минути

Киелце:
Печкович 6, Јануш 4, Адриан 4, Виадерни 2, Радек 4, Ткачик 3, Грден 3. Фогиел, Кулеша 1, Моравски, Вишњевски, Осуч 1, Степиен, Јанушек 1, Адријан, Лапот
Седмерци: 4/2
Исклучувања: 8 минути

Еурофарм Пелистер во финалето од групата ќе се бори против победникот од мечот меѓу Динамо Букурешт и Висла Плоцк.