останато

БК Вардар единствен македонски претставник во регионалната лига во бокс

Во Сараево денеска беше официјализирана регионалната лига во бокс со учество на осум клубови од Македонија, Србија, Хрватска, Бих, Црна Гора и Словенија.
Македонија ќе ја претставува БК Вардар, нашиот тим е во група со Лозница (Србија), Железничар (БиХ) и Црногорски Соколи (Црна Гора)
Во првото коло кон крајот на мај, Вардар ќе ја пречека Лозница во Скопје додека Железничар е домаќин на Црногорски Соколи.
Во групата Б ќе бидат: Црвена Ѕвезда, Марибор, Хрватски Витези и Радник. Претседателот на БФМ, Примислав Димовски, изјави дека е ова голем проект, со огромно значење за регионот и особено македонскиот бокс.


Руските атлетичари со нов допинг скандал

Поранешните олимписки шампиони, руските атлетичари Андреј Силнов и Наталија Антјух се суспендирани на четири години поради допинг, соопшти Судот за спортска арбитража (CAS) со седиште во Лозана.
Силнов и Антјух беа обвинети за користење или обид за користење забранети супстанци или методи, а обвинувањата произлегоа од истрагата што Светската антидопинг агенција (WADA) ја отвори против Русија во 2016 година.
Силнов го освои златниот медал во скок во вис со 2008 година на Игрите во Пекинг, додека Антјух победи на Игрите во Лондон во 2012 година во дисциплината 400 метри со пречки.
Како што е соопштено, Силнов и Антјух ќе ги задржат сите освоени медали. Тие не се натпреваруваат од 2016 година, а Силнов беше потпретседател на Атлетската федерација на Русија до 2019 година кога поднесе оставка поради истрагата на судот во Лозана.
Осумгодишна суспензија доби носителката на сребрениот медал од Светското првенство во сала во 2006 година на 1.500 метри Елена Соболева, додека четиригодишна казна и е изречена на руската атлетичарка во фрлање кладиво Оксана Кондратева, која е дисквалификувана од петтото место на Светското првенство во 2013 година.


Северна Кореја го откажа учеството на Олимписките игри

Северна Кореја нема да настапува на Олимписките игри оваа година во Токио. Одлуката е конечна и промени нема да има. „Олимпискиот одбор на Северна Кореја одлучи да не учествува на Олимписките игри за да ги заштите спортистите од глобалната здравствена криза предизвикана од коронавирусот“, соопштија од оваа земја. Интересно е што Северна Кореја во овој момент е земја во која нема ниту еден позитивен случај на ковид-19.


Мото ГП: Триумф на Вињалес во Катар, Роси дури 12

Возачот на Јамаха, Маверик Вињалес победи на првата трка на сезоната во Мото ГП шампионатот, за Големата награда на Катар.
Вињалес до деветтата победа во кариерата во Мото ГП дојде со резултат 42:28,663 минути.
Втор низ целта помина возачот на Дукати, Јохан Зарко со 1,092 секунди заостанување, додека трет беше Франческо Бањај од Дукати со 1,129 секунди заостанување.
Актуелниот светски шампион, Џоан Мир од Сузуки го зазеде четвртото место, а петти беше возачот на Јамаха, Фабио Квартараро.
Возачот на Јамаха, Валентино Роси трката ја заврши на 12. место, со 10,742 секунди заостанување.
Наредната трка во шампионатот се вози на 4. април за Големата награда на Доха.


Хамилтон го откри рецептот за победа во Бахреин

Седумкратниот светски шампион на Формула 1, возачот на Мерцедес Луис Хамилтон рече дека трката во Бахреин, на која победи во неизвесна завршница, беше една од најтешките негови трки во последниот период.
„Колку тешка беше оваа трка. Моравме порано во боксот, знаевме дека ќе биде тешко, но моравме да го „покриеме“ Макс Верстапен. Тие во текот на целиот викенд беа сјајни и ни беше потребно нешто посебно. За време на последното заминување во боксот се обидовме да пронајдеме рамнотежа, да не форсираме многу, како би го сочувале гумите за завршницата.“ – изјави Хамилтон.
Тој победи во Бахреин на првата трка од овогодинешниот шампионат и ја оствари 96. победа во кариерата. Тоа е прва победа на Хамилтон во првата трка од сезоната после шест години.
„Беше тешко, Макс беше насекаде околу мене во завршницата, но едвај успеав да се одбранам. Ова беше една од најтешките трки во последно време. Макс беше навистина добар, уживам во предизвикот.“ – наведе седумкратниот шампион.
Наредната трка се вози на 18. април во Италија.


Кобајаши на Планица „леташе“ 244,5 метри

Јапонецот Рјоју Кобајаши е победник на натпреварот од Светскиот куп во ски скокови одржан во словенечка Планица. Кобајаши до својата 19. победа во Светскиот куп стигна со скокови од 235,5 и 244,5 метри, освојувајќи 452,5 бодови. Второто место го зазеде Маркус Ајзенбихлер со скокови од 232,5 и 238,5 метри, односно 445,1 бод, додека трет беше Карл Гајгер со скокови од 224,5 и 238 метри, освоени вкупно 431,3 бодови. Освојувачот на Големиот кристален глобус за оваа сезона, Халвор Егнер Гранеруд не успеа да се пласира во втората серија, скокајќи само 199,5 метри во првата, што беше доволно за 37. место. Натпреварот во Планица го одбележа и падот на поранешниот светски шампион, Даниел Андре Танде во пробната серија. Тој падна од голема висина, па набрзо со хеликоптер беше пренесен во болница во Љубљана, додека ФИС соопшти дека неговата состојба е стабилна. До крајот на Светскиот куп останаа уште два натпревари во Планица.


Олимпискиот факел тргна кон Токио

Олимпискиот факел е на пат низ Јапонија. Од 23. јули до 8. август ќе се одржи одложениот од минатата година најголем собир на спортистите на планетата. Штафетата со огнот стартуваше од Фукушима на стадионот „Џ-Вилиџ“. Прв кој го носеше олимпискиот факел беше фудбалерот Азуса Ивашимизу, тој играше за репрезентацијата на Јапонија од 2006. до 2016. година. Факелот за 121 ден ќе помине низ 859 населени места во сите 47 префектури на Јапонија и ќе трае до денот на отворањето на Олимписките игри – 23 јули.


Откажан атлетскиот митинг во Најроби

Атлетската федерација на Кенија соопшти дека ги одложува квалификациите за Светското првенство за штафети кое треба да се реализира на 1 и 2 мај во Полска.
Во специјалната објава не се прецизира причината за одложување на квалификациите кои требаше да се реализираат во текот на викендот на стадионот Нијајо во Најроби.
На истите требаше да учествуваат и атлетичари од Боцвана, Јужна Африка, Нигерија, Етиопија, Уганда и Танзанија се со цел да им се овозможи на поголем број земји да ги исполнат нормите за учество на Светското првенство во Полска.


Потврден датумот и местото за борбата на Тајсон и Холифилд

Долго очекуваниот повратнички меч помеѓу Мајк Тајсон и Евандер Холифилд сепак ќе се одржи. Таа вест ја потврди Тајсон како би ги прекинал шпекулациите дека до борба сепак нема да дојде, односно дека преговорите пропаднале.
Тоа ќе биде трет меч на овие две боксерски икони. Холифилд победи во првиот меч во 1996. година, а година дена подоцна се случи еден од најпознатите моменти во историјата на спортот, кога Тајсон во еден момент му одгриза дел од увото на Холифилд и автоматски доби дисквалификација.
Иако и двајцата „дебело“ се влезени во шестата деценија од животот, боксерскиот свет бара меч на двајцата ривали кои ја одбележаа историјата на овој спорт.
Разговорите помеѓу двата табори околу повеќемилионската борба се водеа долго, а Тајсон потврди дека борбата во Мајами ќе се одржи на 29. мај.


Мекларен потпиша договор со 13-годишен картинг возач

Екипата на Мекларен од Формула 1 потпиша договор со 13-годишниот возач на картинг, Уго Угочукву. Како што пренесува Би-Би-Си, Мекларен ќе го поддржи младиот американски возач во текот на учеството во јуниорските категории. Мекларен наведе дека овој повеќегодишен договор дава можност со Угочукву во иднина да се потпише и тркачки договор. Тоа значи дека Американецот во иднина би можел да вози во Формула 1 или во други категории. „Со голем интерес го следиме напредокот на Уго, па кога излезе можност за потпишување на договор, немаше двоумење.“ – вели извршниот директор на Мекларен, Зек Браун. Мекларен, како и многу екипи во Формула 1, има програма за млади возачи. Најуспешен од таа програма е Луис Хамилтон, кој своевремено како 13-годишен потпиша договор со Мекларен. Угочукву, чија мајка е Нигеријка, а татко Американец, минатата година го освои јуниорскиот шампионат на ФИА, а годинава премина во сениорска категорија. Во Формула 1 нема американски возач уште од Александар Роси, кој возеше пет трки за Маруси во 2015. година.