ракомет

Вујовиќ: Имаме голем број повредени играчи но мора да го добиеме ПИК Сегед

Тренерот на ракометниот клуб Вардар, Веселин Вујовиќ, предупреди на големиот број повредени играчи во неговиот тим пред дуелот со унгарскиот ПИК Сегед во рамките на Лигата на шампиони.

Вујовиќ е со мислење дека и покрај големиот број на играчи кои ќе недостасуваат во екипата, Вардар мора да слави победа и да ја прекине низата од 4 порази по ред.

„Ситуацијата во тимот во однос на здравствениот билтен е катастрофална. Дибиров поради вироза е надвор од тимот и не знаеме кога ќе се опорави. Мишевски и Куни имаа еден судир и исто така се во аут. Повреден е и пикерот Тото кој се наметна како важен играч во екипата, додека Столе и Кудуз се неизвесни за настап“, изјави Вујовиќ.

„Ова е натпревар кој мора да го добиеме. недозволиво е да имаме пет порази по ред. Ќе мора да одиграме цврсто, натпревар со малку постигнати голови повеќе ни одговара“, потенцира вардаровиот тренер.


Ракометарките се собраа за двомечот во Стара Пазова против Србија

Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија синоќа во Скопје го имаа првиот собир во рамките на ЕХФ неделата.

Селекторот Љубомир Савевски минатата недела го објави списокот на повикани ракометарки за претстојниот собир во чии рамки ќе одиграме два контролни пријателски натпревари против репрезентацијата на Србија во Стара Пазова, Србија.

Натпреварите се закажани за 27.11.2021 (сабота) и 29.11.2021 (понеделник).


Душебаев го пропушта Европското ракометно првенство

Шпанската ракометна репрезентација ќе настапи без еден од најдобрите ракометари на Европското првенство кое ќе се одржи во Словачка и Унгарија. 

Поранешниот играч на Вардар, Алекс Душебаев објави дека се здобил со повреда на рамото и нема да настапи за Шпанија во одбрана на европското злато.

Душебаев својата повреда ја заработи уште за време на Олимпијадата во Токио но сега лекарите му препорачале пауза од 6 недели и започнување со рехабилитација.


Савевски ги отвори картите за двомечот меѓу Србија и Македонија

Селекторот на македонската женска репрезентација, Љубомир Савевски го објави списокот на повикани ракометарки за претстојниот собир во рамки на ЕХФ неделата во период од 22-30 ноември.

На списокот на Савевски се:

МАРИЈА ЈОВАНОВСКА

САРА МИНОВСКА

ТЕОДОРА ДУКОСКА

ИВАНА ЏАТЕВСКА

АЛЕКСАНДРА КОЛОВСКА

АНГЕЛА ЈАНКУЛОВСКА

ЕМИЛИЈАНА РИЗОСКА

БОЈАНА КОЦЕВА

ИВА МЛАДЕНОВСКА

МАТЕЈА СЕРАФИМОВА

ЈОВАНА МИЦЕВСКА

ЈОВАНА САЗДОВСКА

САРА РИСТОВСКА

ЛЕОНИДА ГИЧЕВСКА

МОНИКА ЈАНЕСКА

СИМОНА СТОЈКОВСКА

САЊА ДАБЕВСКА

АНДРЕА СЕДЛОСКА

МАРИЈА ШТЕРИОВА.

За време на ЕХФ неделата женската сениорска репрезентација на Македонија ќе одигра два контролни пријателски натпревари против репрезентацијата на Србија во Стара Пазова, Србија. Натпреварите се закажани за 27.11.2021 (сабота) и 29.11.2021 (понеделник), информираа од РФМ.

Собирот на репрезентацијата е закажан за ден 22 ноември во Скопје.


Шпанецот Македа ќе го замени Лазаров во Нант

Шпанскиот ракометен репрезентативец, Хорхе Македа, од следната сезона ќе настапува за екипата на Нант, клубот каде настапува нашиот најдобар играч, Кире Лазаров.

Ако е познат фактот дека Лазаров најави свое заминување од Нант во следната сезона, тоа значи дека бившиот ракометар на Вардар, Македа, ќе го замени Кире на бековската позиција во тимот од Франција.

Хорхе Македа во Нант ќе замине од неговиот сегашен клуб Веспрем.


Промовирана автобиографијата на Кирил Лазаров – „Секогаш на победа“

Синоќа во Скопје беше презентирана автобиографската книга „Секогаш на победа“, дело на Кирил Лазаров, еден од најдобрите ракометари на сите времиња. Најдобриот стрелец на Лигата на шампионите и рекордер по многу основи кога е во прашање светот на ракометот, на хартија ја пренесе својата ракометна и животна приказна во соработка со српскиот новинар Жика Богдановиќ, основач на регионалниот ракометен портал „Балкан-Хандбал“.
Лазаров на промоцијата истакна дека во автобиографијата има многу возбудливи детали и стои зад напишаното.
„Сите Македонци знаат многу работи за мене, но во книгата ќе може да прочитате многу работи кои не сте ги знаеле“, порача вечерва Лазаров.

Лазаров преку Пелистер, Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона до Нант стигна до ракометните височини.

На промоцијата присуствуваа ракометни авторитети како Пепи Манасков, Стевче Стефановски, Иван Марковски, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, Каролина Гочева, Симон Трпчевски и многу, многу други…


Данецот Лауге Шмит пак се повреди, неизвесен неговиот настап на ЕП

Веспрем најмалку до крајот на месец ноември ќе настапува без Расмус Лауге. Данецот во натпревар од Лигата на шампионите против Динамо Букурешт во 38. минута заработи повреда на скочниот зглоб.

Времето за опоравување според направените анализи ќе биде четири до пет недели, а можеби и подолго.

Лауге ќе ја пропушти ЕХФ неделата и дуелите на Данска од Златната лига, а би можел и да го пропушти и Европското првенство во Унгарија и Словачка, доколку не се опорави навреме.


Карабатиќ останува во ПСЖ до 2023

Еден од најдобрите светски ракометари на сите времиња, Никола Карабатиќ, го продолжи договорот со својот сегашен клуб Париз Сен Жермен. Од францускиот клуб потврдија дека Карабатиќ ќе остане во Париз до 2023 година со цел да се освои трофејот во Лигата на шампионите.

„Многу сум среќен што ќе продолжам да го носам дресот на ПСЖ и во иднина. Се надевам дека ќе освоиме што е можно повеќе титули заедно“, изјави Карабатиќ, кој е трикратен олимписки шампион со Франција.


Кил потпиша нови договори со два главни аса

Домагој Дувњак и Швеѓанецот, Никлас Екберг, ги продолжија договорите со екипата на Кил која утре ќе гостува кај Вардар во рамките на новото коло во Лигата на ракометните шампиони.

Тие ќе останат во бундес-тимот до 30 јуни во 2024 година иако постои можност тој термин да биде продолжен.

Дувњак потпиша за Кил во 2014 година додека Швеѓанецот го носи дресот од 2012 година. Двајцата беа дел од екипата која ја освои европската круна во сезоната 2019/20.


Кил доаѓа во Скопје без двајцата најдобри играчи

Тренерот на екипата на Кил, Филип Јиха, нема да може да рачуна на двајцата свои најдобри ракометари на дуелот од Лигата на шампионите против Вардар.

Германскиот тим, во Скопје ќе допатува без Стефан Вајнхолд и Сандер Сагосен. Причината поради која овие двајца ракометари ќе бидат отсутни е нивниот позитивен тест на ковид-19. Тие мора да останат во карантин и нема да можат да настапат за својата екипа.

Натпреварот Вардар – Кил е на распоред за утре во среда во 20:45 часот.