ракомет

Ојлески и Маркоски уште една година пелистерци

Еурофарм Пелистер вчера ја извести јавноста дека ги продолжи договорите со ракометарите Гоце Ојлески и Никола Маркоски. Двајцата се обврзаа на верност на уште една сезона и според новиот договор ќе останат во Битола најмалку до јуни 2022 година.

Ојлески во клубот дојде во Одорхеи во 2017 година, а Маркоски од Орошази во 2018 година.

„Нашиот клуб од година во година расте и амбициите се поголеми. Пред неколку години игравме во пониската лига, сега настапувавме во Лига Европа и мислам дека успешно се претставивме. Нема тука да застанеме, амбициите за следната сезона се поголеми и се надевам дека ќе оствариме поголеми успеси.

Не ја криеме амбицијата да ја донесеме титулата во Битола. Годинава не успеавме, но се надевам дека следната сезона со уште подобар тим, ќе го оствариме тој чекор“, реле Ојлески.
Минатата недела клубот ги продолжи договорите и со Граџан и Радовиќ.



Селекторот Лазаров го скрати списокот со двомечот против Србија

Ракометната репрезентација на Македонија ќе одигра пријателски натпревари со репрезентацијата на Србија, а селекторот Кирил Лазаров денес објави нов список на ракометари кои ќе конкурираат за настап на овие средби.

На скратениот список нема дури 11 имиња од претходниот избор на Кире Лазаров. Против Србија, двата дуели ќе се одиграат во Ниш, а тие се закажани за 19 и 20 јуни. 

Список на Македонија за дуелите против Србија:

1. Марко Козиќ (Вардар 1961)

2. Даниел Ѓорѓески (Металург)  

3. Андреј Петковски (Голден Арт КЛ7)  

4. Михаил Аларов (Пролет)

5. Кристијан Симоновски (Голден Арт КЛ7)  

6. Марко Стојковиќ (Голден Арт КЛ7 ) 

7. Стефан Атанасовски (Вардар 1961)  

8. Цветан Кузманоски (Еурофарм Пелистер)

9. Дарко Кондев (Тиквеш)

10. Иван Димитровски (Еурофарм Пелистер 2)

11. Ненад Костески (Еурофарм Пелистер) 

12. Никола Стоилевски (Еурофарм Пелистер 2)

13. Михајло Младеновиќ (Охрид)

14. Дејан Кукулоски (Еурофарм Пелистер) 

15. Емилијан Ѓорѓески (Голден Арт КЛ7)

16. Мартин Манасков (Охрид)

17. Мартин Серафимов (Металург)

18. Томислав Јагуроновски (Вардар 1961)

19. Давид Савревски (Работнички)

20. Игор Георгиев (Голден Арт КЛ7)

21. Павле Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер 2)

22. Марко Мишевски (Вардар 1961)

23. Марко Митев (Бутел Скопје)

24. Христијан Крстаноски (Струга)


Ракометарите ја добија премијата за успешните мундијалски квалификации

По претходно донесена одлука на Управниот Одбор, денеска Ракометната Федерација на Македонија ја исплати премијата од 30.000 евра на машката сениорска репрезентација за пласманот на Европското Првенство кое ќе се одржува во Унгарија и Словачка 2022 година.

Македонските репрезентативци во рамките на истиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2022 од страна на УО на РФМ беа наградени и со 20.000 евра за остварената победа против светскиот и олимпискиот шампион Данска, односно вкупно 50.000 евра.

Машката ракометна репрезентација на Европското Првенство ќе настапува во Унгарија (Дебрецен) во јануари 2022 година, и ќе се натпреварува во групата A против селекциите на Данска, Словенија и Црна Гора.

Ова ќе биде седми пласман на македонските машки сениори на Европските Првенства по настапите во Италија (1998), Србија (2012), Данска (2014) и Полска (2016), Хрватска (2018), Австрија (2020).


Чаневски го напушти Еурофарм Пелистер, клубот го испрати со стил

РК Еурофарм Пелистер со церемонија пред почетокот на натпреварот против Охрид и свечени подароци го испрати својот капитен Градимир Чаневски. Капитенот на битолскиот клуб заминува на истек на договорот и слободен е да ја избере својата иднина.

Последниот натпревар за Еурофарм Пелистер го одиграа и Невен Стјепановиќ и Дарио Петровски, а како слободен ракометар клубот го напушта и Марин Вегар. Клубот им се заблагодари на професионалноста и залагањето.

Сезонава битолчани го освоија второто место во Суперлигата и играа финале на Купот, а во Европа ја минаа групната фаза на Лига Европа, па беа елиминирани од подоцнежниот победник, Магдебург.


РК Вардар на чекор до одбрана на титулата

Екипата на Вардар славеше победа против Пролет со 22:28 и е на само еден чекор до титулата во домашното првенство и освојување на двојна круна.

Пролет создаде водство од два гола на самиот почеток на натпреварот, по што Вардар до седмата минута прави пресврт (3:2), а потоа нивната предност се зголеми на три гола на паузата (14:11).

Во вториот дел се водеше голема битка, а Пролет им парираше на „црвено-црните“ до 46. минута (19:20), по што Вардар фати ритам и со неколку голови по ред му избега на ривалот на убедливи 28:22.

Најдобар во екипата на Вардар беше Иван Чупиќ со осум голови, додека Гоце Георгиевски постигна седум погодоци.

За Вардар во последното коло останува уште средбата со Металург, на која доколку слават, ќе ја освојат шампионската титулата, а Тинекс Пролет за излезот во Европа треба да слави на гости кај Прилеп.


Француските клубови се избегнаа во полуфиналето во Келн

Францускиот состав Нант ќе игра против Барселона во полуфиналето на фајнал-фор турнирот во Лигата на шампионите, одлучи ждрепката. Тоа значи дека нашиот најдобар ракометар, Кире Лазаров, по сензационалната елиминација на Веспрем во четврт-финалето, сега ќе се сретне со неговиот поранешен тим со кој триумфираше во елитната конкуренција на Европа. Во вториот меч од 1 /2 финалето силите ќе ги одмерат францускиот Пари Сен Жермен и Алборг од Данска. Така наречениот Ф4 турнир ќе биде реализиран во – „Ланксес Арена“ во германскиот град Келн од 12 до 13 јуни.


Македонија договори две средби со Србија, ќе тестира во Ниш

Македонија и Србија ќе одиграат две тест средби во Ниш кон крајот на следниот месец, а селекторот Кирил Лазаров допрва ќе го соопшти списокот на играчи за двомечот.
Натпреварите ќе се одиграат на 19. и 20. јуни, нашата најдобра ракометна репрезентација ќе гостува во Ниш, Србија има нов селектор, шпанскиот тренер Тони Џерона веќе го објави списокот на играчи за дуелите со нашиот национален тим.


Лазаров останува уште една сезона во Нант

Кире Лазаров неодамна наполни 41 година, а македонската и светска легенда во ракометниот спорт, официјално ќе игра уште една сезона за Нант.
Клубот од Франција стигна до Ф4 во Келн откако беше подобар во двомечот со Веспрем, а веднаш по изборениот пласман, претседателот на Нант, Гаел Пелетие имаше убава вест. „Чест ми е да објавам дека Кире Лазаров ќе игра уште една година за Нант“, објави Пелетие. Лазаров во Нант е од 2017. година, претходно играше за Барселона, Атлетико Мадрид, Сиудад Реал, Загреб, Веспрем, Пелистер и Борец.


Пред 19 години Кометал Ѓорче Петров ја покори Европа

На денешен ден, 19 мај 2002 година, пред точно 19 години, женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров ја донесе првата европска титула во Македонија. Ракометарките на нашиот ракометен првак успеаја да го совладаат тимкот на Херц во реванш финалето кое се одигра пред полни трибини во СРЦ Кале и да ја обезбедат европската круна. „Кометалки“ славеа со 26-22, откако на првиот меч на гости беа поразнеи со 27-25. И денеска со задоволство се сеќаваме на фантастичните мигови кои ни ги донесе генерацијата предводена од Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Олга Бујанова, Луминица Дину, Оксана Плошчиска, Ирина Калиниченко, Анжела Платон, Милева Велкова, Мирјана Чупиќ, Андријана Будимир, Лариса Ферзалиева, Ања Андрушенко, Наталија Малахова и Елена Златановска.


Вардар двапати ќе ја пречека Металопластика во СЕХА лигата во Скопје

Сезоната во СЕХА Газпром лигата ќе заврши со осминафиналните дуели меѓу Вардар1961 и Металопластика. Победникот од тој двомеч ќе се пласира во четвртфиналето на СЕХА лигата чии дуели дополнително ќе бидат закажани, но ќе се играат во август.
Вардар1961 и Металопластика се договорија своите две средби од осмина-финалето да ги одиграат во Скопје, на 7 и 8 јуни.
Првата средба е закажана за 7 јуни со почеток во 17,30 часот.
Следниот ден, на 8 јуни ќе се игра у вториот меч, повторно во 17:30 часот. Тоа ќе бидат и последни средби за Вардар1961 сезонава бидејќи претходно планирано е домашното првенство да заврши на 3 јуни.