ракомет

Червар: Ќе навивам за Македонија на Европското првенство

Лино Червар не ги крие симпатиите кон Македонија пред Европското првенство кое ќе стартува на 13. јануари.

Червар ги анализираше селекциите во регионот и испрати поддршка за Лазаров и Македонија.

„Искрено, јас ќе навивам за мојата втора татковина, Македонија. Мораме да сме објективни, репрезентацијата на Македонија поминува низ многу промени доаѓа смена на генерации. Тимот го води најголемата легенда во државата, Кире Лазаров. Кире е човек кој го сакам и почитувам, сите треба да го следат неговиот пример. Иако рано влезе во тренерските води мислам дека има квалитет да покаже многу. Сигурен сум дека на ниту една репрезентација нема да и биде лесно со Македонија“, изјави Червар.


Проблеми за хрватската ракометна репрезентација пред настапот на ЕП, Циндриќ и Дувњак позитивни на Ковид-19

На помалку од десет дена од стартот на Европското ракометно првенство, од хрватскиот ракометен сојуз информираат дека двајцата најдобри играчи во репрезентацијата, Лука Циндриќ и Домагој Дувњак имале позитивен тест на Ковид-19.

Двајцата играчи се испратени во изолација и во наредните денови ќе мора да достават негативни тестови за да добијат дозвола за нивно учество на турнирот. 

Доколку Циндриќ и Дувњак не закрепнат доволно брзо пред почетокот на ЕП, нивните места во екипата ќе го заземат играчи кои моментално се запишани како потенцијални резерви. Еден од нив е и бившиот вардарец, Игор Карачиќ.


Ненадиќ ќе го прескокне Европското првенство заради повреда

На Европското првенство нема да настапат голем број на познати ракометари, дел од нив се соочуваат со позитивни случаи на ковид-19, а дел со повреди.

Србија потврди дека на ова натпреварување ќе бидат без услугите на нивниот најдобар ракометар Петар Ненадиќ. Се надеваа во Србија дека Ненадиќ ќе успее на време да се врати, меѓутоа повредите го покажаа спротивното.

Тој нема да може да им помогне на соиграчите бидејќи повредата која ја заработи пред еден месец бара подогола пауза. Србија на ЕП ќе игра во група Хрватска, Франција и Украина.


Нов проблем за Франција пред ЕП- Лука Карабатиќ е повреден и не патува со тимот

Ракометната репрезентација на Франција се соочува со големи проблеми пред настапот на Европското првенство. Поради повреда настапот на шампионатот го откажа и Лука Карабатиќ.

Селекторот Гијом Жил од почетокот на подготовките има големи проблеми, пред се со неколку заразени играчи со Ковид, а поради повреда од списокот на учесници претходно отпадна бекот Ремили.

Како замена за Карабатиќ, на првенството во Словачка и Унгарија ќе патува Тео Монар од Нант.

Селекцијата на Франција за противници во групната фаза од ЕП ги има Србија, Хрватска и Украина.


Хрватска без Карачиќ на Европското првенство во ракомет

Во конечниот список на играчи кој го објави селекторот на хрватската ракометна репрезентација, Хрвоје Хорват, не се најде името на Игор Карачиќ.

Имено, тој се наоѓа на листата со резерви, кои би биле повикани за настап, доколку се случат проблеми со повреди или со ковид во екипата.

Местото на среден бек во репрезентацијата ќе го пополнат Домагој Дувњак, Лука Циндриќ и играчот на Вардар 1961, Анте Гаџа.

Хрватската репрезентација на ЕП е во група со Франција, Србија и Украина.


Хрватот Кудуз го напушти Вардар и се врати во Динамо Букурешт

Тимот на Вардар остана без еден од ракометарите кои пристигнаа минатото лето, Хрватот Анте Кудуз се враќа во Динамо Букурешт.

Кудуз уште во првиот ден од 2022 година ќе биде ракометар на Динамо од каде и што дојде во Вардар. Пред доаѓањето Кудуз беше избркан од станот во Романија кога клубот дознал дека се договорил со Вардар, а сега изјави дека се враќа во неговиот втор дом и ќе игра пред најдобрата публика во светот.

Сезоната во Вардар Кудуз не ја започна лошо, но потоа дојдоа некои повреди и не успеа да ги прикаже очекуваните настапи. За настапите за Вардар постигна вкупно 13 голови.


Гијом Жил со еден куп проблеми, ковид и повредите ја осакатија Франција

Недим Ремили има скршеница на стапалото и нема да биде дел од ракометната репрезентација на Франција на престојното Европско првенство. Сепак, покрај него, стручниот штаб на францускиот ракометен тим има нов проблем – ковид 19.

Никола Карабатиќ, Беноа Кункуд и Јанис Лен ќе го пропуштат почеток на подготовките на „триколорите“ бидејќи се позитивни на Ковид-19. На почетокот на подготвителниот циклус ќе отсуствува и голманот на ПСЖ, Винсент Жерар, поради семејна трагедија.

Селекторот на францускиот тим веднаш направи промени во ростерот, па дополнително ги повикал голманот Весли Пардин, десното крило на Монпеље, Жилиен Бос и левиот бек на Нант, Тибо Бри.


Томовски: Лошиот настап на минатото Светско првенство да ни биде поука за подобри игри на претстојното Европско првенство

Македонската ракометна репрезентација, денеска и официјално ги започна подготовките пред настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Пред заминувањето за Маврово каде ќе се одработи првиот дел од подготовките, свое видување за нивниот настап даде и голманот Мартин Томовски.

„Сакаме да извлечеме поука од лошите партии на Светското првенство во Египет и да покажеме дека вредиме. Направивме добра анализа и со нова енергија и нов селектор ќе заминеме на Европското првенство, за кое верувам дека ќе биде позитивно.Ќе бидеме посветени и ќе работиме максимално. Нашите ривали во групата се доста квалитетни и ни се познати од порано. Како фаворит би ја издвоил Данска, но тешки противници ќе бидат и Словенците. Верувам дека со добри подготовки ќе прикажеме квалитетни ракометни партии“, изјави Томовски.


Кирил Лазаров го освои својот 56.трофеј во кариерата

Најдобриот македонски ракометар и сегашен селектор на македонската ракометна репрезентација, Кирил лазаров, додаде уште еден трофеј во својата неверојатна збирка. 

Имено Лазаров со својот Нант, е победник на Лига Купот на Франција, со кого претходно го освои и Суперкупот.

41-годишниот Лазаров сеуште игра во извонредна форма и даде огромен придонес во победата, постигнувајќи го одлучувачкиот гол во самиот финиш на средбата.

Овај трофеј е вкупно 56-ти во богатата кариера на легендарниот Лазаров.


Селекторот Лазаров го објави списокот со повикани ракометари за подготовките пред Европското првенство

Селекторот на машката ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, го објави списокот со ракометари кои ќе ги започнат подготовките за претстојното Европско првенство во Унгарија и Словачка.

Македонската репрезентација своите подготовки за настап на ЕУРО 2022  ќе ги започне на 22.декември 2021.

Првиот дел од подготовките, нашите ракометари ќе го одработат во Маврово каде ќе одиграат два контролни натпревари против селекцијата на Кувајт. За вториот дел од подготовките кои ќе се одржат во Скопје, закажани се контролни средби против репрезентацијата на Израел.

Македонија на Европското првенство 2022 ќе се натпреварува во А групата, против селекциите на Словенија, Данска и Црна Гора.