останато

Македонија ја декласира Данска во Шлагелсе како реванш за струмичкиот пораз

Македонските одбојкари на најдобар можен начин ѝ се реваншираа на Данска за поразот од пред пет дена во Струмица и со идентични 3-0 прокнижија нови бодови во Шлагелсе во рамките на ЦЕВ Сребрената европска лига. Во дуелот од четвртото коло во групата А , Македонија освои нови бодови со што нашите одбојкари покажаа дека може квалитетно да одиграат и на гостински терен и да слават на убедлив начин. Првиот сет беше изедначен, Македонија сепак успеа да го добие со 25-23. Во вториот сет Македонија направи добра серија и успеа да се одлепи и предноста да ја зголемува за највисоките 25-17). Одличната игра ја продолжија и во третиот сет кој го добија со 25-21.


Љафтов: Одиме на Европско да го покажеме најдоброто од нас

Ждрепката ги одреди ривалите на македонската одбојкарска репрезентација на претстојното Европско првенство, а македонските одбојкари посочија дека групата нуди можност да се создадат добра игра и позитивни резултати.

За потсетување, Македонската селекција за противници ги доби домаќинот Финска, како и селекциите на Русија, Холандија, Турција и Шпанија.

„Групата не е толку лесна, но не е ниту многу тешка. Ние втор пат ќе играме на едно ЕП и сега ќе бидеме поискусни. Противниците ни се познати и ни преостанува добро да се подготвиме за нив. Како и на претходното, ние и на ова ЕП одиме да се бориме и да го покажеме најдобро од Македонија во одбојка.“ – истакна репрезентативецот Александар Љафтов.

Нашите одбојкари до недела инаку го играат вториот дел од групната фаза во Европската сребрена лига против Данска, Израел и Кипар.


Јапонците сакаат Олимписки игри без гледачи на трибините

Летните Олимписки игри (ОИ) во Токио да се одржат без присуство на публика поради влошената епидемиолошка состојба со коронавирус во земјата, побара денеска јапонскиот Синдикат на лекари.

Десет јапонски региони, вклучувајќи ја и престолнината Токио, се во вонредна состојба поради растот на новозаразени со ковид-19, а очекувањата се дека јапонската Влада утре ќе објави ново продолжување на рестриктивните мерки.

Лекарскиот Синдикат на Токио, кој има над 20.000 членови, не побара откажување на Олимпијадата, но првиот човек на здружението рече дека „организирање на Игрите без гледачи е минимум неопходна мерка“.

Организаторите веќе забранија гледачи од странство, додека одлуката за евентуална дозвола за домашна публика ќе биде позната во јуни, еден месец пред Олимпијадата закажана од 23 јули до 8 август.

Лекарите ја повикаа јапонската Влада веднаш да преземе поостри мерки во сузбивањето на коронавирусот, оценувајќи дека тоа е „последна шанса“ заразата да се стави под контрола пред стартот на Игрите во Токио.


Одбојкарите добија група во Тампере, со Русија и Турција како ривали

Македонската одбојкарска репрезентација на Европското првенство ќе биде во групата Ц во финскиот град Тампере заедно со домаќинот, потоа Русија, Турција, Холандија и Шпанија.

Во групата А во Краков покрај домаќинот Полска се најдоа и Белгија, Србија, Украина, Грција и Португалија. Во групата Б во Острава ќе бидат домашната селекција на Чешка, Италија, Словенија, Бугарија, Белорусија и Црна Гора. Групата Д во Талин во Естонија ја сочинуваат домаќинот, Летонија, Франција, Германија, Словачка и Хрватска.

Европското првенство ќе се реализира годинава од 1 до 19 септември.


Хамилтон: Формула 1 стана спорт за татини синови

Луис Хамилтон отворено зборуваше против се повеќе примери на богати татини синови кои добиле шанса да се натпреваруваат во Формула 1. Најновиот пример е Никита Мазепин чиј татко е главен спонзор на Хаас, а како главен услов му бил неговиот син да има место во еден од болидите. Младиот Русин, барем за сега, се покажа како промашување. Во првата трка сезонава излета во првиот круг, а во останатите три трки резултатите му беа катастрофални. Освен него, во Формула 1 се Ленс Строл и Николас Латифи, кои исто така не би биле на стазата доколку не биле нивните пребогати татковци. „Во иднина мора нешто да се промени во Формула 1, да биде подостапна за луѓето како мене. Овој спорт стана клуб за синовите на милијардерите, а тоа не беше така кога јас започнував. Нема никакви шанси со обични, работнички родители денеска да се пробиеш во Формула 1. Сите останати имаат толку многу пари што со тоа не можете да се носите“, рече Хамилтон.


Македонија го преслуша Кипар на отворањето на Сребрената лига

Одбојкарската репрезентација на Македонија со победа ги започна натпреварите од Сребрената европска лига откако убедливо го совлада Кипар со 3-0 во сетови (25-21, 25-21, 25-21), на натпревар кој беше одигран во салата „Парк“ во Струмица.
Нашата репрезентација ги доби сите три сета со идентичен резултат, а гостите од Кипар имаа сила да се спротистават на Македонија само во првите два сета, додека во третиот се виде разликата во квалитет и Македонија со рутинирана игра го однесе натпреварот кон крај.
Најдобар поентер кај нашата репрезентација беше Никола Ѓорѓиев со 19 поени, додека Љафтов имаше 12, а Милев и Николов завршија со седум односно пет. Вториот натпревар Македонија го игра против Израел и е закажан за утре (сабота) со почеток од 20:00 часот. Претходно, ќе се соочат Данска и Кипар, селекцијата на данска е фаворит откако денес ја совлада репрезентацијата на Израел со 3-2.


Натпреварувачи од шест земји на 52. Илинденски кајак слалом

Претстојното 52-ро издание на традиционалниот Илинденски кајак слалом ИКАС 2021 оваа година повторно се најде на Календарот на Светската и Европската кајак федерација и ќе се одржи престојниот викенд.
„Како и во изминатите 51 изданија така и оваа година најпрво натпреварот беше закажан во својот стандарден термин во перидот од 5 до 11 април 2021. Земајќи ја во предвид моменталната состојба со ширењето на ковид-19 во нашата држава во предвидениот период за натпреварот и рестриктивните мерки кои беа воведени на територијата на целата наша држава, како организатори заедно со Градскиот кајакарски сојуз бевме приморани да го одложиме и презакажеме натпреварот за нов термин 22 и 23 мај. Во овој момент би сакале да Ве известиме дека 52-риот Традиционален Меѓународен Илинденски кајак слалом ИКАС 2021 и официјално ќе се оддржи во новиот предвиден термин за оваа година и тоа на 22 и 23 мај во СРЦ „Матка-Скопје“, велат организаторите.
Годинава на ИКАС ќе пристигнат натпреварувачи од неколкуте пријавени држави и тоа Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Хрватска и Турција.


Дилета објави видео од своите тренинзи, еве како изгледа! (видео)

Дилета Леота е позната како една од најубавите спортски новинарки на светот, а неодамна повторно стана тема на разговор кога на социјалните мрежи објави видео од своите тренинзи.
Италијанската новинарка неретко на социјалните мрежи објавува атрактивни фотографии, а на Инстаграм има скоро осум милиони следачи. Еве како изгледаат нејзините тренинзи:

https://twitter.com/dea_channel/status/1395109697548689411

Георгиевски ќе биде македонски знаменосец во Токио

Македонскиот таеквондист, Дејан Георгиевски, ќе биде знаменосец на Македонскиот олимписки тим на Олимписките игри во Токио кои ќе се одржат годинава од 23 јули до 8 август. Оваа информација ја пренесе тренерот на таеквондо клубот „Бутел“, Дарко Костовски, на својот фејсбук профил. „Денеска е ден на Македонското знаме! Почитувани, со посебно задоволство сакам да ве известам дека нашиот олимпиец Дејан Георгиевски ќе биде знаменосец на Македонскиот олимписки тим на олимписките игри во Токио“, вели Костовски. Георгиевски минатата недела на квалификацискиот турнир во Софијa ја обезбеди олимписката норма за настап на ЛОИ во токио победувајќи го актуелниот олимписки шампион Радик Исаев од Азербејџан.


Први проблеми за Ф1 караванот!

Трката за Големата награда на Турција во шампионатот на Формула 1 е откажана поради пандемијата на коронавирусот.
Тркачкиот викенд од 11. до 13. јуни, кога беше планирано одржувањето на натпреварот во Турција ќе биде слободен, додека Големата награда на Франција ќе се вози една недела порано, од 18. до 20. јуни, пренесува шампионатот.
Новата трка која е додадена во календарот е Големата награда на Штајер од 25. до 27. јуни, а недела дена подоцна на истата стаза „Спилберг“ ќе се вози и за Големата награда на Австрија (2. до 4. јули).
Спилберг и минатата година беше домаќин на два викенди во јуни, а по овие промени останува истиот број на трки во Формула 1 шампионатот, 23.