останато

Дворкович реизбран за прв човек на ФИДЕ

Русинот Аркадиј Дворкович доби втор последователен мандат на чело на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).   За челното место на ФИДЕ се кандидираа и Украинецот Андриј Баришполетс, Белорусинот Иналбек Шерипов, како и Башар Куати од Франција, кој подоцна ја повлече својата кандидатура. Од 179 делегати на Конгресот на ФИДЕ, кандидатурата на Дворкович ја поддржаа 159 од нив, додека Украинецот Баришполетс доби 16 гласови. Портпаролот на Кремљ и претседател на Извршниот одбор на руската шаховска Федерација Дмитриј Песков реизборот на Дворкович го оцени како потврда за неговата ефикасност во работењето, нарекувајќи ја одлуката на мнозинството делегати на ФИДЕ „добра вест“.


Пјастри место Рикиардо од следната сезона во Мекларен

Австралискиот возач на Мекларен, Даниел Рикиардо е информиран дека резервниот возач на Алпин, Оскар Пјастри ќе го замени следната сезона.

Мекларен потпишал договор со Пјастри на 30 јули за време на Гран При на Унгарија и веќе доби одобрение од Комисијата на ФИА, по што Рикиардо беше известен дека ќе биде сменет следната сезона. Во исто време, самиот возач има право да ја искористи опцијата и да го продолжи договорот за уште една сезона.

Претходно, менаџерот на Алпин, Отмар Зафнауер, коментирајќи ја евентуалната замена на Фернандо Алонсо, го спомена Рикиардо, велејќи дека враќањето на Даниел во францускиот тим не треба да биде проблем.


Австралиски пливачки тренер обвинет за сексуално злоставување

Австралискиот тренер во пливање Дик Кејн се соочи со 11 обвиненија за сексуално злоставување млади пливачки во текот на 70-те години од минатиот век, објавија денеска локалните медиуми.   Обвинувањата се однесуваат на пет девојки, кои Кејн ги тренирал во 70-години од минатиот век, како и за сексуален напад врз жена во 1992 година. 

Кејн беше приведен кон средината на мај, а локалните медиуми наведуваат дека му била одобрена кауција бидејќи боледува од рак во терминална фаза. Почетокот на судскиот процес е закажан за 30 август. Кејн се пензионираше во 2020 година, а во својата кариера тренираше 11 олимписки и светски прваци.


Алонсо од следната сезона во Астон Мартин

Некогашниот двократен светски првак во Формула 1, Шпанецот Фернандо Алонсо, од следната сезона ќе вози за Астон Мартин.

Од британскиот тим соопштуваат дека Алонсо ќе биде замената за Германецот Себастијан Фетел кој одлучи да стави крај на кариерата .

Алонсо сезонава вози за Алпина, но иако има 41 година тој нема намера да престане со својата кариера. Тој досега настапил на 346 Ф1 трки, оствари 32 победи а 98 пати се качувал на подиумот.


Верстапен е победник на трката за Големата награда на Унгарија

Возачот на Ред Бул, Холанѓанецот Макс Верстапен е победник на Ф1 трката за Големата награда на Унгарија, која се возеше на патеката Хунгароринг.

Актуелниот светски шампион во Формула 1, стигна до 28.победа во кариерата, а осми триумф оваа година. Тој трката ја започна од стартната позиција десет, но на крајот успеа да стигне до победата.

Второто место на Хунгароринг му припадна на Луис Хамилтон од Мерцедес, а трет беше неговиот тимски колега Џорџ Расел.

Следна трка во распоредот на Ф1 шампионатот е на 28.август на патеката Спа-Франкошамп во Белгија.


Фетел потврди дека се пензионира од формула 1 спортот

Легендарниот германски возач Себастијан Фетел (35) официјално потврди дека ова му е последна сезона во Формула 1, односно дека ќе се повлече од овој спорт на крајот од тековната натпреварувачка година!

Фетел е една од најголемите легенди на Формула 1 во поновата историја бидејќи четири пати беше шампион со Ред Бул и тоа четири сезони по ред – помеѓу 2009 и 2013 година. Германецот дефинитивно означи нова ера во Формула 1, а заминува по уште една разочарувачка година во болидот на Астон Мартин.

Вреди да се напомене дека во текот на кариерата Фетел оствари дури 53 победи на трките во Формула 1, со што беше трет на вечната листа, веднаш зад Луис Хамилтон (103) и Михаел Шумахер (91), додека на подиумот се искачи вкупно 122 пати.


Јонас Вингегард е победник на Тур де Франс

Велосипедистот на екипата Јумбо Висме, Данецот Јонас Вингегард е победник на овогодинешното издание на Тур де Франс.

Вингегард е првиот Данец кој победил на оваа најпозната велосипедска трка уште од Бјарне Рисе во 1996.година.

Втор во генералниот пласман беше Словенецот Тадеј Погачар а третото место му припадна на Британецот Герајнт Томас.

Белата маица за најдобар млад натпреварувач му припадна на Погачар, а точкестата маица за најдобар искачувач ја доби Вингегард. Зелената маица која се доделува на натпреварувачот со најмногу поени ја доби Белгиецот Ваут ван Арт.

Најдобар тим на трката е Инеос Гренадирс.


Фетел негира трансфер во Мекларен

Четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел ја потврди својата желба да остане во Формула 1 по крајот на тековната сезона, но ги отфрли сугестиите дека би можел да го заземе местото на Даниел Рикиардо во Мекларен.

Договорот на 35-годишниот Германец со Астон Мартин истекува на крајот на 2022 година, а од тимот објавија дека започнале преговори со него и неколку пати изјавија дека сакаат тој да остане со нив.

Веќе преговараме, мислам дека постои јасна намера да продолжиме заедно и наскоро ќе видиме точно каде се нашите позиции“, објасни Фетел на „Пол Рикар“.

Засега немаше индикации дека Фетел бара место во друг тим, но последните денови се шпекулира дека тој би можел да заврши во Мекларен.

„Видете, познавам некои луѓе во Мекларен, но мислам дека тоа се само гласини“, прокоментира Фетел.


Тајсон: Се гледам во огледало и мислам дека ми се ближи крајот

Мајк Тајсон не само што е еден од најдобрите боксери на сите времиња, туку и еден од најдобрите маркетинг експерти во спортот. Тоа беше главно негативен публицитет, но никогаш не ги напушти очите на јавноста. Сега кога си ја отвори душата, се чини дека му е доста од се.

„Челичниот Мајк“ забележа 50 победи во кариерата, од кои 44 со нокаут и ги помести границите на боксот.

Меѓутоа, одвреме-навреме се случува целосно да се отвори и да зборува за работи за кои досега не сме слушнале да размислува.

Тој има 56 години и сега неговиот живот доби нова перспектива. На неговиот подкаст „Hotboxin’ with Mike Tyson“, тој беше домаќин на терапевтот Шон Мекфарланд, кој предизвика некои мрачни мисли од боксерот.

„Сите ќе умреме еден ден. Во последно време често се гледам во огледало и гледам некои точки на лицето што ги немам видено досега. Си велам дека сум при крај, дека многу брзо ќе умрам “, изјави легендарниот Тајсон.


Фјури постави неколку барања за меч со Џошуа

Светскиот боксерски шампион на ВБЦ, Тајсон Фјури, најави дека ќе се врати во рингот против Ентони Џошуа.

Британецот во јуни изјави дека завршил со боксот, но потоа се предомисли и рече дека веднаш ќе потпише договор за борба со Ентони доколку се прифатат неговите услови.

„Мечот треба да се гледа без пари“, напиша Фјури во објавата на Инстаграм. Џошуа ги загуби титулите ВБА, ИБФ и ИБО по поразот од Украинецот Олександр Усик во Лондон во септември.