останато

Фабио Квартараро е победник на мото ГП трката во Барселона

Возачот на Јамаха, Фабио Квартараро е победник на трката во кралската мото класа за Големата награда на Каталонија.

Квартараро од самиот старт имаше убедливо возење со што даде до знаење дека со сигурност ќе издвојува победа во Барселона.

Втор на целта пристигна Хорхе Мартин а третото место на подиумот му припадна на Жоан Зарко.

Следната трка во сезоната е закажана за 19 јуни, а ќе се вози за Големата награда на Германија.


Перез останува во Ред Бул до 2024 година

Возачот на Ред Бул, Серхио Перез го продолжи договорот со Ф1 тимот до 2024 година.

Мексиканецот беше победник на неодамна завршената трка за Големата награда на Монако, која беше негова прва победа сезонава а трета во кариерата. Со тоа Перез стана најдобар мексикански возач на сите времиња.

Серхио Перес вози за Ред Бул од 2021 година. Тој минатата сезона одигра важен дел во освојувањето на шампионската титула на Макс Верстапен.


Серхио Перез од Ред Бул најбрз до целта на трката во Монте Карло

Во спектакуларна трка на Формула 1 која се возеше за Големата награда на Монако, прв на целта стигна возачот на Ред Бул, Серхио Перез. 

Ова беше прва победа за Мексиканецот сезонава, а трета во кариерата. Второто место му припадна на Карлос Сајнц од Ферари, додека на третата позиција се пласира актуелниот светски шампион и член на Ред Бул, Макс Верстапен.

Шарл Леклер од Ферари кој е роден во Монако, пред домашната публика успеа да го освои петтото место, а шести беше Ландо Норис од Мекларен.

Во генералниот пласман, Верстапен ја зголеми предноста и сега има 125 бодови, додека второпласираниот Леклер е на 116 бода. Трет е Перез со 110 бодови. Следната трка е на 12.јуни за Големата награда на Азербејџан.


Еклстон негира дека бил уапсен заради непријавен пиштол

Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстон, тврди дека не бил уапсен во Бразил и покрај тоа што во неговиот багаж бил пронајден непријавен пиштол.

Бразилската полиција соопшти дека Еклстоун бил уапсен во средата вечерта на аеродромот во Кампинас, бидејќи во неговиот багаж било скенирано огнено оружје.

„Никогаш не сум бил уапсен. Тоа беше мал глупав инцидент. Немам публицитет во последно време и мислев дека треба да направам нешто за да го добијам“, рече поранешниот прв човек на Ф1, кој потврди дека морал да плати кауција од 6.060 реали (1.260 долари) пред да му биде дозволено да замине од Бразил.

„Тие сакаа да платам за тоа во локална валута, која никогаш не ја имав. Потоа се случи уште една драма во обид да најдам пари. Ја напуштав земјата, немав локални пари. Тоа беше вистинска драма, непотребна, без причина“, додаде тој.


Њујорк сака трка од формула 1 шампионатот

Помалку од десет години по целосниот неуспех на плановите на Берни Еклстон за Формула 1 трка во Њујорк, Големото јаболко уште еднаш ја изрази својата желба да прифати трка од шампионатот. Ова го потврди извршниот директор на Либерти Медиа, Грег Мафеи, кој исто така рече дека во моментов не се планира четврта трка во САД.

Откако ги купи комерцијалните права за спортот кон крајот на 2016 година, Либерти Медиа почна да ја проширува својата географија, главно со натпревари во или во близина на големите градови. Дел од тоа проширување е додавањето на старт во Мајами, кој дебитираше пред две недели, и оној во Лас Вегас, кој ќе дебитира следната година.

Со нив, САД ќе организираат вкупно три старта годишно најмалку три години, а овој бум на интерес за Формула 1 во странство главно се должи на серијата на Netflix – Drive to Survive. Желбата на Њујорк да биде домаќин на трка во Формула 1 доаѓа директно од администрацијата на новоизбраниот градоначалник, Ерик Адамс.


Зузана Хејнова означи крај на богата кариера

Чешката атлетичарка, Зузана Хејнова, која е двократната светска шампионка на 400 метри со пречки, најави дека се повлекува од  атлетиката бидејќи е бремена. Таа во изминатите две години имаше проблеми со повредите и последен пат се појави на атлетската патека во септември 2020 година.

„Зад мене е одлична кариера,  сега се радувам на новата улога во животот“, потенцираше 35-годишната атлетичарка.

Хејнова има злато од СП во Москва (2013 година) и во Пекинг (2015). Таа на Олимпијадата 2012 во Лондон се накити со бронзениот медал.


Формула 1: Без замена за трката во Русија

Водечките луѓе на Светската автомобилска федерација, потврдија дека оваа година нема да има замена за Големата награда на Русија во Сочи. 

Оваа потврда значи дека сезонава Формула 1 шампионатот ќе има вкупно 22 трки.

Во февруари годинава беше донесена одлуката за исфрлање на Сочи од календарот на трки во Ф1, поради рускиот напад на Украина. Постоеше можност за замена на домаќинот на трката, но се      испостави дека никој не е спремен да биде замена за Сочи.

„Оваа година остануваме на 22 трки. Нема да има дополнителна трка во календарот за сезонава“, стои во соопштението на Формула 1.

Овогодинешниот шампионат продолжува со трката за Големата награда на Шпанија, кое на програмата е овој викенд.


Словенија и Унгарија ќе ја менуваат Русија како организатор на СП во хокеј на мраз

Унгарија и Словенија поднесоа заедничка кандидатура за домаќини на Светското првенство во 2023 година, кое првично требаше да се одржи во Санкт Петербург, соопшти Меѓународната федерација за хокеј на мраз.

Кон крајот на април и беше одземено правото на Русија да биде домаќин на Светското првенство догодина кое беше закажано за терминот од 5-21 мај. Унгарија и Словенија никогаш не биле домаќини на Светското првенство во хокеј на мраз во највисоката дивизија.

Нивната заедничка кандидатура доаѓа откако двете земји добија право на настап во елитната дивизија во 2023 година.


Холандски Апелдорн домаќин на следниот Европски шампионат во атлетика во сала

Европската атлетска асоцијација реши домаќин на  континенталниот шампионат во сала што ќе одржи во 2025 година да биде холандскиот град Апелдорн.

Ова е трет пат Холандија да биде организатор на Европско првенство во сала откако претходно најдобрите европски атлетичари за медали се бореа во Ротердам и Хаг, а последниот шампионат поминаа 32 години.

Инаку следното Европско првенство кое е на програмата следната година ќе се одржи во Истанбул.


Филип Панчевски и Моника Стојковска државни шампиони во шах

Вчера во Хотелот „Континентал“ во Скопје заврши Отвореното Првенство на Македонија во шах за 2022. Победник на турнирот и  шампион на Македонија во поединечна конкуренција за сениори е репрезентативецот на Македонија, член на ШК Алкалоид, Филип Панчевски.

Победник на женскиот турнир и шампион на Македонија во поединечна конкуренција за сениорки е репрезентативката, членка на ШК Алкалоид, Моника Стојковска.