ракомет

Алушовски го напушта Вардар по крајот на сезоната

Стевче Алушовски по завршувањето на оваа сезона повеќе нема да биде предводник на Вардар 1961. Тренерот на „црвено-црните“ има шанси да остане во клубот, но истовремено размислува и за други опции.
Алушовски во Вардар го наследи Едуард Кокошков во 2019 година и најголем успех му беше осминафиналето во Лигата на шампионите каде беше сопрен од Веспрем.
Секако, пред да го напушти кормилото на Вардар, пред Алушовски останува битката за Суперлигата и Куп титулата. Најверојатно, наследник на Алушовски ќе биде Веселин Вујовиќ, кој веќе се споменува како нов тренер на Вардар 1961.


Променети термините за завршниот турнир од ракометниот Куп

Ракометната федерација на Македонија направи промена во календарот за завршните мечеви во машкиот Куп.
Првично беше планирано полуфиналните дуели да бидат одиграни на 14 мај, но, сега со промената тие ќе се одиграат ден претходно. Од 16:30 часот Металург ќе игра со Вардар 1961 додека од 19:00 часот Бутел ќе ги одмери силите со Еурофарм Пелистер.
Решавачкиот меч за победничкиот пехар ќе биде в сабота на 15 мај со почеток од 19:00 часот.


Извлечени двојките од полуфиналето на Лига Европа во ракомет

Вчера во седиштето на ЕХФ во Виена, беа формирани полуфиналните двојки за премиерното издание на Европската ракометна лига.
Полскиот состав Висла Плок кој е единствен што доаѓа надвор од Германија, за противник ќе го има Магдебург додека во вториот меч ќе играат бундеслигашите, Рајн Некар Левен и Фуксе Берлин.
Така наречениот Ф4 турнир во Лигата на Европа ќе биде одигран од 22 до 23 мај во германскиот град Манхајм.


Лазаров: Сеуште ќе играме јас и Миркуловски

Репрезентацијата на Македонија ја очекуваат два меча, со Финска на гости и Швајцарија во Скопје, последни квалификациски за ЕУРО 2022, пласманот е обезбеден, а селекторот Кирил Лазаров вели дека тој и Филип Миркуловски ќе играат уште, но и мислат на иднината.
„Имаме краткорочни и долгорочни цели, сакаме да победуваме, но и да направиме и играчи. Сега сме комплетни, а во четврток ќе ни се приклучат и трите резерви Атанасијевиќ, Кукуловски и Цветановски. Јас и Миркуловски се уште сме тука и ќе бидеме уште некое време, но мора да размислуваме и на иднината. Тоа е процес кој нема да биде лесен, меѓутоа ќе работиме и ќе се обидеме да направиме респектабилна национална селекција.“ – изјави Лазаров.
Натпреварите со Финска и со Швајцарија се закажани за утре 28. април и 2. мај. Македонија е моментално на делба на првото место во групата, заедно со Данска.


Вардарци со младински тим ќе играат во СЕХА во Нови Сад

Ракометарите на Вардар 1961 вчера отпатуваа за Нови Сад, каде денес ќе го одиграат мечот со Војводина во СЕХА лигата. Во тимот поради репрезентативни обврски нема да бидат: Марко Кизиќ, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Филип Талески, Марко Мишевски, Анте Гаџа, Васко Шеваљевиќ, Иван Чупиќ и Патрик Валчак. Поради повреди за Нови Сад не отпатуваа ниту Борко Ристовски и Димитар Димитриоски.
Во тимот се приклучени шестмина кадети од тимот предводен од Зоран Петковски. Станува збор за голманот Никола Спасовски (17/181/78), левиот бек Никола Анакиевски (18/92/192), средниот бек Виктор Трифуновски (18/85/88), левото крило Марио Стојановски (17/80/183), пивотот Александар Стојменов (17/85/181) и десното крило Матеј Трајановски (17/80/180).
Средбата со Војводина се игра денес во 17:00 часот.


Зоран Кастратовиќ нов тренер на Пролет

Ракометниот клуб Пролет потврди дека има промена на тренерската позиција. Нов шеф на стручниот штаб на клубот е Зоран Кастратовиќ, кој го наследи Никола Матлиески.
Пролет и Матлиески се разделија после четиригодишна соработка, а Кастратовиќ се врати по кратка пауза по заминувањето од Металург.
„Мило ми е што повторно ќе работам во квалитетен тим од македонскиот шампионат. Запознаен сум со квалитетите на Тинекс Пролет, верувам дека овој состав има потенцијал за да оствари добри резултати до крајот на сезонава. До крајот на сезонава имаме уште шест средби, а само со заедничка работа и максимална ангажираност можеме да стигнеме до она што сите го посакуваме – Тинекс Пролет да излезе во ракометна Европа. Благодарност до управата на клубот и верувам дека ќе ја оправдам нивната доверба“, рече Кастратовиќ.


Симовски сменет, Македонија ќе добие нов селектор на женската репрезентација

Симе Симовски повеќе не е селектор на македонската женска ракометна репрезентација. РФМ на освојата официјална страница извести дека соработката со него е спогодбено раскината. „Ракометната Федерација на Македонија ја информира јавноста дека Македонската куќа на ракометот и Симе Симовски, на 22 април 2021 година, взаемно се спогодија да ја прекинат соработката за ангажманот на женските национални селекции. Ракометната Федерација на Македонија упатува благодарност за досегашниот ангажман на г. Симе Симовски кој ја извршуваше оваа функција непречено во периодот септември 2015 – април 2021 година. Управниот одбор на РФМ во периодот кој следи ќе назначи нов вршител на функцијата Селектор на женските национални селекции“, се вели во известувањето на РФМ.


Палмарсон ја напушта Барса и ќе потпише за Алборг?

Данските медиуми објавија дека Арон Палмарсон, еден од најдобрите ракометари во светот, ја напушта Барселона и ќе се пресели во екипата на Алборг. Палмарсон се согласил на соработка со данскиот тим во следните три сезони, а работата ќе биде официјално потврдена на лето. Исланѓанецот со години е еден од најдобрите ракометари на светот, а претходно играше за Кил и Веспрем. Тој е уште една голема ѕвезда на светскиот ракомет која се сели во данскиот тим, откако претходно за следната сезона беше обезбеден потписот и на најдобриот ракометар на денешницата, Микел Хансен. Алборг за следната сезона ги обезбеди и потписите на Мартин Ларсен (Лајпциг), шведскиот пивот Јеспер Нилсен (Рајн-Некар Ловен) и норвешкото десно крило Кристеин Бјорнсен (Вецлар).


Двајца ракометари на Еурофарм Пелистер повикани за хрватската репрезентација за Еврокупот

Започнаа првите репрезентативни повици пред ЕХФ неделата која следи на крајот од месецот. Селекторот на хрватската ракометна репрезентација, Хрвоје Хорват и неговиот нов асистент, Ивано Балиќ, го објавија списокот на ракометари за Еврокупот против Словачка и Унгарија, кои ќе се одиграат кон крајот на овој и почетокот на следниот месец. На списокот на новиот предводник на „каубоите“ се најдоа 22 ракометари, меѓу кои младиот бек на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш и кружниот напаѓач Томислав Кушан. Противници на Хрватска во оваа ЕХФ седмица ќе бидат Словачка и Унгарија, а натпреварите во Вараждин ќе се одиграат на 28 и 29 април.


Марко Кизиќ потпиша тригодишен договор со Еурофарм Пелистер

Младиот голман на македонската репрезентација, Марко Кизиќ е нов ракометар на Еурофарм Пелистер за периодот од јуни 2021 до јуни 2024 година. 20-годишниот Кизиќ потпиша договор со битолскиот клуб и ќе ја зголеми конкуренцијата на голманската позиција. Овој млад голман доаѓа од Вардар, висок е 190 сантиметри, а тежок 89 килограми. Кизиќ веќе има искуство од настапи во Лигата на шампионите, а во новиот клуб ќе се приклучи по завршувањето на сезоната. Официјалната презентација на Марко Кизиќ ќе се одржи пред почетокот на сезоната 2021/22 во Битола.