ракомет

Вујовиќ: Кудуз нема да игра против Мешков Брест, но и тие имаат проблеми со повреди

Ракометарите на Вардар в среда во Скопје го пречекуваат Мешков Брест во вториот меч сезонава во Лигата на шампионите. На прес-конференцијата пред мечот, за очекувањата зборуваше првиот човек на клупата на „вардарци“, Веселин Вујовиќ.

“Едно е сигурно, а тоа е смртта, а се друго е релативна работа. Не сакам да се жалам, но во последните сеудм дена одигравме четири меча, и ако ги сметаме Мешков Брест и Еурофарм Пелистер, тоа ќе бидат шест за 14 дена. Вардар во овој момент нема капацитет за толкав број на натпревари. Но ајде да не биде се црно. Како што знам и Мешков има проблеми со повредени играчи. Кудуз не верувам дека ќе може да ни помогне ниту со Мешков Брест. Ние во псоледните седум дена не направивме два нормални тренинзи. Ние немаме уште еден среден бек, а за да пробам некој од другите ракометари нема време. Треба да се надминеме себе за да го победиме Мешков. Тие имаат сигурен клуб, буџет, можат да носат сериозни играчи, иако сите знаеме дека се се врти околу Скубе. Ние без навивачи во сала не сме Вардар. Колку од “Комити” ќе дојдат не знам, но секако би ни значело да бидат во голем број”, вели Вујовиќ.


Лук Абало зачуди со изборот за продолжување на ракометната кариера

Долговечното десно крило на француската ракометна репрезентација Лук Абало, својата кариера ќе ја продолжи во Јапонија. Со 37 години донесе интересна одлука и ќе стане нов играч на Зеекстар Токио.

Абало исто така изненадувачки минатата сезона ја помина во норвешки Елверум, а пред тоа настапуваше за Иври, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и ПСЖ. Освои се што може да се освои во ракометот, а за француската репрезентација заигра 286 пати и постигна 854 погодоци.

Од репрезентацијата се повлече откако со неа годинава баш во Токио го освои своето трето олимписко злато и вкупно четврт олимписки медал.


Наместо во Металург – браќата Њокас во црвено-црниот дел на Скопје

Вардар пред стартот на Лигата на шампионите обезбеди две големи имиња како нови засилувањата. Наместо да играат за Металург, каде потпишаа пред неколку месеци, француските браќа Оливие и Кевин Њокас ќе играат кај црвено-црните.

Од страна на управата на Вардар веќе биле поднесени барања за сертификати, а сите други формалности за трансферот биле веќе средени. Вардар ги уплатил и парите за late entry трансфери, па останува само да се официјализира трансферот.

Тие ќе можат да настапуваат за Вардар во сите натпреварувања. Со нив тренерот Веселин Вујовиќ добива конкуренција која му е потребна во бековската линија. Оливие ќе им се придружи на Кудуз и Талеси, додека Кевин на позицијата десен бек ќе биде конкуренција на Гурбиндо и Моралес.


Савевски промовиран за селектор на женската ракометна репрезентација

Ракометната федерација на Македонија го именува Љубомир Савевски за селектор и координатор на националните селекции во женска конкуренција.

Љубомир Савевски функцијата Координатор на националните женски селекции ја извршување во период јуни – август 2021 година на Шампионатите кои се одржуваа во Скопје и Клаипеда, каде имаше извонреден успех со генерацијата У-17 кое се одржуваше во Литванија, освојувајќи го првото место, објави РФМ.

Според новиот договор Савевски започнувајќи од септември 2021 година функцијата за која е именуван ќе ја извршува за период од две години.


Скубе од следното лето се сели во Полска, потпиша со Киелце

Сташ Скубе од следната сезона ќе игра во полскиот шампион Киелце.

Словенецот од Вардар премина во Мешков Брест, а сега со Киелце потпиша договор на три години. Тој е среќен што ќе игра во клуб кој ќе се бори за освојувањето на Лигата на шампионите.

„Среќен сум што ќе играм за Киелце, ова е амбициозен клуб со високи цели. Одлуката не беше тешка, од никого не слушнав лош збор за овој клуб. Се надевам дека ќе му помогнам на клубот да победува, како во домашниот шампионат така и во Лигата на шампионите“, изјави Скубе.

Медиумите најавуваат дека доаѓањето на Скубе во Киелце би можело да значи заминување на Игор Карачиќ.


АМС им додели спортска пензија на судиите Начевски и Николов

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска организираше прием за нашите најдобри ракометни судии,  Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кои беа дел од големото финале на ЛОИ во Токио.

Мојсовски со одбрани зборови им се заблагодари за целиот придонес во спортот и афирмација на нашава земја надвор од границите.

Начевски и Николов кои високо котираат на листата на ЕХФ, покрај посебните признанија што ги примија  од АМС, добија и ветување дека ќе влезат и во конкуренција за државна пензија како заслужни спортисти.


Секељи прогласен за најдобар голман на Струшкиот турнир

Викендов заврши 49-от Струшки ракометен турнир, а по драматичен финиш и по продолженија, Еурофарм Пелистер загуби од Вардар 1961 со 35-33. Тимур Дибиров е прогласен за најдобар играч на годинешното издание на традиционалниот летен ракометен собир.

Наградата за најдобар голман отиде во рацете на унгарскиот чувар на мрежата на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељи, а најдобар стрелец на турнирот е Златко Мојсоски од Бутел.

Еурофарм Пелистер три години по ред игра во финалето на турнирот, двапати загуби и еднаш победи во натпреварот за трофеј.


Лазаров: Момците покажаа карактер и дух, верувам во победа над Полска

Селекторот на македонската репрезентација Кире Лазаров сосема очекувано е горд на пласманот на кадетската репрезентација на Македонија во финалето на ЕХФ шампионатот по победата во пенал-рулетот над Швајцарија.

Лазаров по мечот го нагласи задоволството од начинот на кој играа кадетите за кои верува дека може да дојдат и до комплетен триумф на шампионатот.

„Навистина ми е драго поради момците што успеаја да се изборат за финале. Начинот на кој се дојде до победата и се она што се случуваше на теренот на овој историски и интересен натпревар е навистина за гордот. Среќен сум поради момците, мислам дека и Господ не награди на крај. Покажаа ракометарите карактер на овој меч. Оваа победа сигурен сум дека ќе ни даде уште поголем мотив за финалето против Полска. Верувам дека ќе дадат се од себе и на тој меч за победа“ – истакна Лазаров по полуфиналето со Швајцарија.


Вујовиќ: Посебно ме разочараа македонските ракометари

Веселин Вујовиќ имаше лошо деби по враќањето во Вардар бидејќи црвено-црните беа поразени од Еурофарм Пелистер со убедливи 22-31 во Суперкупот.

По натпреварот Вујовиќ не ги криеше критиките за ракометарите, а посебно потенцираше дека не е задоволен од македонските ракометари.

„Немам забелешки за победата на Еурофарм Пелистер. Некои играчи се далеку од енергијата која им е потребна во Вардар. Можеби е добро што се случува сега за предупредување, но јасно е дека некои ракометари мораат да се замислат дали во иднина можат да го носат дресот на Вардар. Реално, задоволен сум само од загревањето, со што друго би можел во пораз од девет разлика. Посебно сум незадоволен од македонските играчи, на кои посветувам време и вложувам и на нив сметам, но покаќаа дека се далеку од квалитетот. Ќе имаме проблеми ако продолжат вака“, изјави Вујовиќ.

Пред почетокот на сезоната Вардар го очекува и настапот на Струшкиот турнир


Стружанецот Колоски го засили Голден Арт

Стефан Колоски ја засили левата бековска позиција на Голден Арт КЛ7. Стефан Колоски е нов играч на младиот тим на Голден Арт КЛ7. 24 годишниот Стружанец доаѓа во Голден Арт КЛ7 од екипата на ГРК Тиквеш, за да ја пополни левата бековска позиција и да ја зацврсти одбраната.

Претходно во својата кариера Колоски има настапувано и за Струга, Работнички и Јуниор КВ.

„Драго ми е што сум дел од ваков проект насочен кон вложување во македонски ракометари. Можноста да тренирам во висок ритам, да добијам шанса и минутажа беа клучни за мојата одлука да пристапам на Голден Арт КЛ7. Стабилноста на функционирање на клубот ми е добро позната и можам да кажам дека сум одлично примен”, изјави Стефан после неколку тренинзи во новиот клуб.