ракомет

Мелвин Ричардсон претставен како нов ракометар на Барса

Барселона официјално потврди уште едно засилување за новата сезона-тоа е францускиот репрезентативец Мелвин Ричардсон.

Каталонците успеаа да го добијат потписот на одличниот десен бек кој се обврза дека ќе го носи овој дрес во наредните четири сезони. Тој во новата средина доаѓа од Монпелје, а претходно беше дел од Шамбери.

Мелвин ќе биде четвртиот Французин во Барселона, односно ќе им прави друштво на сега веќе староседелците Мем, Фабрегас и Нгесан.

Европскиот првак во овој преоден рок освен синот на легендарниот Џексон Ричардсон ги ангажираше Анхел Фернандез, Лео Масиел, Али Зеин, додека пак за нов тренер беше именуван Карлос Ортега.


Поради 50 илјади евра – Металург нема да настапи во Европската лига

Металург нема да настапи во Европската лига следната сезона, откако ЕХФ побара клубот да уплати депозит од 50 илјади евра.

Клубот од Автокоманда поради ова барање на ЕХФ реши да се откаже од учество во Европската лига и сега сите амбиции ќе ги пренасочи кон домашниот шампионат.

Се очекува шанса да добие тимот на Бутел Скопје, кој ја заврши сезоната на 4. позиција во Супер машката лига и да реши дали ќе учествува во ова натпреварување на ЕХФ.



Младиот Димитар Бардаковски е нов голман на Металург

Металург потпиша четиригодишен договор со младиот голман Димитар Бардаковски (19), кој доаѓа од Еурофарм Пелистер и кој заедно со Давид Брестовац ќе формираат двојка на млади голмани.

Димитар Бардаковски минатата година го потпиша својот прв професионален договор со Еурофарм Пелистер, но сега потребното искуство ќе го стекнува во дресот на Металург. Бардаковски е талентиран голман кој во Автокоманда ќе ја бара својата минутажа и својата шанса и со Давид Брестовац ќе формира дуо на млади голмани. Засега се знае дека помладиот Брестовац ќе тренира со првиот тим, но ќе брани во Металург РА.

Металург, инаку, се уште е во потрага на поискусен голман, кој треба да го замени Даниел Ѓорѓески, кој, пак, реши својата кариера да ја продолжи во клуб од Унгарија.

Претходно, нов договор со Металург потпиша првиот голман и капитен – Даниел Дупјачанец.

Димитар Бардаковски е петтото засилување на Металург за новата сезона, по браќата-бекови Њокас, пикерот Костадин Петров и средниот бек Бобан Каковски.


Задар и годинава домаќин на Ф4 на СЕХА лигата

Десеттото издание на Ф4 турнирот од СЕХА Гаспром лигата повторно ќе се одржи во Задар, Хрватска. Како што потврдија од лигата, најдобрите четири тима од годинешното издание на регионалната лига ќе се соберат во Задар од 3 до 5 септември.

Натпреварите ќе се играат во СЦ Вишњик во салата „Крешимир Ќосиќ“.

Секако, пред Ф4 турнирот останува да се одиграат и оние четвртфинални натпревари по кои ќе бидат комплетирани патниците на завршниот турнир. Тие се закажани од 21 до 31 август.



Србинот Бајрактаревиќ потпиша за Прилеп

Tимот на Прилеп и наредната сезона ќе игра во Суперлигата откако овој тим успеа да избори опстанок како првопласиран во плеј-аут.

Во клубот веќе работат на формирање на респектабилен тим, а најновот засилување е Жарко Барјактаревиќ. Десниот бек пристигнува од редовите на Јуниор Кисела Вода.

Претходно договор со прилепскиот тим потпиша Христијан Милошевски, беа продолжени и договорите на неколку важни играчи.



Пелистерци сигурни учесници во групите на Лига Европа

Европската ракометна федерација (EХФ) објави листа од единаесет екипи кои ќе бидат дел од групната фаза во Лига Европа 2021/22. Македонија има едно загарантирано место во групната фаза, а тоа ќе го заземе Еурофарм Пелистер.

Директно во групната фаза од октомври 2021 до март 2022 ќе настапат:

Еурофарм Пелистер

Магдебург

Горење Велење

Савехоф

Винтертур

Татран Прешов

Чеховски Медведи

Кокс

Нант

Бидасоа Ирун

Татабања

ЕХФ ќе додели една „вајлд-карта“, а останатите дванаесет места ќе бидат познати по одигрувањето на двете квалификациони кола. Со четири групи од по шест екипи ќе се игра групната фаза од десет кола, а потоа следува нокаут фаза со осминафинале, четвртфинале и завршен „фајнал-фор“.

Титулата од минатата сезона ја брани Магдебург од Германија.


Вардар ја чека ждрепката од вториот шешир

ЕХФ денес ги одреди четирите шешири во пресрет на ждрепката за групната фаза на Лигата на шампионите. 16-те екипи ќе бидат поделени во четири шешири според резултатите во претходните сезони.

Во најквалитетната група се најдоа, актуелниот шампион Барселона, Кил, ПИК Сегед и ПСЖ. Македонскиот претставник Вардар во пресрет на ждрепката е сместен во вториот шешир, заедно со Алборг, Киелце и Порто. Третиот го сочинуваат Мешков Брест, Флензбург, Веспрем и Монпелје, додека во последниот четврти се најдоа Мотор Запорожје, ППД Загреб, Динамо Букурешт и Елверум. Според планот групната фаза ќе се игра стандардно во двокружен систем со 14 кола, екипите ќе бидат поделени во две групи, а две од нив ќе го завршат натпреварувањето уште во првата фаза.



Бошковски промовиран во нов тренер на Тинекс Пролет

Поранешниот стратег на Вардар и на Еурофарм Работник, Андон Бошковски, е нов тренер на Тинекс Пролет за наредната сезона.

Од клубот денеска потврдија дека е постигнат договор за двогодишна соработка, а Бошковски ќе го предводи тимот во европската авантура, но истовреме и ќе се обиде да ги повтори резултатите од минатата сезона, кога Тинекс Пролет ја заврши сезоната на извонредната трета позиција на македонската ракометна сцена.

Бошковски минатата сезона ја почна како предводник на проектот Голден Арт КЛ7, клуб со кој бележеше добри резултати и овозможи развој на младите ракометари на оваа екипа. На почетокот од годинава тој си замина од скопскиот суперлигаш, нешто подоцна го прифати предизвикот во Радовиш и со серија извонредни резултати му овозможи на овој клуб да опстане во елитното друштво.



Барселона е на европскиот ракометен трон!

Шпанскиот ракометен гигант Барселона ја освои десеттата европска титула, откако во последниот натпревар на последниот турнир од Лигата на шампионите во Келн го совлада данскиот Алборг со 36:23, на полувреме 16:11.

За Каталонците ова беше дури 15. европско финале и рекордна десетта титула, додека Алборг за првпат стигна до финалето.

Данците, кои го изненадија фаворизираниот ПСЖ во полуфиналето, поведоа со 4:1, но поискусната Барса возврати со серија од 8:1 и повеќе не ја загуби предноста.

На полувреме беше 16:11, во 47. минута веќе беше плус 10, а на крајот големи 13 голови разлика.

Каталонците до големото славје беа предводени од Гомез Абело со девет погодоци, Н’гуесан со шест и хрватскиот ракометар Лука Циндриќ со пет погодоци.

Во данските редови најефикасни беа Лукас Сандел со осум и Николај Кристенсен со четири погодоци.


Дејвис доби отказ од тренерското место во Веспрем

Откако тимот на Веспрем остана без титулата во домашниот шампионат со поразот од ПИК Сегед клубот го отпушти досегашниот тренер Давид Дејвис.

Поранешниот вардарец три сезони беше дел од Веспрем, но по ова разочарување си заминува. Клубот потроши многу пари за скапи засилувања, дел од нив беа од Вардар, меѓутоа и покрај тоа ПИК Сегед успеа да им ја земе титулата.

Дејвис имаше активен договор, меѓутоа резултатскиот дебакл придонесе тој предвреме да биде раскинат.