тенис

Наскоро врвен тенис ќе се игра на „Сантијаго Бернабеу“

Стадионот „Сантијаго Бернабеу“ наскоро ќе добие сосема ново лице, а наместо фудбал, таму ќе се тренира тенис, и тоа пред Мастерсот во Мадрид.

Челниците на Реал Мадрид решија да го искористат периодот во кој првиот тим нема да игра дома и да го претворат стадионот во привремен центар за тренинг на земјена подлога за врвни тенисери.

На крајот на април, „Кралевски клуб“ ќе има три поврзани гостувања, па стадионот ќе остане неискористен неколку дена по дуелот со Алавес.

Наместо просторот да зјае празен, донесена е одлука да се создаде ексклузивна база за подготовка на учесниците на еден од најголемите турнири на земјена подлога. Самите натпревари нема да се играат на „Бернабеу“.

Главниот дел од турнирот сè уште останува резервиран за „Каха Магика“, која, како и досега, ќе биде домаќин на сите АТП и ВТА натпревари од 22 април до 3 мај.

Новите терени на „Бернабеу“ ќе се користат исклучиво за тренинг, а ќе им обезбедат на играчите помирни и полуксузни услови во споредба со стандардните терени во комплексот „Каха Магика“, кои често се преоптоварени за време на турнирите.

Овој потег дополнително ја потврдува трансформацијата на стадионот по неодамнешното реновирање, кое му даде на Реал Мадрид мултифункционален објект способен да биде домаќин на разни големи настани – од спортски спектакли до други масовни настани, со одредени ограничувања кога станува збор за концерти.


Лина Ѓорческа поразена на првиот меч по враќањето од повредата

Лина Ѓорчевска го загуби првиот натпревар по враќањето од повредата.

Лина беше поразена со 2-0 против тенисерката Лејре Ромеро Гормаз и така го заврши својот настап уште во првата рунда од челенџер турнирот од серијата 125 кој се одигра во Дубровник.

Ѓорческа загуби со идентичен резултат во двата сета и успеа да освои по три гема во секој сет (6-3, 6-3).

За нашата тенисерка ова беше прв настап по пауза од речиси месец и половина.

Таа доживеа повреда на полуфиналето од турнирот во Порто и одлучи да се повлече се додека повредата не се санира.


Сензација во Мајами, Корда го исфрли Алкараз

Тенисерот број еден во светот, Карлос Алкараз, доживеа шокантен пораз во третото коло од Мастерсот во Мајами.

Карлос Алкараз беше запрен од Себастијан Корда во меч кој траеше два часа и 20 минути, а заврши со резултат 2-1 за Американецот – 6:3, 5:7, 6:4.

За Корда, моментално рангиран на 36-то место во светот, ова е втора победа во кариерата над Алкараз, а резултатот меѓу нив сега е 4-2 за Шпанецот.


Сабаленка со рутинска победа го започна Мастерсот во Мајами

Најдобрата светска тенисерка, Белорусинката Арина Сабаленка со победа стартуваше на ВТА турнирот од серијата 1000 во Мајами на кој ја брани титулата.

Сабаленка го почна настапот во Мајами со триумф денеска над Американката Еми Ли со 2-0 во сетови 7-6(5), 6-4 за 1 час и 42 минути игра.

Противничка на Сабаленка во следното коло ќе биде уште една домашна тенисерка, Кејти Мекнали, која со 2-1 во сетови ја совлада Ксинју Ванг од Кина.

Сабаленка допатува во Мајами во обид да стане само петтата тенисерка во историјата која успеала да триумфираа на овој турнир две години по ред.


Сабаленка најави бојкот на турнирот во Дубаи

Изјавата на организаторите на ВТА турнирот во Дубаи ја разлути најдобрата тенисерка во светот Арина Сабаленка. Белорусинката пристигна во Мајами подготвена, по Индијан Велс, да се бори за уште една Мастерс титула.

Таа одржа конференција за медиумите, на која зборуваше за бројни теми.

Новинарите ја замолија Арина да го коментира ставот на директорот на турнирот во Дубаи, Салах Талак, кој неодамна ја критикуваше славната тенисерка затоа што во последен момент го откажа учеството на тој турнир.

Талак изјави дека ВТА треба да ги заштити турнирите и во иднина да ги казнува ваквите одлуки:

„Да размисли двапати пред да се повлече“.

Нејзиниот одговор не му се допадна на Сабаленка, која му порача на Талак дека и таа ќе размисли двапати – дали некогаш повторно ќе игра таму.

„Сметам дека ова е смешно. Не се покажа баш во најдобро светло. Жално е тоа што директорите на турнирите не се залагаат за поголема заштита на тенисерите. Важни се само за себе и важен им е турнирот и тоа е сè. Коментарот е смешен. Не сум сигурна дека некогаш сакам да одам таму повторно по таков коментар. Моето мислење е дека ова е премногу”, изјави Сабаленка.


Виси настапот на Ѓоковиќ на Ролан Гарос

Откако најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ одлучи да го пропушти Мастерсот во Мајами, САД, од здравствени причини, многумина се прашуваат дали тој ќе игра и на овогодинешниот грен слем турнир, Ролан Гарос.

Познатиот Британец Тим Хенман вели дека не е изненаден што Ноле одлучи да го пропушти турнирот во Флорида:

-Новак долго време избира каде да игра. Ќе биде интересно да се види како ќе се снајде на земјена подлога, која е физички е многу напорна. Има многу прашања. Дали ќе игра пред Ролан Гарос? Дали воопшто ќе игра на Ролан Гарос? Можеби само ќе се фокусира на трева. Којзнае – истакна Хенман.


Ѓоковиќ ќе го пропушти Мастерсот во Мајами

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ нема да учествува на АТП 1000 турнирот во Мајами. Натпреварувањето ќе се одржи од 17 до 29 март.

Триесет и осумгодишниот Ѓоковиќ се откажа поради повреда на десното рамо. Во 2025 година, тој стигна до финалето на Мастерсот, каде што загуби од Чехот Јакуб Меншик.

Претходно на турнирот во Индијан Велс, Србинот загуби во четвртото коло од Британецот Џек Дрејпер (6:4, 4:6, 6:7 (5:7)).

Ѓоковиќ е 24-кратен шампион на Грен слем турнирите. Во кариерата има освоено 101 АТП титула во поединечна конкуренција. Моментално е трет во светот.


Синер по два тај-брејка го освои Мастерсот во Индијан Велс

Италијанскиот тенисер Јаник Синер го победи Русинот Данил Медведев синоќа во финалниот натпревар на турнирот Индијан Велс.

Во меч што траеше 1 час и 58 минути Синер двата сета ги доби на тај-брејк со 7-6 (8-6) и 7-6 (7-4).

Дваесет и четиригодишниот Синер (рангиран број 2 во светот) сервираше 10 аса, направи две двојни грешки и не реализираше ниту една од две брејк топки.

Триесет годишниот Медведев (рангиран број 11 во светот) сервираше седум аса и направи две двојни грешки.

Синер го освои својот шести АТП 1000 турнир. Тој има вкупно 25 титули во кариерата.

Медведев го претрпе својот петти пораз во финалето на Мастерс 1000, освојувајќи шест од нив, и има вкупно 23 титули во кариерата.


Медведев го совлада Алкараз и закажа финале со Синер во Индијан Велс

Данил Медведев и Јаник Синер ќе играат во машкото финале на Мастерсот во Индијан Велс.

Ланскиот победник и актуелен светски рекет број 1, Карлос Алкарас, беше надигран од Медведев со 3-6, 6-7. Медо потсети на своите најдобри игри во кариерата и без загубен сет дојде до финалето.

На Алкарас ова му беше прв пораз во 2026 година и му заврши серијата од 34 победи по ред на тврда подлога на отворено. Русинот после оваа победа се враќа во Топ 10 на АТП листата, а ако го добие и финалето, ќе биде деветти.

Синер без загубен сет е во финалето во калифорниската пустина, во полуфиналето издоминира против Александер Зверев со 6-2, 6-4.

Синер испиша историја и им се приклучи на Ѓоковиќ, Федерер, Надал, Медведев и Мареј на листата на тенисери кои играле финале на сите турнири од Мастерс 1000 серијата.


Сабаленка и Рибакина ќе се борат за трофејот на турнирот на Индијан Велс

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка и претставничката на Казахстан Елена Рибакина обезбедија место во финалето на престижниот турнир Индијан Велс Мастерс, со што ќе се одигра реприза на финалето од 2023 година.

Во полуфиналната пресметка, Сабаленка одигра сигурен натпревар против чешката тенисерка Линда Носкова и славеше со 2-0 во сетови.

Белоруската тенисерка го доби првиот сет со 6-3, а потоа во вториот ја задржа контролата врз мечот и триумфираше со 6-4.

Средбата траеше околу час и половина, а Сабаленка во текот на целиот натпревар ја потврди улогата на фаворит.

Од другата страна, актуелната шампионка од 2023 година Рибакина го совлада украинскиот ас Елина Свитолина, исто така со максимални 2-0 во сетови.

Казахстанската тенисерка до предност стигна по неизвесен прв сет кој го доби со 7-5, а во вториот повторно беше посигурна во клучните моменти и славеше со 6-4.