ракомет

Младеновиќ го засили Охрид

Суперлигашот Охрид доби нов, вкупно втор претставник во македонската ракометна репрезентација на Мундијалот во Египет, откако постигна договор со левиот бек Михајло Младеновиќ. 20- годишниот ракометар со „гладијаторите“ потпиша 18-месечна соработка, а во Охрид се преселува од скопски Металург.
„Тренерот Раде Стојановиќ и клупската управа ми ги презентираа плановите и целите, кои многу ми се допаднаа и веднаш ја прифатив понудата од Охрид. Ќе дадам се од себе да ги исполнам очекувањата, како и клубот и јас да напредувам во кариерата“, изјави Младеновиќ.
Соиграч на Младеновиќ од Охрид во македонската ракометна репрезентација на Мундијалот ќе му биде голманот Никола Даниловски.
„Гладијаторите“ за неколку дена ќе ги започнат зимските подготовки за плејофот во Суперлигата.


Карим Хандави е нов член на Еурофарм Пелистер!

РК Еурофарм Пелистер официјално го претстави првото засилување во 2021 година. Нов член на нашиот клуб е репрезентативецот на Египет, Карим Хандави. Најдобриот египетски голман доаѓа во Битола како големо засилување за голманската позиција.
Хандави потпиша договор и официјално ќе биде претставен штом ќе му завршат репрезентативните обрвски на Светското првенство. Хандави има 32 години, долго време е најдобар египетски голман и стандарден репрезентативец, а има и акумулирано искуство од настапи во Европа.
По искуството во Замалек, во шампионатот на Египет, Хандави мина две сезони во првакот на Турција, Бешикташ, а последен клуб за кој настапуваше е романската екипа Доброгеа Суд. Хандави доаѓа како слободен ракометар и ќе биде еден од ретките Африканци и само втор ракометар од Египет кој ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер.
Новиот голман на битолскиот клуб висок е 188 сантиметри и важи за импулсивен голман, со нескриен темперамент. Со египетската репрезентација освои злато на Африканскиот шампионат во 2016 година на домашен терен и во 2020 година во Тунис.
Клубот ќе го претстави во Битола по завршувањето на Светското првенство, кога ракометарот ќе се јави на тренинзите на Жељко Бабиќ.


Брестовац со многу млад состав и без Манасков и Ристовски на СП во Египет

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Данило Брестовац ги одбра ракометарите кои ќе патуваат во Египет на настап на Светското првенство. Брестовац ќе поведе 20 ракометари за настап на Мундијалот, ќе бидеме без Дејан Манасков, Борко Ристовски и Гоце Георгиевски, но со Кире Лазаров и Стојанче Стоилов од искусните.

Голмани:
Никола Митревски (Порто)
Мартин Томовски (Лудвигсхафен)
Никола Даниловски (Охрид)

Леви крила:
Димитар Димитриоски (Вардар)
Цветан Кузманоски (Еурофарм Пелистер 2)

Леви бекови:
Филип Талески (Вардар)
Дарко Георгиевски (Анжер)
Горан Крстевски (Фочани)
Михајло Младеновиќ (Металург)

Централни бекови:
Филип Кузмановски (Хановер)
Марио Танкоски (Еурофарм Пелистер)
Марко Мишевски (Вардар)

Десни бекови:
Кирил Лазаров (Нант) – капитен
Мартин Велкоски (Еурофарм Пелистер)
Мартин Серафимов (Металург)

Десни крила:
Мартин Поповски (Амичитија Цирих)
Ненад Костески (Еурофарм Пелистер 2)

Кружни напаѓачи:
Стојанче Стоилов (Вардар)
Жарко Пешевски (Штутгарт)
Никола Марковски (Еурофарм Пелистер)

Македонија ќе биде во групата Г заедно со Шведска, Египет и Чиле. Најдобрите три селекции во секоја група одат во наредната фаза.


Мандалиниќ позираше со деветката по потписот на новиот договор

Репрезентативецот на Хрватска, Стипе Мандалиниќ, официјално ја продолжи соработка со нашиот ракометен состав Еурофарм Пелистер. Левиот бек кој одработи шест месеци во Битола, вели дека е задоволен од постигнатото.
„Мојот впечаток е многу позитивен. Градот е мал, но, има душа и живее за спортот, посебно за ракометот. Среќен сум во Битола, затоа ја договоривме соработката за наредната сезона. Клубот се стреми за големи цели почнувајќи од тренерот и стручниот штаб. Ќе има многу натпревари, но не ме плаши збиениот календар бидејќи играв во Бундеслигата каде што се играат три натпревари неделно. За навивачите на Пелистер сум слушал претходно, гледав и неколку натпревари на Интернет, минатата сезона против Веспрем и Мешков Брест и тоа е навистина атмосфера која ти дава „ветер во грб“. Таква публика со таков ентузијазам посебно ќе ни недостига на големите натпревари“, вели ракометарот на Еурофарм Пелистер.


Ракометарите не сакаат да играат пред гледачи на СП во Египет

Унијата на европските ракометари преку писмото испратено до претседателот на Светската ракометна федерација, Хасан Мустафа, изрази загриженост што ќе има публика на натпреварите на Мундијалот во Египет. Како што објави „ТВ2“ од Норвешка, играчите побарале натпреварите да се играат пред празни трибини и воедно да бидат запознаени со протоколот кој ќе им гарантира безбедност доколку ИХФ остане на идејата да има навивачи. Светското ракометно првенство во Египет ќе се одржи од 13 до 31 јануари под посебни мерки за заштита од ковид-19.


Брестовац повика тројца сенатори, Македонија спремна за повик за СП

Селекторот на нашите најдобри ракометари, Данило Брестовац, ги повика Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и Никола Маркоски да се вклучат во подготовките откако ќе го поминат задолжителното тестирање за ковид-19.
Крилото, Гоце Георгиевски, кој го прележа вирусот, нема да се врати во селекцијата бидејќи е надвор од посакуваниот ритам. Избраниците на Брестовац на 10 јануари ќе го одиграат и вториот контролен меч со Чиле во Скопје.
Ние се надеваме дека некоја селекција пред се Чешка која има проблеми со заразени ракометари ќе се откаже и дека ќе и го отвори патот на Македонија да замине на Мундијалот во Египет.


Николов и Начевски ќе ја делат правдата на СП во Египет

Нашите најдобри ракометни судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски ќе бидат дел од Светското првенство во Египет кое ќе започне кон средината на месецов. Светската ракометна федерација (ИХФ) официјално го ибјави списокот на 19 судиски двојки меѓу кои влегуваат и нашите. Покрај Николов и Начевски, уште 13 судиски двојки се од Европа, три се од Африка и по една од Јужна Америка и Азија.


Исланд без најдобриот играч на ракометното СП

Исланд на претстојното Светско ракометно првенство во Египет ќе заигра без најдобриот ракометар, Арон Палмарсон.
Тој неодамна играше на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн со повредено колено, па повредата само ја влоши на овој турнир. По доаѓањето во кампот на исланската репрезентација направени се дополнителни прегледи, кои покажаа дека мора да паузира најмалку месец дена.
Бекот на Барселона беше еден од најголемите заговорници за ова Светско првенство да не се одигра поради моменталната епидемиолошка ситуација, а сега ќе го пропушти истото.
Исландскиот селектор, Гудмундур Гудмундсон не повика дополнителна замена за Палмарсон.
Исланд на Светското првенство ќе биде во група со Португалија, Алжир и Мароко.


Ракометарите се собраа во Скопје, следат два пријателски дуели со Чиле

Македонската ракометна репрезентација, денес ќе ја започне новата година со прв собир во Скопје. Селекторот Данило Брестовац ќе го искористи овој слободен простор за да ги собере и тестира новите сили, бидејќи на списокот од 23 ракометари недостасуваат искусни ракометари како Стоилов, Манасков, Ристовски и Георгиевски. Македонија нема да биде дел од Светското првенство во Египет и селекторот Брестовац ќе има простор да одигра две контролни средби со селекцијата на Чиле на 5 и 10 овој месец.