ракомет

Браќата Ниокас пред потпис со Металург

Француските браќа близнаци, Оливие и Кевин Ниокас, од наредната сезона ќе го носат дресот на Металург, објавија денеска дел од медиумите во нивната татковина.
Според наведеното, ракометарите кои настапуваат на бековските позиции, набрзо треба да дојдат во Скопје и да потпишат за екипата од Автокоманда. Оливие во тековнава сезона настапува во екипата на Нант додека Кевин го носи дресот на Бенфика.
Ќе потсетиме дека Металург неодамна ја продолжи соработката со Хрватот, Златко Хорват и Црногорецот, Василије Калуѓеровиќ.


Чаневски: Да покажеме дека научивме поука од претходниот пораз од Вардар

Еурофарм Пелистер во финалето од Купот на Македонија ќе се сретне со големиот ривал Вардар, во потрага по титула. Пелистерци го совладаа Бутел во полуфиналето, а „зелено-белите“ се едногласни во намерата трофејот повторно да го вратат во Битола. „Се надеваме дека ги научивме поуките од поразот од Вардар 1961 во шампионатот. Тоа треба да го покажеме на терен. Кога сте комплетни е многу поразлично и ротацијата е подобра. Сите ќе го дадат максимумот за титулата да дојде во нашите витрини“. – вели капитенот на битолчани, Градимир Чаневски. „Сите клубови имаа проблеми со ковид-19, не стигнаа и повреди и не бевме комплетни баш кога требаше да бидеме вистински. Многу се радувам што сме комплетни и тренираме цела екипа. Добро ќе се спремиме и ќе бидеме силен конкурент на сите ривали и во шампионатот и во Купот. Верувам дека со ангажманот и квалитетот ќе покажеме каков квалитет имаме“, вели Стипе Мандалиниќ. Финалето помеѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 се игра во сабота со почеток од 17.30 часот.


Јосип Божиќ Павлетиќ е новото засилување за Еурофарм Пелистер

РК Еурофарм Пелистер од сезоната 2021/22 ќе биде посилен за хрватскиот интернационалец, Јосип Божиќ Павлетиќ. Десното крило на хрватската репрезентација и сезонава член на Гепингем потпиша договор на една сезона, со опција за уште една со битолскиот суперлигаш. Јосип Божиќ Павлетиќ е роден во Сплит на шести август 1994 година. Дел од познатата хрватска ракометна школа, а име градеше носејќи го дресот на Нексе Нашице. Во 2017 година премина во ППД Загреб и неколку сезони по ред освојуваше титули од шампионатот и Купот на Хрватска. Во јануари годинава се пресели во Бундеслигата и успешно настапуваше за Гепингем, клубот од кој Јосип Периќ минатото лето дојде во Битола. Неговото доаѓање во Битола е голем чекор за клубот и уште едно репрезентативно име во ростерот на Жељко Бабиќ. Божиќ Павлетиќ е четврти хрватски интернационалец во ростерот за следната сезона на Еурофарм Пелистер по Мандалиниќ, Кушан и Мараш. Тој претставува четврто засилување за битолскиот клуб за сезоната 2021/22 по Кизиќ, Обрадовиќ и Табоада. Официјалното претставување на Божиќ Павлетиќ е закажано за почетокот на подготовките за следната сезона.


Ловро Јотиќ го напушти Вардар 1961

Ловро Јотиќ си заминува од редовите на РК Вардар 1961 по само една сезона.
Следната сезона Вардар дефинитивно ќе добие нешто поразличен изглед од тој кој го имаше сезонава, на клупата доаѓа Веселин Вујовиќ, а се очекуваат и понатамошни промени во таборот на актуелниот шампион.
Тимот на Лајпциг на својата официјална веб-страна го официјализираше неговото доаѓање во Бундес лигата. Јотиќ потпишува договор на една година, со опција истиот да биде продолжен за уште една сезона.
„Среќен сум што ќе бидам дел од тимот на Лајпциг следната сезона. Со доаѓањето овде, добивам шанса да настапувам во најдобрата лига во Европа. Ова е нов предизвик за мене кој со нетрпение го очекувам.“ – порача Јотиќ за официјалната страна на Лајпциг.


Позната саатницата за натпреварите на Македонија на ЕП 2022

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги информираше учесниците на ЕП за саатниците на натпреварите кои ќе ги играат на Европското првенство (ЕП) кое се одржува на стартот на 2022 година во Унгарија и Словачка. Нашата ракометна репрезентација која преку квалификациите обезбеди место на ЕП ќе одигра три средби во првата групна фаза, против селекциите на Данска, Словенија и Црна Гора. Првите два натпревари против Словенија и Црна Гора ќе ги игра во ист термин од 18.00 часот, додека против Данска во вечерниот термин од 20.30 часот.
Натпревари на Македонија на ЕП 2022:
Македонија – Словенија (13 јануари, 18:00)
Македонија – Црна Гора (15 јануари, 18:00)
Македонија – Данска (17 јануари, 20:30)
Македонската ракометна репрезентација ќе игра во групата во Дебрецен, Унгарија.


Вујовиќ се враќа на кормилото на Вардар 1961

Веселин Вујовиќ ќе го предводи РК Вардар 1961 во претстојната сезона 2021/22, пишува денеска специјализираниот портал – „Хендбaл Планет“ повикувајќи се на сопствени извори.
Искусниот тренер кој сега седи на клупата на Борац Бања Лука во БИХ, ќе го замени Стевче Алушовски кој најави дека ќе ги напушти „црвено-црните“ на крајот сезоната.
Ќе потсетиме дека Вујовиќ претходно беше тренер на вардарци во период од 2006 до 2009 и од 2011 до 2013 година.


Кубанецот Реиние Табоада од Данкерк е ново засилување за Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер го претстави третото засилување за сезоната 2021/22. Нов член на битолскиот суперлигаш е кубанскиот репрезентативец Реиние Табоада Дранкет, кој доаѓа од францускиот Данкерк. Табоада се обрвза на договор на една сезона со опција за уште една и по завршувањето на сезоната во Франција се очекува негово доаѓање во Битола и официјална презентација. 23-годишниот Табоада роден е на втори јуни 1997 година, висок е 192 сантиметри и тежок 89 килограми и може подеднакво добро да игра како среден и како лев бек. Неговите настапи не останаа незабележани од пошироката јавност, бидејќи беше прогласен за најдобар млад ракометар во Португалија, а во последните две сезони е номиниран за најдобар млад ракометар во францускиот шампионат. Сезонава во француското првенство Табоада одигра 24 натпревари и постигна 68 гола (2,83 гола по натпревар), а во целата своја кариера во Франција бележи 66 натпревари и 164 гола (2,48 гола по натпревар). Пред да дојде во Франција, Табоада настапуваше во португалската екипа Аванка, каде постигна 239 гола на 69 натпревари. Табоада важи за еден од најдобрите кубански ракометари, има голем простор за напредок и во Битола доаѓа како важен елемент во тимот на Жељко Бабиќ за наредната сезона. Пред овој потпис, на Еурофарм Пелистер за следната сезона му пристапија Марко Кизиќ и Немања Обрадовиќ.


Лазаров: Максимално на секој натпревар на ЕП

Селекторот на нашите најдобри ракометари, Кире Лазаров, вели дека ќе се оди чекор по чекор на средбите со Словенија, Данска и Црна Гора, кои ќе ни бидат противници во првата групна фаза на Европското првенство во 2022 година.
„Ќе се подготвуваме максимално и на секој натпревар ќе одиме на победа. Прочитав дека Никола Митревски рекол ако играме како што умееме, не е значајно кој ќе ни биде ривал. Тоа многу ми се допаѓа“ – вели нашиот селектор-играч Лазаров.
Македонија првата групна фаза ќе ја игра во Дебрецен.


Иван Марковски уште три години во Металург

Покрај потписот на Златко Хорват, Металург своите навивачи ги израдува и со новиот тригодишен договор со харизматичниот тренер Иван Марковски. Марковски дојде во Металург при крајот на март и за кратко време успеа да ја консолидира екипата и да ја извлече од резултатската криза во која го најде клубот. Одлично е прифатен од играчите на кои најде начин да им влее нова, победничка атмосфера. “Мојата поддршка во следните три години, како предводник на стручниот штаб, ја добива Иван Марковски, заради енергијата, посветеноста, умешноста да се биде најхрабар кога е најтешко. Одлично е прифатен од екипата, која ја препороди за овој краток период и се надевам дека најдоброто допрва ќе дојде“, вели претседателката на Металург Зорица Блажевска.


Талески и следната сезона ќе настапува за Вардар 1961

Филип Талески уште една сезона ќе го носи дресот на двократниот европски првак, Вардар. Договорот на Талески и Вардар истекува сезонава, но двете страни се расположени за нова едногодишна соработка. Талески е мотивиран и посакува да се бори за место во вардаровиот дрес додека на клубот му требаат квалитетни ракометари во ростерот, затоа што ги очекува пеколен натпреваручки ритам следната сезона.
Познато е дека од следната сезона Вардар ќе игра на четири фронта, Супер лигата, регионалната СЕХА лига, Лигата на Шампиони и Купот на Македонија.
Талески минатото лето во Вардар се пресели од Балинген и нема сезона за паметење. На моменти играше многу добро, на моменти слабо, а на некои мечеви и воопшто не добиваше шанса.
Вардар од следната сезона ќе има нов тренер, бидејќи сегашниот Стефче Алушовски ќе замине после завршување на тековната натпреварувачка година.