останато

Нов светски рекорд на Арманд Дуплантис

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис постави нов светски рекорд во скок со стап на отворено.

Најдобриот скокач со стап на денешницата, успеа да го собори сопствениот рекорд кој сега изнесува 6.16 метри. Дуплантис новиот рекорд го забележа пред домашната публика на атлетскиот митинг од Дијамантската лига во Стокхолм.

Претходниот најдобар резултат на Дуплантис изнесуваше 6.15 и беше остварен во март 2020 година.


Пирели го менува дизајнот на предните гуми

Официјалниот добавувач на гуми во Формула 1 – „Пирели“ планира да направи неколку промени во дизајнот на предните гуми за почетокот на сезоната 2023. Нивната цел ќе биде да го елиминираат подуправувањето што го трпат сите болиди од воведувањето на новите правила претходно оваа година.

Најчесто се јавува во бавните свиоци, каде што поголемата тежина на болидите ги прави поинертни, што не им дозволува на возачите да бидат прецизни колку што сакаат. Еден од најголемите критичари на ова е светскиот шампион Макс Верстапен, кој претпочита автомобил со попрецизен преден дел.

Расчистувањето на подуправувањето ќе се врши со зајакнување на конструкцијата на предните гуми, а ќе стане слично на дизајнот на задниот дел.


Колорадо е освојувач на Стенли купот

Тимот на Колорадо Авеланш е шампион на најсилната светска лига во хокеј,НХЛ Лигата. Екипата од Денвер до својата титула дојде после победата во шестиот натпревар од финалето против Тампа Беј со резултат 2:1. Вкупниот резултат во финалната серија на крајот заврши 4:2. 

За екипата на Колорадо ова е прва титула во НХЛ после пауза од 21 година. За најкорисен играч на финалето е прогласен дефанзивецот Кејл Макар, кој е само третиот дефанзивен играч кој ја добил титулата МВП. Во финалната серија тој постигна три гола и четири асистенции.


Алфа Таури се засили со Пјер Гасли

Пјер Гасли следната сезона во Формула 1 ќе вози за Алфа Таури, соопшти денеска вториот тим на Ред Бул. Французинот дебитираше во Формула 1 пред пет години, со вториот тим на компанијата. Веќе во април Гасли изјави дека најверојатно ќе остане во тимот и следната година, а истата изјава ја даде и шефот на Алфа Таури, Франц Тост, за време на трката за ГН на Канада.

Надежите на Гасли да се врати во Ред Бул, каде што помина половина сезона во 2019 година, беа уништени откако тимот потпиша со Серхио Перез на уште две години.

Се уште не е објавено кој ќе биде следниот возач на тимот за следната година, но се очекува тоа да биде актуелниот стартер Јуки Цунода, кој дебитираше во Формула 1 минатата година.


Македонија со 77 спортисти во десет спорта на Медитеранските игри во Алжир

Пред заминувањето на нашите спортисти на Медитеранските игри кои ќе се одржат во Алжир од 25-ти јуни до 5-ти јули, македонската делегација денеска одржа прес-конфернција на која пристуствуваа дел од спортистите кои ќе бидат дел од нашата делегација во Оран, Алжир.

Владимир Богоевски како спортски директор на Олимпискиот комитет образложи со какви очекувања се патува на Медитеранските игри, кои тој ги посочи како добра шанса за македонските спортисти да ги измерат силите со најдобрите од други земји.

„Олимписките игри ни се на прво место, но Медитеранските игри се вид на натпреварувања на кои голем број наши спортисти имаат шанса да ги измерат силите со други натпреварувачи од големи држави. Во нормални услови тие би немале таква можност и затоа Медитеранските игри за нас во Македонија се многу важни“, изјави Владимир Богоевски кој додаде дека македонската делегација ќе брои 114 лица, од кои 77 ќе бидат натпреварувачи.

Македонските учесници ќе се натпреваруваат во 10 спортови (ракомет, одбојка, такевондо, џудо, карате, борење, пливање, атлетика, мечување и стрелаштво), а со најголеми амбиции патува сребрениот од Олимписките игри, таеквондистот Дејан Георгиевски.

„Ова ќе бидат втори Медитерански игри за мене, на минатите го освоив среброто во Шпанија. Сега одам по златото. Ние сме во одлична форма, се подготувваме четири-пет месеци за ова и се надевам дека таму ќе донесеме повеќе медали, не само од таеквондо, туку и во другите спортови. Минатиот пат освоивме шест медали, сега се надевам на повеќе, се надевам над десет. Ги поздравувам сите учесници и им посакувам многу среќа“, изјави Георгиевски.

Македонската спортска делегација вечерва со чартер лет од Скопје заминува за Оран, и ќе остане се до завршувањето на настапите на сите наши спортисти. Македонското знаме на отварањето на Медитеранските игри ќе го носат таеквондистот Дејан Георгиевски и каратистката Симона Заборска.


Верстапен најбрз на трката во Канада

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен е победник на трката за Големата награда за Канада, која е деветта трка во овогодинешниот шампионат на Формула 1.

Верстапеен на патеката „Жил Вилнев“ ја запиша својата шеста победа оваа сезона, а 26-та во кариерата. Како втор на целта пристигна Карлос Саинс од Ферари,а третата позиција му припадна на возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, кој на подиумот застана првпат после првата трка во Бахреин.

Верстапен води во генералниот пласман со 175 бодови, втор е Перес со 129, а трет е Леклер со 126 бода.

Наредната трка во Формула 1 шампионатот се вози за Големата награда на Британија на 3.јули на патеката Силверстон.


Нов државен рекорд на Миа Блажевска-Еминова на 100 метри грбно

Македонската  пливачка, Миа Блажевска-Еминова, успеа да го подобри државниот рекорд на патеката 100 метри грбно.

Таа на Светското првенство во Будимпешта обезбеди време од 1:04,11 со што за речиси 30 стотинки го надмина националниот рекорд кој исто така беше во нејзина сопственост.

Нашата најдобра пливачка на собирот во Унгарија го освои вкупно 30-то место откако во втората квалификациска група дојде до третата позиција.


Луис Хамилтон неизвесен за трката во Канада

Седумкратниот  светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон успеа да го освои четвртото место на трката за Големата награда на Азербејџан. Но и покрај успешната трка Хамилтон е неизвесен за учество на трката која наредната недела ќе се вози во Канада.

Имено, Хамилтон за време на целата трка во Азербејџан чувствувал силни болки во грбот кои што изгледа ќе го спречат неговиот настап во Канада. Тоа го потврдува и првиот човек на Мерцедес, Тото Волф кој изјави дека повредата на Хамилтон изгледа е од посериозна природа.


Луис Хамилтон доби бразилско државјанство

Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, доби почесно државјанство на Бразил. Хамилтон со државјанство се стекна откако тамошниот парламент донесе закон со кој се поздравува и потврдува поврзаноста на Ф1 возачот со Бразил како и неговото високо почитување кон легендарниот Ајритон Сена.

Луис Хамилтон веста за добивањето почесно државјанство на Бразил, ја прими со големо изненадување но и искрена радост.


Голема победа на македонските одбојкари во БиХ

Македонските одбојкари ја обезбедија и третата победа во групата „Б“ во Сребрената Лига  откако беа подобри на гостувањето кај БиХ со убедливи 0-3.

Нашите одиграа одлично во сите три сета и успеаја да ја прекинат серијата од три пораза и да се вратат во игра за врвот на табелата. Утре во нашата група во рамките на 7 коло ќе биде одигран мечот меѓу Романија и Албанија.

Романците се лидери со 11 бодови, Македонија и Албанија имаат по 10 додека БиХ остана на 2 бода.