останато

Дуплантис постави светски рекорд и на Светското првенство во Токио

Мондо Дуплантис повторно постави светскиот рекорд во скок со стап на планетарното првенство во Токио. Најголемата ѕвезда на светската атлетика прелета 6,30 метри во својот трет обид и за еден сантиметар го надмина својот личен и планетарен рекорд поставен во Будимпешта пред нешто повеќе од еден месец. Ова е 14-ти пат во неговата кариера да го подобри најдобриот резултат на планетата.

„Мондо“, исто така, собра дополнителни 100.000 долари, кои се доделуваат на натпреварувачот кој ќе го постави светски рекорд.

Пред светскиот рекорд, неверојатниот Швеѓанец ги прелета сите височини од прва. Го обезбеди златото со 6,15, а потоа следеше она на што сите се надеваа на преполниот Олимписки стадион во јапонската престолнина. Ова е негова четврта последователна титула светски шампион.


Џеферсон Вуден е најбрзата жена во светот

World Athletics Championships Tokyo 2025 – Women’s 100m Final – Japan National Stadium, Tokyo, Japan – September 14, 2025 Melissa Jefferson-Wooden of the U.S. celebrates with a gold medal and U.S. flag after winning the final REUTERS/Sarah Meyssonnier

Мелиса Џеферсон Вуден од САД е најбрзата жена во светот. Американката ја освои титулата ма 100 метри во Токио со рекорд на шампионатите од 10,61 секунди.

Најдобрата во светот оваа година, стигна до целта само 12 стотинки побавно од светскиот рекорд на Флоренс Грифит Џојнер. Среброто и припадна на Јамајканката Тина Клејтон, која заостана 15 стотинки зад победничкатасо време 10,76 што е нејзин личен рекорд. Олимписката шампионка, Жилиен Алфред од Света Луција мораше да се задоволи со бронза со 10,84.

Ова беше последната трка на легендарната Шели Ан Фрејзер Прајс, петкратна светска шампионка и двократна олимписка победничка, која заврши на шестото место.


Севил e најбрз човек на планетата, драматична победа на „стотка“ во Токио

First placed Jamaica’s Oblique Seville celebrates winning the men’s 100m final during the World Athletics Championships in Tokyo on September 14, 2025. (Photo by Jewel SAMAD / AFP)

Облик Севил од Јамајка е светски шампион на 100 метри. Во финалето на Мундијалот во Токио истрча 9,77.

Севил беше одличен и во квалификациите и во полуфиналето, но никој не му даваше шанси во финалето.

Сепак, тој блесна на патеката. Пред 70.000 луѓе во финишот, успеа да го надмине сонародникот Кишан Томпсон, кој мораше да се задоволи со сребро. Заостануваше пет стотинки зад победникот.

Ова е прва титула за Јамајка на 100 метри, од триумфот на легендарниот Јусеин Болт во 2017 година. Патем, светскиот рекордер беше во Токио за да го гледа во живо двојниот триумф на своите сонародници.

Актуелниот шампион Американец Ноа Лајлс беше трет со 9,89, додека олимпискиот вицешампион Лесли Тебого од Боцвана беше дисквалификуван поради грешка на стартот.


Кик-боксерите заминаа на јуниорското ЕП во Италија

Македонската јуниорска кикбокс репрезентација предводена од претседателот Дејан Митровски – Урко од вчера е во Лидо Ди Јесоло, Италија, каде ќе учествува на ВАКО Европското јуниорско кикбокс првенство 2025.

Како и секогаш, јуниорската репрезентација е составена од најпотенцијалните кикбоксери кои според проценката на селекторот се можни освојувачи на медал. По извршената селекцијата, на првенството ќе учествуваат натпреварувачите: Марија Димовска, Лука Змејковски, Андријано Димишковски и Калин Бабовски.

Во состав на делегацијата се и тренерот на репрезентацијата Драган Атанасовски и помошникот-тренер Александар Димовски, додека најдобрата македонската кикбокс судијка Елена Неделковска, која требаше да ја дели судиската правда како претставник од нашата земја, за жал, поради здравствени причини е спречена да биде дел од делегацијата.

На јуниорско првенство кое ќе трае од 12 до 21 септември ќе учествуваат 2626 натпреварувачи од 45 држави од Европа.


Теа Божиновска и Александар Арсов победници на државниот полумаратон во Битола

Атлетичарката Теа Божиновска, членка на АК Скопски маратон и атлетичарот Александар Арсов, член на АК Делта се годинашни победници на државниот полумаратон што денес се одржа во Битола.

Божиновска и Арсов трчајќи по битолските улици постигнаа и лични рекорди, оставајќи ги зад себе Марина Домазетовска и Ана Шиковска, односно Муџахид Мислимовски и Жан Тосев. Трката од 21 километар најбрзо ја истрча штипјанецот Александар Арсов, член на АК Делта-Скопје.

Награди на најуспешните учесници им доделија градоначалникот Тони Коњановски, спортисти и јавни личности од Битола.


Американката Олман светска првенка во фрлање диск

Американката Валери Олман е новата светска шампионка во фрлање диск. Нејзиниот триумф дојде со фрлање од 69,48 метри во петтата серија, иако и фрлањето од 67,63 метри од нејзиниот прв обид ќе беше доволно за златниот медал.

Холанѓанката Јоринде Ван Клинкен го освои среброто со време од 67,50, додека Кубанката Силинда Моралес, која имаше најголема поддршка од трибините, го освои бронзениот медал со време од 67,25.

Сандра Елкасовиќ, двократната олимписка и светска шампионка и седумкратна европска шампионка, заврши на петтото место.


Џепчирчир златна на маратонот во Токио, Поп Арсова на 62. место

Перез Џепчирчир од Кенија го освои златниот медал во маратонот на Светското првенство во атлетика во 2025 година. 31-годишната атлетичарка патеката во Токио ја помина за 2 часа 24 минути и 43 секунди.

Маратонката од Кенија, во последните метри ја престигна Тигст Асефа од Етиопија (2,24.45). Бронзениот медал го освои Јулија Патернане од Уругвај (2,27.23).

За олимписката шампионка од на истото место во 2021 година ова е прва светска титула.

Репрезентативката на Македонија, Адријана Поп Арсова Рашиќ, маратонот го заврши на 62. место со време 3 часа, една минута и 48 секунди.


Македонија пријави двајца атлетичари на Светското првенство во Токио

Двајцата македонски атлетичари се учесници на денеска започнатото Светското првенство во атлетика. Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова веќе го знаат и официјалниот термин на своите трки во маратонска конкуренција.

Прва на програмата ќе настапи Адријана Поп Арсова и тоа утре ( недела ) 14-ти септемвери во нејзината дисциплина маратон со почеток во 7:30ч. , односно 00:30ч. (македонско време).

Дарио Ивановски својот настап ќе го има на 15-ти септемвери ( понеделник ) во неговата дисциплина маратон, со почеток во 7:30ч., односно 00:30ч. (македонско време).


Мото ГП ќе отвори своја „Куќа на славните“

Мото ГП шампионатот и досега имаше посебно место за своите легенди, а од четврток има и официјална Куќа на славните, која беше откриена во пресрет на Големата награда на Сан Марино во Римини оваа недела.

На посебен настан во Римини, се собраа најголемите ѕвезди на мотоциклизмот кои повеќе не се активни, а кои меѓусебно имаат 23 титули и повеќе од 300 победи. Легендите кои повеќе не се со нас: Умберто Масети, Џеф Дјук, Џон Сартис, Мајк Хејлвуд, Фил Рид и Бери Шин, први беа примени во Куќата на славните.

Присутните ги предводеше најтрофејниот возач во историјата – Џакомо Агостини, кој во текот на својата кариера освои неверојатни 15 титули и забележа рекордни 122 победи.

По него следеа Кени Робертс, Фреди Спенсер, Еди Лосон, Вејн Рејни, Мик Дуан, Кејси Стонер, Дани Педроса и човекот кој е најзаслужен за најголемата популарност на Мото ГП шампионатот, Валентино Роси.

Сите тие добија медали во чест на влегувањето во Куќата на славните, но и плакети што одат во Кулата на шампионите, која му се доделува на шампионот од кралската класа.

Кулата на шампионите, патем, претрпе измени во однос на оригиналната верзија, во согласност со новиот идентитет на најспектакуларниот спорт во светот, како што го промовираат оние што го водат.

Секако, првиот сопственик на новиот трофеј ќе биде Марк Маркез, кој не може да ја обезбеди титулата овој викенд, но ќе ја има својата прва шанса за две недели, во Јапонија.

Вниманието сега е насочено кон самата патека, бидејќи акцијата за Големата награда на Сан Марино и Римини започна во Мизано и продолжува до недела.


Светската атлетика уште ги држи „замрзнати“ Русија и Белорусија

Светската атлетска федерација останува конзистентна на својата политика за суспензија на спортисти од Русија и Белорусија од меѓународните натпревари, што го вклучува и Светското првенство што започнува в сабота во Токио, јави денеска агенцијата ДПА.

„Потребно ни е мирно решение“, изјави претседателот на Светската атлетска федерација Себастијан Коу, осврнувајќи се на војната што Русија ја води во Украина од 2022 година. Ништо не се променило, но искрено се надевам дека ќе се промени, и не само за спортистите, бидејќи ситуацијата е незамислива“, додаде Коу.

Русија беше казнета во ноември 2015 година за систематско допингување на своите атлетичари и оттогаш, Светската федерација им дозволи само на одредени руски спортисти да се натпреваруваат на атлетските турнири под неутрално знаме. Целосната забрана за настап на руските и белоруските атлетичари беше воведена откако почна војната во Украина пред три и пол години.