ракомет

Македонија покажа витештво, не недоволно да се победи Франција

Ракометната репрезентација на Македонија загуби од силната Франција со 32:25 и како четврта во групата од главната фаза го заврши настапот на Светското првенство.

Македонија го забележа вториот пораз на Светското првенство. Мундијалскиот настап го завршивме со две победи, две нерешени и два порази. Вечерва избраниците на Кире Лазаров пружија солидна партија против една од најдобрите селекции, но разликата во квалитет беше очигледна па „црвено-жолтите“ парираа само до средината на првото полувреме, кога со серија од три гола стигнавме до егал 9:9.

Франција потоа го крена нивото на игра, брзо се одлепи и на пауза замина со +4 (18:14).

„Триколорите“ продолжија во исто темпо и во вториот дел, па брзо стигнаа и до највиски плус седум (23:16). Македонија не се предаде, во неколку наврати се враќавме на минус четири од паузата, но на крајот Франција славеше со 32:25. Сепак ние ја остваривме целта, успеавме да загубиме со едноцифрена негатива и да го задржиме четвртото место на табелата.

Филип Кузмановски со осум голови повторно беше најпрецизен во македонскиот состав, Марко Митев реализира четири голови, додека Жарко Пешевски застана на три погодоци.


Норвешки судии ќе ни судат против фаворитот Франција

Светската ракометна федерација ги делегираше официјалните лица за натпреварите од последното коло во главната рунда во Вараждин.

Натпреварот кој Македонија го игра вечерва и може да биде многу важен во борбата за четвртфиналето, а може и да одлучува само за конечен пласман, ќе го судат норвешки судии.

Станува збор за Ларс Јорум и Харалд Клевен, додека делегати на ИХФ за оваа пресметка ќе бидат Феликс Рац од Швајцарија и Бадер Алтејаб од Кувајт.

Натпреварот меѓу Македонија и Франција ќе се игра вечерва во „Арена Вараждин“ а почетокот е закажан во 20:30 часот.


Митев: Најважно е да се бориме и да играме според планот

Дуелот на Македонија со најсилниот противник за нас на ова СП 2025 Франција го најави македонскиот ракометен репрезентативец Марко Митев.

„За нас сега следи натпревар со ракометен гигант, име како што е Франција, секако дека се работи за фаворит селекција, но ние ќе се обидеме да го изненадиме ривалот. Имаме уште малку време да се спремиме и да се покажеме во добро издание. Како што кажав, на Светското првенство сме дојдени да победуваме, не да губиме. Од сите очекувам да бидат фокусирани од почетокот до крајот, па ние ќе одиме да изненадиме, зошто да не го направиме тоа? Најважно од се е да се бориме, да играме по планот на тренерот и да не се предаваме во ниту еден момент.“, изјави Митев.

Натпреварот меѓу Македонија и Франција се игра вечерва од од 20:30 часот.


Лазаров: Нема што да загубивме во дуелот со Франција

Кире Лазаров состави моќен колектив од македонската ракометна репрезентација, покажувајќи тренерска генијалност како што тоа со години го правеше и како играч.

Македонската ракометна репрезентација денес го игра последниот меч од втората фаза на Светското првенство (СП), а ривал ќе ни биде моќната Франција.

Французите веќе го обезбедија пласманот во четвртфиналето на СП, но селекторот Кире Лазаров не смета дека поради тоа противникот ќе се опушти во дуелот со Македонија.

„Франција заедно со Данска се едни од најдобрите репрезентации во последните 10 години. Ние утре нема што да загубиме. По пет исцрпувачки натпревари решивме денеска да им дадеме одмор на момците. Ако нешто ни е потребно, тоа е силата. Да се обидеме да одмориме и да одиграме квалитетен натпревар колку што ќе ни дозволи ривалот. Тоа е една моќна репрезентација, која е добра во дуел, многу трча и има 16 добри ракометари и ротира во натпреварот. Ќе биде тешко да се спротиставиме, ќе побарам од моите играчи да немаат многу респект кон противниците, мора да се учиме да играме против поголеми селекции. Треба да се посветиме самите на себе и да веруваме во тоа што работиме“, рече Лазаров.

Нашата репрезентација никогаш во историјата не се изборила за позитивен резултат во натпреварите против Франција.


Лазаров: Оваа победа е за „Фалангата“ и за цела Македонија!

Ракометната селекција на Македонија ја забележа првата победа во главната фаза, а втора на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. Веселин Вујовиќ и неговиот Катар немаа решение за разиграната Македонија и во првиот денешен натпревар од групата 2, нашите момци славеа победа од 39:34.

По средбата во Вараждин своја анализа на одиграното даде селекторот Кирил Лазаров.

„Честитки на момците за сето она што го прават за овој дрес. Тешко е на петти натпревар против квалитетен противник да имаш фокус, концентрација и борба. Секоја чест за сите играчи. Ние веруваме во она што го работиме, свесен сум дека имаме квалитет. Веруваме во системот, во поставеноста, во стратегијата. Се гледа дека собираме искуство, во неколку наврати ги вративме Катарците во натпреварот, но имаме една глава и опашка. Честитки до играчите за нивната борба.

Штета што ги нема нашите навивачи од првиот круг, многу ми е жал, но тоа го прифаќаме. Оваа победа е за нив, за цела Македонија.

Ни следи Франција, не дека тие се фаворити само против нас, туку и за златото на шампионатот. Играат во страшен ритам, шутираат од далеку и даваат голови. Тоа се мои колеги, со кои играв до пред некоја година, има четири до пет играчи од Нант, плус ѕвездите од другите клубови. Немаме што да загубиме, ќе се надигруваме, ќе се обидеме на друг начин да ја поставиме играта. Ќе биде многу тешко, но се надевам дека ќе има да се понадеваме на нешто во некој момент од натпреварот. Самото присуство на Светско првенство е големо искуство за младите играчи и се надевам дека сите во своите клубови ќе бидат на повисоко ниво. Сите добиваат шанса, а тоа е предност за нас како тим, за нив како индивидуалци и за сите“, рече селекторот.

Во последното коло од главната фаза ќе се сретнеме со фаворитот Франција, в сабота во вечерниот термин од 20:30 часот.


Најдобрата Македонија на Мундијалот го „распарчи“ бавниот Катар

Македонската машка ракометна репрезентација во својот втор натпревар од главната фаза на Светското првенство славеше над Катар со 39-34 во Вараждин.

Кај стрелците Пешевски и Кузмановски запишаа по шест голови, а Кизиќ запиша девет одбрани. По завршувањето на мечот Митев кој имаше пет голови од седум обиди беше прогласен за играч на мечот.


Лазаров: Очекувам да бидеме на високо ниво и против Катар

Македонија со реми и еден освоен бод ја започна втората фаза на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. Четата на Кирил Лазаров во драматичен натпревар и со гол во последните секунди на Филип Кузмановски одигра без победник против Австрија и со тоа продолжува да остaва одличен впечаток на овој собир.

Следен ривал на нашите ракометари ќе биде селекцијата на Катар, која е предводена од легендарниот Веселин Вујовиќ.

„Катар имаше одлични натпревари на Светското првенство. Борбена селекција со многу натурализирани играчи кои прават разлика на теренот. Нè очекува уште еден неизвесен натпревар. Очекувам уште еднаш да бидеме на високо ниво. Ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за позитивен резултат”, изјави Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Катар се игра в четврток во Вараждин, со почеток од 15:30 часот.


Ѓорѓиев: Да ја искористиме младоста и да го наттрчаме противникот

Македонската ракометна репрезентација денес имаше слободен ден на СП, а го искористи за подготовка за натпреварот против Катар во втората рунда на Светското првенство. Пред утрешниот натпревар своите очекувања ги искажа Игор Ѓорѓиев, средниот бек на Македонија кој истакна дека треба да ја искористат младоста, за да го наттрчаат противникот и да дојдат до позитивен резултат.

„Не очекува дуел со една пред се квалитетна и искусна екипа која што го покажа тоа на последниот натпревар со Холандија во кој беа егал до самиот крај. Ние сме една помлада репрезентација од нив и тоа ни е некоја предност која треба да ја искористиме за да дојдеме до позитивен резултат со оглед на тоа што за нас ова е петти меч на првенството. Секогаш кога играм во дресот на Македонија и пред навивачите се чувствувам мотивирано, така мислам дека е и целата наша екипа. Имаме уште помалку од еден ден, треба времето да го искористиме за најдобра анализа и да излеземе на терен да победиме. Ако имаме добра одбрана и добра полуконтра, можеме да победиме“, изјави Ѓорѓиев.

Натпреварот меѓу Македонија и Катар се игра утре (четврток) од 15:30 часот во Вараждин. Нашата репрезентација има два бода во втората фаза, додека Катар е без бодови.


Лазаревски: Катар е физички јака репрезентација, но бризната е наш адут!

Нашиот пивотмен Милан Лазаревски игра одлично на ова СП , како во одбрана така и во напад. Сега го чека тешкабитка против корпулентните репрезентативци на Катар, а тоа значи дека ќе има тешка задача.

Лазаравески го најави вториот натпревар од главната рунда за Македонија и истакна дека ако Македонија игра брзо и полетно, Катар нема да има шанси да парира, пред се заради разликата во годините на селекциите.

„Како што можевме да видиме од мечот со Холандија, Катар не се покажа како наивен противник. Иако бековите во таа репрезентација се во поодминати години и доцнежна фаза во нивната кариера, покажаа дека може да допринесат и тоа како за нивниот тим, зборувам за левата и за бековска позиција. Не очекува тотално различен дуел од оние претходните, ама ако пристапот е ист како претходно, може да имаме позитивен исход. Адут треба да ни биде брзата транзиција и полуконтра која ја негуваме, тоа е евидентно на овој шампионат. Затоа што се работи за ривал кој има постари играчи, може да им направиме проблеми. Иако се физички силни, Катарците се доста троми и таков начин на игра и пристап за нив би било невозможно да ни одговорат. Таму ја гледам шансата за позитивен исход од оваа средба“, изјави Лазаревски.

Македонија против Катар игра утре (четврток) од 15:30 часот во Вараждин.


Никола Матлиески нов тренер на Пролет

Никола Матлиески е нов шеф на стручниот штаб на Тинекс Пролет, објави денес раководството на ракометниот клуб од Скопје.

Матлиески доаѓа на клупата на Тинекс на местото на Александар Јовиќ кој почина ненадејно пред седум дена.

-Матлиески е тренер што многу добро го познава Тинекс Пролет, тој седеше на клупата на овој тим од 2017 до 2021 година, кога си замина, а на негово место пристигна Зоран Кастратовиќ, но самиот Матлиески даде огромен придонес во освојувањето на третото место, што е најдобар пласман на Тинекс Пролет од формирањето на Супер-лигата, информираат од РК Тинекс Пролет.

Старо-новиот тренер потпиша долгорочен договор со Тинекс Пролет, по што синоќа го одржа и првиот тренинг со екипата.

За одбележување е гестот на управата на Тинекс Пролет, до крајот на сезоната, на семејството на Јовиќ да му се исплатат средствата од договорот.