останато

Одбојкарите се собраа во Маврово, прозиваше новиот селектор Павличевиќ

Македонската одбојкарска репрезентација, предводена од новиот селектор Ратко Павличевиќ, денес во Маврово ќе го има првиот собир во рамките на подготовките за престојниот старт на Европската сребрена лига 2022.

Павличевиќ на собирот повика 24 одбоjкари, главно оние кои се дел од нашата репрезентација и во последните два циклуса.

На техничарската позиција се повикани Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Ефтим Ричлиев и Давид Стојанов; Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов и Стефан Алексов се на коректорската позиција, на позицијата примач се повикани Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ, Васе Михаилов и новаците Блертон Бафтијари од Шкендија, Ангел Бошков од Универзитет во Тетово и Оливер Куновски од Борец.

Стандардните Филип Маџунков, Ристо Николов, Филип Савовски, Славе Наков и Филип Лепидовски се блокери, а шанса ќе има и за Михајло Мирасчиев од Штип УГД и за Христијан Андоновски од Борец. Дарко Ангеловски и Костадин Ричлиев се повикани на позицијата либеро.


Алонсо ќе остане во Алпин и следната сезона

Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо ќе остане во тимот на Алпин барем уште една сезона, објави италијанската верзија на motorsport.com. Шпанецот има договор до крајот на оваа година, но неодамна прокоментира дека нема намера да се откаже од Формула 1 бидејќи се чувствува добро, не ја изгубил мотивацијата и брзината и сака да се бори со помладите ривали.

„На денот кога мојот соиграч ќе биде 1 секунда побрз од мене, тогаш ќе одлучам дека треба да направам нешто друго, но тоа не е случај во моментов“, изјави Алонсо на „Имола“.

Се уште нема доволно потврдени информации дали Фернандо ќе сака да остане во тимот по крајот на 2023 година и зошто неговиот нов договор ќе биде на само една година, но најверојатно Алонсо сака да види каков напредок ќе има тимот со развојот на шасијата.

Од друга страна, Алпин веќе изјави дека компанијата, како и Рено, немаат намера да се разделат со Алонсо доколку тој реши да ја напушти Формула 1, бидејќи може да им биде многу корисен на Светскиот шампионат во издржливост, каде што програмата на Алпин сè уште зема замав.


Усик и Џошуа ќе ги вкрстат ракавиците на 23 јули

Промоторот, Еди Хорн, објави дека мечот за светска титула во тешка категорија во верзиите ВБА (Светска боксерска асоцијација), ИБФ (Меѓународна боксерска федерација) и ВБО (Светска боксерска организација) меѓу Украинецот, Александар Усик и Британецот, Ентони Џошуа ќе се одржи на 23 јули.

Според него, речиси е сигурно дека мечот ќе биде во земја од Блискиот Исток. Потврда се очекува во наредните денови.

Украинецот има  19 победи во исто толку мечеви додека Џошуа има 26 победи и 2 пораза.


Фјури како непоразен најави крај на кариерата

Тајсон Фјури го нокаутираше Дилијан Вајт во шестата рунда и ја одбрани светската титула.

После оваа борба Фјури најави дека оваа борба во која дојде до 32. победа во кариерата најверојатно е и негова последна.

„Мислам дека тоа е тоа. Најверојатно ова е моето последно појавување во рингот“, изјави Фјури по одбраната на светската титула.

Покрај 32 победи Фјури во кариерата има и едно реми и во пензија заминува непоразен.


Вајт и Фјури спремни за спектаклот на „Вембли“

Боксерите Тајсон Фјури и Дилиен Вајт, во текот на викендот ќе имаат меч на легеднарниот стадион – „Вембли“.

Организаторите во Англија очекуваат  94.000 гледачи што ќе биде рекорд по посетеност на боксерски меч во 21 век. Сегашниот беше поставен во 2017 година кога битката на Британецот, Ентони Џошуа и Украинецот, Владимир Кличко, ја гледаа 88.000 фанови на боксот.

Од претстојниот меч Фјури ќе инкасира 32,8 милиони долари а Вајт 8,2 милиони.


Карлос Саинц потпиша нов договор со Ферари

Формула 1 тимот на Ферари официјално објави дека потпишал нов, двегодишен договор со Карлос Саинц. 

Шпанскиот возач ќе вози за популарната Скудерија до крајот на 2024 година.

„Многу сум среќен што го обновив договорот со Ферари. Отсекогаш сум велел дека нема подобар Формула 1 тим за кој би се натпреварувал. По повеќе од една година со тимот можам да потврдам дека возењето во болидот на Ферари носи уникатно чувство кое не може да се спореди со ништо друго“, изјави Саинц.


Леклер е победник на трката во Мелбурн, Верстапен не стигна до целта

Возачот на Ферари, Шарл Леклер е победник на Ф1 трката за Големата награда на Австралија, која се возеше на патеката во Мелбурн. Ова е втора победа во првите три трки од сезонава за Леклер.

Втор на целта пристигна Серхио Перез од Ред Бул , а трет беше возачот на Мерцедес, Џорџ Расел.

Актуелниот шампион во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен не успеа да ја заврши трката и се откажа во 39.круг.


Алонсо најави дека ќе вози уште 2-3 сезони

Фернандо Алонсо предвидува дека ќе вози уште 2-3 сезони во Формула 1. Шпанецот се врати во Рено и Алпин за сезоната 2021 и потпиша 1-годишен договор, кој, сепак, имаше опција во корист на возачот да биде продолжен до 2022 година и Фернандо ја искористи.

Пред тоа, Фернандо помина 2 години надвор од Формула 1, забележувајќи настапи на релито Дакар, 24 часа Ле Ман и 500 милји Индијанаполис.

Алонсо е најстариот возач во Формула 1 во моментов, но покажа доверба дека може да вози уште 2-3 години во Светското првенство.

„Нема тензија во тимот за да се направи простор за нашиот резервен пилот Оскар Пјастри, но да имав 25, а не 41 година, воопшто немаше да го водиме овој разговор“, објасни Алонсо во Мелбурн. „Годините не се фактор, туку перформансите на патеката. Мислам дека добро помина лани, завршив пред Окон. Да видиме што ќе постигнеме оваа сезона, битката продолжува“.


Македонските одбојкари ќе настапат на Медитеранските игри во Алжир

Македонската одбојкарска репрезентација ќе биде дел од Медитеранските Игри 2022 кои ова лето ќе се одржат во алжирскиот град Оран. Од Одбојкарската федерација на Македонија потврдија дека сениорскиот одбојкарски тим во машка и во женска конкуренција летово ќе биде преставник на нашата земја на овој голем спортски настан.

„И двете селекции ќе настапат на Медитеранските Игри. Ќе одиме со сениорите и во машка и во женска конкуренција. Останува само да се допрецизираат некои работи кај дамите, со оглед на тоа што имаме ЕП за девојки до 19 години, но сигурен е настапот и на двете селекции“, вели генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.

Медитеранските Игри 2022 летово ќе се одржат од 22 јуни до 5 јули оваа година.


Саинц најбрз на слободниот тренинг во Австралија

Карлос Саинц од Ферари беше најбрз на првиот слободен тренинг пред трката за ГН на Австралија во Формула 1 на Алберт Парк во Мелбурн.

На второто место зад него беше неговиот тимски колега и актуелен лидер во генералниот пласман, Шарл Леклер. Трето време оствари Серхио Перез од Ред Бул, а Топ 6 го комплетираа светскиот шампион и тимски колега на Перез, Макс Ферстапен, како и Ландо Норис од Мекларен и Естебан Окон од Алпин. Луис Хамултон денеска беше дури седми.

Четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел, кој ги пропушти првите две трки поради ковид-19, имаше 13-то време.