останато

ШК Алкалоид стартуваше со убедлив триумф на стартот на Европскиот клупски куп

Првото коло од Европскиот клупски куп во шах донесе очекуван резултатски расплет, при што најдобро рангираните екипи, меѓу кои е и македонскиот шампион ШК Алкалоид, стартуваше со победа од 5,5:0,5 против Дарданија.

За овој настап на Родос, Грција, екипата имаше две промени во однос на тимот од 2024 година, и тоа на петтата и на шестата табла, каде што настапија Абиманју Пураник и Тони Лазов, при што обајцата имаа успешно деби со освојување цел поен.

Противничкиот тим Дарданија од Косово успеа да даде отпор само на првата табла, каде што беше Арјун Еригаиси.

Од втората до четвртата табла Ји Веи, Јангји Ју и Читамбарам Аравинд донесоа цел поен за Алкалоид. ШК Алкалоид е второрангиран тим според рејтингот и заедно со другите тимови од првата петорка се смета за еден од фаворитите во борбата за медалите.

На турнирот играат 102 екипи, а по првото коло 48 од нив се на делба на првото место со по 2 бода. Во согласност со швајцарскиот систем на натпреварување, во втората рунда ШК Алкалоид ќе игра со домашната екипа Ипотис Родос.


Верстапен ја освои пол-позицијата за ГН на САД

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, го постави најбрзото време во квалификациите за Гран При на САД во Остин. Тој со време 1 минута и 32,51 секунди стигна до пол-позицијата.

Возачот на Мекларен, Ландо Норис, заврши втор (1:32,801), а Шарл Леклер од Ферари заврши трет (1:32,807).

Квалификации за ГН на САД:

  1. Макс Верстапен (Ред Бул) — 1:32.510 минута
  2. Ландо Норис (Мекларен) — 1:32.801
  3. Шарл Леклер (Ферари) — 1:32.807
  4. Џорџ Расел (Мерцедес) — 1:32.826
  5. Луис Хамилтон (Ферари) — 1:32.912
  6. Оскар Пјастри (Мекларен) — 1:33.084
  7. Кими Антонели (Мерцедес) — 1:33.114
  8. Оливер Берман (Хас) — 1:33.139
  9. Карлос Сајнц (Вилијамс) — 1:33.150
  10. Фернандо Алонсо (Астон Мартин) — 1:33:160

Главната трка во Остин е вечер во 21:00 часот по македонско време.


Жештината најголем проблем: Виси иднината на ГН на САД во Формула 1

Раководното тело на Формула 1 ја прогласи претстојната трка за Големата награда на САД на патеката во Тексас за ризична поради високите температури.

ва е втора трка по ред што е прогласена за опасна поради топлината, по трката во Сингапур пред две недели.

Се предвидува дека температурите ќе надминат 31 степен Целзиусов претстојниот викенд во Остин што е индексот на топлина кој Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) го користи за да дефинира потенцијално опасни услови за возачите.

Како и во Сингапур, Ф1 тимовите на саботните квалификации и неделната трка во Остин би можеле да користат систем за ладење на возачите.

Употребата на овие елеци не е задолжителна, но тимовите мора да го вградат системот во своите автомобили за да се осигурат дека возачите кои не ги користат нема да добијат предност со тоа што имаат полесен автомобил.

Трката за ГН на САД на патеката во Остин е на програмата в недела, со почеток во 21:00 часот.


Пливачката Аријарне Титмус замина во пензија на 26 години

Една од најдобрите пливачки на денешницата, Австралијката Аријарне Титмус, изненадувачки објави дека ја завршува кариерата.

25-годишната Титмус освои осум олимписки медали, од кои четири златни, три сребрени и еден бронзен. Исто така таа е четирикратна светска шампионка. Најголемиот успех го постигна во дисциплината 400 метри слободен стил, дисциплина во која е двократна олимписка и светска шампионка, а освои и медали на 200 и 800 метри слободен стил и во штафетните трки 4 x 200 слободен стил.

По Олимписките игри во Париз минатата година, Титмус изјави дека ќе земе една година пауза од натпреварите за да ги „наполни батериите“, па работеше како телевизиски коментатор за време на Светското првенство во Сингапур оваа година.

Сепак, само неколку месеци подоцна, Титмус одлучи да се пензионира.

„Ова е тешка одлука, но сум задоволна. Го сакам пливањето, тоа ми е страст уште од детството, но откако неодамна направив пауза од тренинзите, сфатив дека некои други работи во мојот живот станаа многу важни“, рече Титмус.

Титмус го имаше своето меѓународно деби на Светското првенство во 2019 година во Гвангжу кога ја освои титулата на 400 метри слободно со победа против најтрофејната пливачка на сите времиња, Американката Кејти Ледеки.

Нивното соперништво траеше до Игрите во Париз, каде што Титмус ја одбрани титулата олимписки победник во истата дисциплина во финалето, кое беше наречено „трка на векот“ бидејќи нејзини сопернички беа канадската сензација Самер Мекинтош, која освои сребро, и Ледеки, која мораше да се задоволи со бронза.

Покрај бројните освоени медали, Титмус е и актуелна светски рекордерка на 200 метри слободно со време од 1:52,23.


Мото ГП го казни Марко Бецеки

По речиси две недели оо контроверзниот инцидент на Големата награда на Индонезија, судиите на Мото ГП ја донесоа конечната одлука да го казнат возачот на Априлија, Марко Бецеки.

Марко Бечеки е казнет со двоен долг круг, кој ќе мора да го одработи на неделната трка на Големата награда на Австралија.

Станува збор за судирот што се случи во седмата кривина, во првиот круг од трката на патеката „Мандалика“, кога Бецеки го собори Марк Маркез. Иако судиите веднаш започнаа истрага, тие не можеа да ја слушнат верзијата на Бецеки за несреќата бидејќи Италијанецот заврши во медицинскиот центар на самата патека.

Затоа, беше одлучено дека одлуката ќе биде донесена по неговото сослушување во Австралија, каде што Бецеки денес ја даде својата изјава.

Судиите се повикаа на членот од правилата, кој се однесува на „дејствија што создаваат опасни ситуации и доведуваат до несреќа“, и истакнаа дека Бецеки е во центарот на вниманието по втор пат оваа сезона поради инцидент.

Тој беше казнет за прв пат во Аргентина поради контакт со Фабио Квартараро.

Веднаш по инцидентот, возачот од Римини ја призна својата грешка и му се извини на Маркез, а потоа двајцата се сретнаа во медицинскиот центар. Маркез подоцна се огласи на социјалните мрежи за да ги повика фановите да не го обвинуваат Италијанецот, велејќи дека ваквите ситуации се дел од спортот.


Михаил Стојковски шампион во Европскиот Алпе Адриа мото-шампионат

Еден од најмладите возачи на МК Ендуро Тим Водно од Скопје, Михаил Стојковски (14 години) е освојувач на шампионската титула во еден од најпрестижните мото шампионати ,,Алпе Адриа Мотокрос шампионат,,

По три извозени трки (БиХ, Хрватска и Србија),во конкуренција од 21 возач во класата MX85 Михаил Стојковски успеа да освои највеќе поени и со тоа да ја обезбеди титулата шампион за 2025 година во класата MX85 што е огромен успех за нашата земја и клубот за кој настапува МК Ендуро Тим Водно Скопје.

Михаил веќе шест години е активен мотокрос возач. Минатата 2024 година е државен шампион во класата MX85 ,а оваа година со освојувањето на Алпе Адриа шампионската титула може да се издвои како единствен возач од нашата земја кој ја има освоено оваа титула.


Алкалоид го задржа ростерот на играчи, а со тоа и високите амбиции за Европскиот клупски куп во шах!

Еден од најважните шаховски настани во текот на годината е Европскиот клупски куп, турнир кој традиционално се одржува кон крајот на сезоната, но кој претставува епицентар на шаховските збиднувања поради интересот кој го побудува и квалитетот што го нуди. Популарно наречен шаховска верзија на Лигата на шампионите, ЕКК секоја година го собира кремот, но не само од Европа.

Шаховскиот клуб Алкалоид неколку децении го гради својот имиџ доминирајќи на домашно тло, а веќе има и повеќедецениска традиција на учество на ЕКК, при што во три наврати беше освојувач на медали: во 2016 година беше шампион на Европа, а во 2017 и во 2024 година вицешампион. Евидентно и јасно видливо е управувањето и водењето на клубот од најдобрата македонска компанија „Алкалоид“ АД со пресликување на корпоративните искуства и знаења во клубот.

Оваа година на грчкиот остров Родос ќе се игра јубилејното 40-то издание на главниот/отворен ЕКК (може да учествуваат машки, мешани и женски тимови), на кое е пријавен и Алкалоид, а паралелно ќе се игра и 29-тото издание на женскиот ЕКК (учествуваат само женски тимови). Според објавените состави, оваа година конкуренцијата за највисок пласман на ЕКК е најсилна во последните 10-ина години. Пет тимови се издвојуваат според просечниот рејтинг на играчите од својот тим, притоа со повеќе од 2700 се BayeganPendik (Турција) и Алкалоид, а веднаш до нив со просечен рејтинг над 2600 се SuperChess (Романија), Novy Bor (Чешка) и Tuxera (Унгарија). Фактор повеќе е што оваа година има рекорден број на учесници од 101 тим (односно од 20 тимови кај дамите).

Во тимот на ШК Алкалоид има само две измени, односно:

– во составот ќе настапат индиските велемајстори Arjun Erigaisi (2797), Chithambaram Aravindh (2711) и Abhimanyu Puranik (2615); кинеските велемајстори Yi Wei (2754) и Yangyi Yu (2720); српските велемајстори Aleksandar Inđić (2618) и Velimir Ivić (2628), како и македонскиот интернационален мајстор Тони Лазов (2382);
– Erigaisi i Wei се во топ 10 од светската елита, Yu и Aravindh во топ 30, додека, пак, Inđić, Ivić и Puranik во септември беа во топ 100;
– Yu има фантастичен настап за Алкалоид на ЕКК со освоени пет медали (три злата и две бронзи) за резултатот на својата табла, додека, пак, на своите први настапи минатата година за Алкалоид Erigaisi на првата табла освои злато, а, пак, Aravindh на четвртата табла бронза;
– српските велемајстори како репрезентативци на Србија ја освоија европската шампионска титула во 2023 г., а Inđić следната година стана европски шампион во поединечна конкуренција. За Алкалоид настапуваа и на екипните државни првенства во 2021 (Inđić), односно во 2023 (Ivić) година. Првпат за алкалоидовата екипа на ова најсилно европско клупско натпреварување ќе настапат Puranik и Лазов, објаснува капитенот на тимот, велемајсторот Влатко Богдановски.


Хозе Алдо означи крај на кариерата

Еден од најголемите ММА борци на сите времиња, 39-годишниот Бразилец Хозе Алдо, го потврди своето пензионирање од спортот вторпат, и тоа го направи во исклучително емотивен момент пред својата домашна публика.

„Кралот на Рио“, како што беше официјално наречен, не можеше да избере подобро место за да се збогува со својата неверојатна кариера, и тоа го направи на настан на UFC во Рио де Жанеиро.

Во преполната Фармаси арена, поранешниот шампион доби шанса да се збогува на вистински начин, откако неговото последно враќање во кафезот не ги донесе посакуваните резултати.

Минатата година беше поразен од Марио Баутиста на УФЦ 307, а во мај оваа година, по проблемите со намалувањето на тежината за бантам категоријата, загуби од Ајеман Захаби на УФЦ 315.


Суспензија за Конор Мекгрегор

Поранешниот шампион во мешани боречки вештини на УФЦ, Конор Мекгрегор, беше суспендиран на 18 месеци поради кршење на антидопинг правилата. Ирецот пропуштил три допинг тестови.

Телото за антидопинг на боречките спортови соопшти дека иако Мекгрегор не бил достапен, тој се опоравувал од повреда и не се подготвувал за претстојната борба.

„Мекгрегор целосно соработуваше со истрагата, ја прифати одговорноста и обезбеди детални информации за кои утврдивме дека придонеле за пропуштените тестови.

Како резултат на тоа, стандардната казна од 24 месеци беше намалена за шест месеци“, се вели во соопштението.


Хамилтон собори рекорд на Михаел Шумахер

По трката во Сингапур, возачот на Ферари Луис Хамилтон успеа да собори рекорд на Михаел Шумахер.

Седумкратниот светски шампион не мина најдобро на трката за Големата награда на Сингапур, но успеа да го собори рекордот на Михаел Шумахер.

Тој успеа да има најбрз круг на трката и така на 16 години во низа успева барем на една трка годишно да има најбрз круг. Досега рекордот беше за Шумахер, кој исто така го постави како возач на Ферари, на почетокот на овој век кога доминираше во формула 1.

Хамилтон на трката во Сингапур беше рангиран на крајот на осмото место.