останато

Ѓоши од Косово победник на Илинденскиот кајак слалом

Лоранд Ѓоши од Косово е победник на традиционалниот Илинденски кајак слалом на Матка. Денеска на патеката на Матка, Ѓоши оствари најдобро време во машка конкуренција, пред нашиот кајакар Ангел Петрушев кој заврши втор. Третото место му припадна на Милош Јевтиќ од Србија.

Во женскиот кајак слалом прва беше Ангела Димова, пред Олгица Мелова.


Фетел се опорави и е подготвен за трката во Мелбурн

Возачот на Ф1 тимот Астон Мартин, Себастијан Фетел, поради корона вирус ги пропушти првите две трки од новата сезона во Формула 1, но сега тој се опорави и е подготвен за настап во Мелбурн на трката за Големата награда на Австралија.

Астон Мартин сеуште е без бодови во новата сезона, а најдобри резултати постигнаа во Саудијска Арабија каде завршија на 12. и 13. позиција.

Трката во Австралија се вози на 10.април на патеката „Мелбурн парк“.


Формула 1 од следната година и во Лас Вегас

Од наредната година, во Соединетите Америкамски Држави ќе се возат дури три трки од Формула 1 шампионатот.

Од Ф1 стигна потврда дека Лас Вегас ќе биде домаќин на ноќна трка која ќе се вози по улиците на овој град.

На порталот на Формула 1 е објавено дека освен Остин и Мајами, и Лас Вегас се вклучува во организација на трка од најбрзиот циркус на светот. Трката ќе се вози во ноември 2023 година, најверојатно во сабота. Ова инаку претставува враќање на Ф1 во Лас Вегас, бидејќи таму веќе се одржуваа трки во 1981 и 1982 година.


Хамилтон: Далеку сме од пласман во врвот

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, има мислење дека неговиот тим е далеку од враќање на врвот од Формула 1 шампионатот.

Британецот, трката за Големата награда на Саудијска Арабија ја започна од 15.позиција, за на крајот да стигне само до 10.место.

„Лично направив се што можев во трката, но мислам дека не успеавме како тим. Мораме да разговараме сите заедно. Пред нас е голема работа. Во моментот не се бориме за врвот, и сме многу далеку од победничките тимови“, истакнува Хамилтон.

Наредната трка во Ф1 сезоната е закажана за 10.април, на патеката „Алберт парк“, за Големата награда на Австралија.


Полицијата пак го приведе Конор МекГрегор

Ирскиот борец Конор Мекгрегор продолжува да прави проблеми, а изминатата вечер тој бил и притворен.

„Индепендет“ објави дека Мекгрегор бил притворен поради насилничко возење, по што полицијата и го конфискувала неговиот автомобил „Бентли Континентал ГТ“ вреден 170.000 евра, подоцна автомобилот му бил вратен.

Полицијата го привела поради дивеење на улиците во Даблин, а од притвор Ирецот излегол со платена кауција. Покрај тоа ќе мора да се појави на суд наредниот месец и може да добие казна од 5.000 евра и шест месеци затвор.


Ферстапен најбрз во Саудијска Арабија

Актуелниот шампион во Формула 1, Макс Ферстапен триумфираше на трката за Големата награда на Саудијска Арабија, во Џеда.

Возачот на Ред Бул, ја запиша првата победа во новата сезона, а 21. во кариерата. Ферстапен победата ја оствари во последните неколку круга, после одличната борба со Шарл Леклер од Ферари кој на целта стигна како втор. Третото место на подиумот го обезбеди другиот возач на Ферари, Карлос Саинс.

Наредната трка во Ф1 шампионатот ќе се вози за Големата награда на Австралија, на 10.април.


Прогласени најдобрите пливачи за 2021 година

Пливачката федерација на Македонија ги прогласи најуспешните пливачи за 2021 година. Според постигнатите резултати во 2021 година за најуспешни беа прогласени следните пливачи во одредени категории:

Најуспешни се следните пливачи:

Најуспешен пливач во Сениорска категорија за 2021 – Мажи

Деркоски Филип П.В.К.Орион

Најуспешен пливач во Сениорска категорија за 2021 – Жени

Крстевска Миа П.В.К.Орион

Најуспешен пливач во Младинска категорија за 2021 – Мажи

Стојановски Андреј ПК Нептун

Најуспешен пливач во Младинска категорија за 2021 – Жени

Дамјанова Софиа ПК Вардар 2018

Најуспешен пливач во Кадетска категорија за 2021 – Мажи

Ѓуретановиќ Никола ПК Вардар 2018

Најуспешен пливач во Кадетска категорија за 2021 – Жени

Милковска Јана ПК Вардар 2018

Најуспешен пливач во категорија Постари пионери за 2021 – Мажи

Ѓуретановиќ Никола ПК Вардар 2018

Најуспешен пливач во категорија Постари пионери за 2021 – Жени

Дамјанова Софиа ПК Вардар 2018

Најуспешен пливач во категорија Помлади пионери за 2021 – Мажи

Герасимовски Василиј П.В.К.Орион

Најуспешен пливач во категорија Помлади пионери за 2021 – Жени

Велкова Емилија ПК Нептун

Најуспешен пливач во Далечинско пливање за 2021 – Мажи

Евгениј Поп Ацев ПК Вардар 2018

Најуспешен тренер за 2021 година – Илија Стојановски П.В.К.Орион


Русија и Белорусија нема да настапат на големите пливачки приредби

Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) ги исфрли руските и белоруските пливачи од Светското првенство поради воената интервенција на Русија во Украина.

ФИНА досега дозволуваше руски и белоруски спортисти да учествуваат како неутрални, без државни симболи, но ја смени одлуката.

„По независна проценка на ризикот, бирото на ФИНА се состана денеска и потврди дека спортистите и официјалните лица од Русија и Белорусија нема да учествуваат (на Светското првенство)“, се вели во соопштението на ФИНА.

Светското првенство во пливање, нуркање, ватерполо и уметничко пливање ќе се одржи во јуни и јули во Унгарија.

Репрезентациите на Германија и Швајцарија неодамна навестија дека можат да го бојкотираат натпреварувањето доколку на Русија и биде дозволено учество.


Уапсен контроверзниот Конор МекГрегор

Конор МекГрегор, ирскиот ММА борец, е уапсен, а неговиот автомобил запленет поради опасно возење.

Според порталот „Ајриш Индепендент“, Мекгрегор бил запрен додека го возел својот „Бентли Континентал“ бидејќи направил неколку прекршоци при возењето. Откако бил приведен, против него е поведена постапка за опасно возење.

„Господинот Мекгрегор возел до теретана кога полицијата го запрела поради прекршување на сообраќајните правила. Ги поминал тестовите за дрога и алкохол, по што бил префрлен во станицата“, изјавила портпаролката на Конор, Карен Кеслер.

Ова не е првпат Мекгрегор да западне во неволја поради возење, бидејќи во 2018 година ја загуби дозволата бидејќи возел 154 километри на час во зона каде што се дозволени 100.

Ирскиот борец се опоравува во својата татковина по скршеницата на ногата која ја доживеа за време на борбата со Дастин Пориер, а неговото враќање во рингот се очекува до крајот на 2022 година.


Руски пливач загуби спонзор заради добриот однос со Владимир Путин

Рускиот пливач, повеќекратниот олимписки шампион Евгениј Рилов, го загуби спонзорскиот договор што го имаше со компанијата „Спидо“ бидејќи минатата недела беше на митинг за поддршка на рускиот претседател Владимир Путин на стадионот „Лужники“ во Москва, пренесува порталот „insidethegames“.

Во истиот текст, овој портал го споменува и списокот на руски спортисти кои присуствувале на митингот, на кој се наоѓа и споменатиот освојувач на два златни медали од претходните Олимписки игри во Токио.

Рилов на митингот на гардеробата ја напиша и буквата „З“, што ја симболизира руската инвазија на Украина. Поради ваквата постапка, Светската пливачка федерација (ФИНА) во соопштението истакна дека е „длабоко разочарана“ од појавувањето на Рилов на митингот и дека ќе спроведе истрага.