ракомет

Кирил Лазаров го одигра последниот натпревар во кариерата

Легендата на македонскиот и европскиот ракомет, Кирил Лазаров, го одигра својот последен натпревар во кариерата.

Лазаров со својот клуб Нант доживеа пораз со резултат 36:31 од екипата на Париз Сен Жермен во финалето на Купот на Франција. 

После дуелот нашиот ракометар изјави дека е горд на се што постигнал во својата богата играчка кариера, и дека му беше чест што играл во Нант и во Франција.


„Кралско“ испраќање на Лазаров од Нант

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров, го одигра својот последен домашен натпревар во тимот на Нант.

По тој повод францускиот ракометен прволигаш, после средбата со Тулуз приреди свечена церемонија со која му се заблагодари на Лазаров за неговиот придонес за клубот. 

Во салата присуствуваше и семејството на Лазаров кој по овој повод беше седнат на „кралски“ престол и беше поздравен од многубројната публика.


Голманот Чаневски ќе брани во израелската ракометна лига

Голманот на ракометниот клуб Бутел Градимир Чаневски, ја напушта екипата и во иднина ќе настапува за тимот Макаби Ришон Лезион од Израел.

Според објавените информации, Чаневски со еден од најдобрите израелски клубови ќе потпише двегодишен договор.

Чаневски освен во Бутел, претходно успешно настапуваше и за екипата на Еурофарм Пелистер.


РФМ ја достави потребната пријава за учество на Вардар во Лигата на шампиони

Шампионот на Македонија во ракомет Вардар 1961 и официјално ќе се натпреварува во Лигата на шампионите следната сезона.

Оваа информација ја потврдија од Ракометната федерација на Македонија.

„РФМ ја достави пријавата на РК Вардар 1961 до Европската Ракометна Федерација за учество во Лигата на шампионите во машка конкуренција за сеоната 2022/23. Им посакуваме спортски успеси во елитната категорија“, соопштуваат од федерацијата.


Ракометарите ја добија полесната група на Медитеранските игри во Алжир

Машката ракометна репрезентација на Македонија вчера ги дозна ривалите на претстојните Медитерански Игри 2022 кои од 25 јуни ќе се одржат во алжирскиот град Оран.

Подмладениот тим предводен од селекторот Кире Лазаров на Медитеранските Игри ќе биде дел од групата Б во која се најдоа и селекциите на Шпанија, Турција, Грција и Алжир.

Лазаров и неговите избраници подготовките на за настап на Игрите ги започнуваат на 13 јуни.


Митревски со номинација за најдобар голман во ракометната Лига на шампиони

Голманот на македонската ракометна репрезентација, Никола Митревски, е номиниран за најдобар чувар на мрежата во Лигата на шампионите за сезоната 2021/2022.

Митревски имаше одлична сезона бранејќи го голот на својот клуб Порто, а неговите успешни одбрани беа препознаени од ЕХФ поради што доби заслужена номинација.

Конкуренти за добивање на наградата ќе му бидат голманите Ландин, Буриќ, Перез де Варгас, Волф и Коралес.


Потврдено пристигнувањето на Павел Андреев во Вардар

Актуелниот македонски ракометен шампион Вардар 1961, го потврди новото засилување  за наредната сезона. Станува збор за Русинот Павел Андреев кој настапува на пикерската позиција.

29-годишниот досегашен член на тимот Чеховски Медведи има големо искуство со настапите на клупски, но и на репрезентативен план со селекцијата на Русија.

Андреев е четвртиот ракометар кој пристига како засилување во скопскиот тим. Претходно Вардар ги договори трансферите на Цехте, Анѓелиќ и Дуарте. 


Филип Миркуловски станува помошник тренер во Вецлар

Ракометарот Филип Миркуловски на крајот од сезонава ќе добие нова улога во својот клуб Вецлар. Имено тој ќе биде асистент на главниот тренер на екипата, со што и официјално ќе започне со својата тренерска кариера.

„Среќен сум што ќе започнам со тренерската работа во Вецлар. Му благодарам на клубот за дадената шанса. Со нетрпение го очекувам стартот на новата сезона и соработката со стручниот штаб и играчите“, изјави Миркуловски.


Куни Моралес го продолжи договорот со Вардар 1961

Кубанецот Куни Моралес, кој настапува на позицијата десен бек, го продолжи договорот со ракометниот клуб Вардар 1961, и ќе остане во тимот и наредната сезона.

Моралес со своите одлични игри во црвено-црниот дрес како во Лигата на шампионите така и во домашното првенство, ги задоволи критериумите на раководството на клубот од Скопје кое се одлучи да го задржи во тимот уште една година.


Русинот Андрееев го потврди трансферот во Вардар

Вардар почна да гради силен тим за следната сезона, а веќе е потврдено четвртото засилување.

Вардар веќе ги договори Божо Анѓелиќ, Нејц Цехте, како и Жилберто Дуарте, а денес Русинот  Павел Андреев потврди дека има договор со македонскиот клуб.

Андреев кој досега ги бранеше боите на Чеховски Медведи, настапи за најдобрата руска репрезентација на Европското првенство во 2020 година и потврди дека веќе потпишал за Вардар.