тенис

Стоилковска поразена на фјучрсот на Брач

Магдалена Стоилковска е поразена во мечот од второто коло на ИТФ фјучрсот на Бол на Брач во Хрватска, што се играше за награден фонд од 15.000 долари. Таа загуби од тенисерка од Чешка Луси Урбанова со 2-0 во сетови (6-1, 7-6/5 за 96 минути игра и успеа да спаси три меч топки, но следната противничката ја реалзираше.

Во меч со два различни сета првиот Стоилковска го загуби лесно и и дозволи на противничката да поведе со 1-0 во сетови. Урбанова на стартот од мечот ги освои првите пет гема за водство од 5-0 во гемови и брзо стигна и до водството со 6-1 во првиот сет.

Во вториот сет имаше многу повеќе резултатска неизвесност, иако тенисерката од Чешка поведе со 3-0. Притоа во првите два гема од вториот сет се играше до 12 поена. Стоилковска негативата успеа да ја анулира во десеттиот гем кога изедначи на 5-5 и притоа ја спаси првата меч топка на противничката. Во дванаесеттиот гем Урбанова повторно дојде овојпат до две меч топки, но македонската тенисерка успеа да го добие гемот и да изедначи на 6-6 и со тоа да се избори за тај брејк.

Во тринаесеттиот гем ново водство за Урбанова од 3-0 во поени, Стоилковска повторно изедначи на 303, а потоа и на 505, но чешката тенисерка успеа да го добие тај брејкот со 705 на поени и со тоа сетот со 706 што значеше победа од 2-0 во сетови.


Надал не победи никого, а се врати побогат за 1,5 милиони долари

Рафаел Надал се врати од Саудиска Арабија со 1,5 милиони долари, без да победи никого на турнирот „Six Kings Slem“.

Најпрво беше надигран од сонародникот Карлос Алкараз, а во мечот за третото место Новак Ѓоковиќ „стави точка“ на нивното ривалство, бидејќи Надал ќе се повлече по Дејвис купот.

Доколку „остане без пари“, што тешко дека ќе се случи бидејќи е еден од најбогатите спортисти на сите времиња, Рафаел Надал ќе може да го продаде златниот рекет што го доби од советникот на кралското семејство на Саудиска Арабија, Турки Ал-Шеик.

По финалниот меч во Ријад, Надал доби подарок што не го очекуваше, бидејќи доверлив човек на кралот Салман му пријде и му подари златен рекет, доказ за богатството на владејачкото семејство.

„Задоволство е што си тука со нас, за тебе имаме мал подарок од „сезоната на Ријад“ и ти посакувам добра иднина во животот“, рече тој, а потоа му го покажа рекетот на Надал кој го остави без зборови.

Таа сцена го воодушеви Надал, кој вети дека нема да го загуби рекетот, и дека ќе го „штити како очите во главата“.

Како што пренесуваат медиумите, рекетот е тежок три килограми и е изработен од чисто злато, па наводно вреди околу 250.000 евра. Нема сомнеж дека Надал ќе го најде вистинското место во својот дом за овој фантастичен подарок, еден од највредните што ги добил во кариерата.


Доминик Тим замина во пензија, освои еден Грен слем турнир и 17 турнири

После тринаесет години професионално играње на тенис во Виена крај на професионалната кариера стави Австриецот Доминик Тим.

Тим беше и третопласиран на АТП листата, а во кариерата имаше 348 победи од кои пет против Новак Ѓоковиќ, освои 17 турнири од кои еден Грен слем, а се прости како 318-ти на ранг листата на АТП.


Диего Форлан го смени спортот, се пријави за настап на тениски турнир

Поранешниот уругвајски напаѓач Диего Форлан, следниот месец ќе игра на професионален тениски турнир во родното Монтевидео, објавија организаторите.

Сега 45-годишниот Форлан, кој ја заврши фудбалската кариера во 2018 година, од неодамна активно се занимава со тенис и има настапувано на неколку турнири за ветерани, но во ноември ќе игра на АТП „челинџерот“ во конкуренција на двојки, а партнер ќе му биде Аргентинецот Федерико Корија, моментално 101-от играч во светот.

Форлан и Корија добија покана од организаторите за турнирот кој од 11 до 17 ноември ќе се одржи во главниот град на Уругвај.

Во текот на својата фудбалска кариера, Форлан забележа 112 настапи и постигна 36 гола за репрезентацијата на Уругвај, со која го освои јужноамериканскиот шампионат во 2011 година, а ги носеше и дресовите на европските гиганти Манчестер Јунајтед, Атлетико Мадрид и Интер.


Лина Ѓорческа брзо елиминирана на турнирот во Шпанија

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го загуби мечот од првото коло на ИТФ фјучрс турнирот во Шпанија што се игра во Лес Франкуесес дел Валес (Барселона) за награден фонд од 100.000 долари (тврда подлога – отворено). Таа загуби од Французинката Наиа Берекоечеа со 2-1 во сетови (6-4, 1-6, 6-2) по 2 часа и 9 минути игра.

Самиот меч имаше неизвесен тек. Во првиот сет првиот брејк го напарви македонската тенисерка и поведе со 3-2 во гемови, но потоа следуваше мини-серија од три гема за противничката која поведе со 5-3. И во следните два гема имаше брејк (одземен сервис), но тоа и донесе водство на Берекоечеа (388.мо место на ВТА) од 1-0 во сетови откако сетот заврши со 6-4.

Ѓорческа имаше целосна контрола над играта и резултатот во вториот сет. Поведе со 4-0 во гемови, а единствениот гем Французинката го освои на свој сервис во петтиот гем од сетот кога беа одиграни рекордни 16 поени. На крајот македонската тенисерка го доби сетот со 6-1 во гемови.

Во решавачкиот сет по 1-1 во гемови имаше три брејка и водство за Берекоечеа од 3-2 во гемови, по кое Французинката ја искористи предноста и ги освои следните три гема и го доби сетот со 6-2 во гемови.

Во следната недела Ѓорческа е пријавена за настап на ИТФ фјучрс турнир во Хамбург, Германија.


Калин Ивановски со пораз се врати по долгата пауза заради повреда

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски во неизвесен меч, во кој нијанси решаваа го загуби дуелот со Словенечкиот тенисер Филип Џеф Планиншек со 2-0 во сетови (7-/5, 6-4) за 104 минути игра. Ова беше прв меч за Ивановски во 2024 година, откако поради повреда пропушти поголем дел од сезоната.

Во текот на мечот двајцата тенисери имаа предност во гемовите кога се наоѓаа на сервис, а единствениот брејк го направи Плаиншек во вториот сет што се покажа и како решавачки, додека во првиот сет се играше тај брејк.

Во првиот сет словенечкиот тенисер имаше постојано водство од гем предност, а во единасеттиот гем Ивановски имаше две брејк топки што не ги искористи при резултат 15/40. Во тај брејкот Планиншек поведе со 5-2 во поени, Ивановски намали на 5-4, но не успеа да се избори за пресврт. Во вториот сет поведе македонскиот тенисер со 1-0 во гемови, но во третиот гем Планиншек го направи единствениот брејк во мечот и предноста ја зачува до крајот на мечот. Ова осoбено што двајцата тенисери во следните неколку гемови сервираа и неколку ас сервиси.


Ѓоковиќ изненадувачки го откажа Мастерсот во Париз

Новак Ѓоковиќ одлучи да не учествува на познатиот Мастерс турнир во Париз кој се игра во салата „Берси“, а на програмата е од 28 октомври до 3 ноември.

Веќе имаше многу прашања за тоа дали Новак Ѓоковиќ ќе настапи на овој турнир, како и дали ќе игра на завршниот Мастерс во Торино, додека веќе е познато дека нема да настапи ниту на турнирот во Белград.

Изгледа како Новак штотуку решил да се одмори и да се подготви за турнирот во Торино со кој ќе ја заврши оваа календарска година.

Да потсетиме, на турнирот во Ријад учествуваше и Новак Ѓоковиќ, каде го освои третото место победувајќи го Рафаел Надал, додека претходно во полуфиналето на овој турнир беше поразен од Јаник Синер.

Пред да отпатува за Ријад, тој играше и на Мастерсот во Шангај, каде стигна до финалето. Ѓоковиќ досега седум пати славеше во Берси.


Енди Мареј освои турнир во голф

Поранешниот светски тениски рекет број еден, Британецот Енди Мареј го освои турнирот во голф BTJA Mike Dickson Golf Day во Хертфордшир.

Турнирот се одржа во спомен на спортскиот новинар Мајк Диксон, кој почина во јануари годинава во Мелбурн додека известуваше од Австралија Опен.

Мареј се преориентира кон голфот откако се повлече од професионалниот тенис ова лето. Мареј во тениската кариера освои три грен слем турнири.


Серена Вилијамс успешно оперирана

Поранешната американска тенисерка Серена Вилијамс објави дека неодамна била оперирана за отстранување на циста на вратот.

„Во мај забележав грутка на вратот и веднаш се консултирав со лекар. Тие направија магнетна резонанца и открија дека е циста. Иако првично не планирав да го отстранам, тој продолжи да расте“, напиша Вилијамс на социјалните мрежи.

Кога цистата достигнала големина на грејпфрут, Серена решила сепак да ја отстрани. „Лекарите ми рекоа дека може да се инфицира или дури да истече, па се одлучив за операција“. Драго ми е што се помина добро и здрава сум“, додаде американската тенисерка.


Ник Кирјиос најави враќање на тениските терени

Австралискиот тенисер Ник Кирјиос најави враќање на тениските терени по пауза од скоро две години.

Кирјиос ќе се врати на теренот на егзибицискиот турнир во декември во Абу Даби. Поранешниот светски рекет број 13 испадна од светската ранг-листа откако беше рангиран како бр. 470 во октомври 2023 година.

Тој одигра само еден натпревар во изминатите две години поради повреди на коленото, стапалото и зглобот.