останато

Алфа Таури се засили со Пјер Гасли

Пјер Гасли следната сезона во Формула 1 ќе вози за Алфа Таури, соопшти денеска вториот тим на Ред Бул. Французинот дебитираше во Формула 1 пред пет години, со вториот тим на компанијата. Веќе во април Гасли изјави дека најверојатно ќе остане во тимот и следната година, а истата изјава ја даде и шефот на Алфа Таури, Франц Тост, за време на трката за ГН на Канада.

Надежите на Гасли да се врати во Ред Бул, каде што помина половина сезона во 2019 година, беа уништени откако тимот потпиша со Серхио Перез на уште две години.

Се уште не е објавено кој ќе биде следниот возач на тимот за следната година, но се очекува тоа да биде актуелниот стартер Јуки Цунода, кој дебитираше во Формула 1 минатата година.


Македонија со 77 спортисти во десет спорта на Медитеранските игри во Алжир

Пред заминувањето на нашите спортисти на Медитеранските игри кои ќе се одржат во Алжир од 25-ти јуни до 5-ти јули, македонската делегација денеска одржа прес-конфернција на која пристуствуваа дел од спортистите кои ќе бидат дел од нашата делегација во Оран, Алжир.

Владимир Богоевски како спортски директор на Олимпискиот комитет образложи со какви очекувања се патува на Медитеранските игри, кои тој ги посочи како добра шанса за македонските спортисти да ги измерат силите со најдобрите од други земји.

„Олимписките игри ни се на прво место, но Медитеранските игри се вид на натпреварувања на кои голем број наши спортисти имаат шанса да ги измерат силите со други натпреварувачи од големи држави. Во нормални услови тие би немале таква можност и затоа Медитеранските игри за нас во Македонија се многу важни“, изјави Владимир Богоевски кој додаде дека македонската делегација ќе брои 114 лица, од кои 77 ќе бидат натпреварувачи.

Македонските учесници ќе се натпреваруваат во 10 спортови (ракомет, одбојка, такевондо, џудо, карате, борење, пливање, атлетика, мечување и стрелаштво), а со најголеми амбиции патува сребрениот од Олимписките игри, таеквондистот Дејан Георгиевски.

„Ова ќе бидат втори Медитерански игри за мене, на минатите го освоив среброто во Шпанија. Сега одам по златото. Ние сме во одлична форма, се подготувваме четири-пет месеци за ова и се надевам дека таму ќе донесеме повеќе медали, не само од таеквондо, туку и во другите спортови. Минатиот пат освоивме шест медали, сега се надевам на повеќе, се надевам над десет. Ги поздравувам сите учесници и им посакувам многу среќа“, изјави Георгиевски.

Македонската спортска делегација вечерва со чартер лет од Скопје заминува за Оран, и ќе остане се до завршувањето на настапите на сите наши спортисти. Македонското знаме на отварањето на Медитеранските игри ќе го носат таеквондистот Дејан Георгиевски и каратистката Симона Заборска.


Верстапен најбрз на трката во Канада

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен е победник на трката за Големата награда за Канада, која е деветта трка во овогодинешниот шампионат на Формула 1.

Верстапеен на патеката „Жил Вилнев“ ја запиша својата шеста победа оваа сезона, а 26-та во кариерата. Како втор на целта пристигна Карлос Саинс од Ферари,а третата позиција му припадна на возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, кој на подиумот застана првпат после првата трка во Бахреин.

Верстапен води во генералниот пласман со 175 бодови, втор е Перес со 129, а трет е Леклер со 126 бода.

Наредната трка во Формула 1 шампионатот се вози за Големата награда на Британија на 3.јули на патеката Силверстон.


Нов државен рекорд на Миа Блажевска-Еминова на 100 метри грбно

Македонската  пливачка, Миа Блажевска-Еминова, успеа да го подобри државниот рекорд на патеката 100 метри грбно.

Таа на Светското првенство во Будимпешта обезбеди време од 1:04,11 со што за речиси 30 стотинки го надмина националниот рекорд кој исто така беше во нејзина сопственост.

Нашата најдобра пливачка на собирот во Унгарија го освои вкупно 30-то место откако во втората квалификациска група дојде до третата позиција.


Луис Хамилтон неизвесен за трката во Канада

Седумкратниот  светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон успеа да го освои четвртото место на трката за Големата награда на Азербејџан. Но и покрај успешната трка Хамилтон е неизвесен за учество на трката која наредната недела ќе се вози во Канада.

Имено, Хамилтон за време на целата трка во Азербејџан чувствувал силни болки во грбот кои што изгледа ќе го спречат неговиот настап во Канада. Тоа го потврдува и првиот човек на Мерцедес, Тото Волф кој изјави дека повредата на Хамилтон изгледа е од посериозна природа.


Луис Хамилтон доби бразилско државјанство

Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, доби почесно државјанство на Бразил. Хамилтон со државјанство се стекна откако тамошниот парламент донесе закон со кој се поздравува и потврдува поврзаноста на Ф1 возачот со Бразил како и неговото високо почитување кон легендарниот Ајритон Сена.

Луис Хамилтон веста за добивањето почесно државјанство на Бразил, ја прими со големо изненадување но и искрена радост.


Голема победа на македонските одбојкари во БиХ

Македонските одбојкари ја обезбедија и третата победа во групата „Б“ во Сребрената Лига  откако беа подобри на гостувањето кај БиХ со убедливи 0-3.

Нашите одиграа одлично во сите три сета и успеаја да ја прекинат серијата од три пораза и да се вратат во игра за врвот на табелата. Утре во нашата група во рамките на 7 коло ќе биде одигран мечот меѓу Романија и Албанија.

Романците се лидери со 11 бодови, Македонија и Албанија имаат по 10 додека БиХ остана на 2 бода.


Фабио Квартараро е победник на мото ГП трката во Барселона

Возачот на Јамаха, Фабио Квартараро е победник на трката во кралската мото класа за Големата награда на Каталонија.

Квартараро од самиот старт имаше убедливо возење со што даде до знаење дека со сигурност ќе издвојува победа во Барселона.

Втор на целта пристигна Хорхе Мартин а третото место на подиумот му припадна на Жоан Зарко.

Следната трка во сезоната е закажана за 19 јуни, а ќе се вози за Големата награда на Германија.


Перез останува во Ред Бул до 2024 година

Возачот на Ред Бул, Серхио Перез го продолжи договорот со Ф1 тимот до 2024 година.

Мексиканецот беше победник на неодамна завршената трка за Големата награда на Монако, која беше негова прва победа сезонава а трета во кариерата. Со тоа Перез стана најдобар мексикански возач на сите времиња.

Серхио Перес вози за Ред Бул од 2021 година. Тој минатата сезона одигра важен дел во освојувањето на шампионската титула на Макс Верстапен.


Серхио Перез од Ред Бул најбрз до целта на трката во Монте Карло

Во спектакуларна трка на Формула 1 која се возеше за Големата награда на Монако, прв на целта стигна возачот на Ред Бул, Серхио Перез. 

Ова беше прва победа за Мексиканецот сезонава, а трета во кариерата. Второто место му припадна на Карлос Сајнц од Ферари, додека на третата позиција се пласира актуелниот светски шампион и член на Ред Бул, Макс Верстапен.

Шарл Леклер од Ферари кој е роден во Монако, пред домашната публика успеа да го освои петтото место, а шести беше Ландо Норис од Мекларен.

Во генералниот пласман, Верстапен ја зголеми предноста и сега има 125 бодови, додека второпласираниот Леклер е на 116 бода. Трет е Перез со 110 бодови. Следната трка е на 12.јуни за Големата награда на Азербејџан.